Македонија
Комисијата за еднакви можности на жените и мажите дебатира за родовиот аспект на климатските промени
Во рамките на проектите за климатски промени, кои Министерството за животна средина и просторно планирање ги спроведува со поддршка на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) и во тесна соработка со Комисија за еднакви можности на жените и мажите, се одржа јавна расправа за родовиот аспект на климатските промени. Климатските политики и родовите политики на државата се амбициозни кога се разгледуваат посебно. Но, споени во една целина ќе овозможат поголема ефикасност при спроведувањето на климатските акции и ќе дадат подобри резултати во разни сектори, соопшти Министерството за животна средина и просторно планирање.
Последиците од климатските промени, како што се поплавите, сушите и лизгањата на земјиштето најмногу влијаат врз сиромашните, беспомошните и оние што се директно во контакт и зависат од природните ресурси за да преживеат. Жените, кои вообичаено имаат најниски приходи во општеството и кои вршат голем дел од неплатената работа во семејството, претставуваат најголем дел од овие ранливи сегменти од населението.
На јавната расправа свое излагање имаше и државниот секретар во МЖСПП, Ана Петровска, која ги образложи напорите на Министерството за животна средина и просторно планирање за донесување и реализација на родово одговорни политики во областа на климатските промени.
Притоа Петровска направи осврт на она што е неопходно да се реализира во наредниот период, но и што сè Владата досега има направено на планот на родово одговорни политики при намалување на влијанието од климатските промени во државата нагласувајќи дека за силно политичко водство е потребна едукација.
Комисија за еднакви можности на жените и мажите ја согледа важноста на оваа проблематика и презема иницијатива и политичко водство за зголемување на информираноста меѓу носителите на политики за родовиот аспект на климатските промени. Претседателка на Комисијата, Даниела Рангелова, потенцира дека жените поседуваат уникатни перспективи и вештини кои се корисни за ефикасна адаптација и ублажување на влијанието од климатските промени, но дека исто така е многу важна помошта што државата ќе биде во состојба да им ја обезбеди за поефикасно надминување на овие негативни ефекти, а истовремено секоја жена влијае и на едукацијата на идните генерации во рамки на секое семејство.
Светлана Цветковска од Министерство за труд и социјална политика посочи дека Министерството за труд и социјална политика активно учествува во креирањето родово одговорни политики и секогаш ги поддржува сите активности на оваа тема, а тоа ќе го прави и во иднина.
„Жените се агенти на промени, жената чувствува поголема потреба за акција во справувањето со климатските промени и поверојатно е дека ќе го промени своето однесување и ќе дејствува“, нагласи Цветковска.
Павлина Здравева, раководител на проектите за климатски промени во чии рамки се иницира оваа проблематика, истакна: „Земјоделството е сектор најранлив на климатските промени. Иднината ќе донесе потопли лета и сè поретко дожд. Ненадејните поројни дождови и град ќе бидат сè почести. Климатските промени носат предизвици, носат ризици. Треба да се адаптираме ако сакаме да опстанеме“.
На работилницата се обрати и консултантот за родова еднаквост, Олгица Апостолова, која образложувајќи ја врската род – климатски промени, истакна: „Пристапите кон климатските промени ќе бидат поефикасни, ефективни и одговорни и ќе обезбедат пошироки бенефити доколку и мажите и жените еднакво се вклучени во креирањето на политиките. Програмите за климатски промени кои се родово слепи се потенцијално штетни за развојот поради тоа што имаат тенденција на влошување на постојната нееднаквост“.
Нацрт-акциски план, кој беше презентиран на јавната дебата, е еден од првите чекори за интегрирање на родовите прашања во климатските промени. Тој предвидува конкретни чекори со кои преку зголемување на знаењето и свесноста на сите релевантни засегнати страни за родовите прашања и за прашањата поврзани со климатските промени, ќе се изградат институционални капацитети за конкретни акции во оваа област и на ниво на креирање политики и на нивна имплементација.
Во рамките на јавната расправа беше прикажан документарниот филм „По дождот“, кој портретира 4 жени – земјоделки, на возраст меѓу 40 и 80 години. Иако потеклото не им е исто, секоја има свој став кон начинот на кој ја обработуваат земјата. И покрај тоа, сите тие доживуваат исти стравови и предизвици поврзани со климатските промени.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сиљановска-Давкова: Состојбата е стабилна и нема опасност по безбедноста
Не сме изложени на нестабилност и нема опасност по безбедноста внатре и во регионот. Систем за предупредување постои, институциите ја следат состојбата, се координираат и оттаму е оваа оценка за стабилност и безбедност, изјави претседателката Гордана Сиљановска-Давкова по седницата на Советот за безбедност на која на дневен ред беше безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.

Таа додаде дека институциите ќе продолжат да ја следат состојбата.
-Координирани сме и со органите во регионот и ќе споделиме информации, најави претседателката Сиљановска – Давкова.
Претседателката Сиљановска Давкова е претседател на Советот за безбедност, а на седницата присуствуваа и членовите на Советот за безбедност: претседателот на Собранието Африм Гаши, претседателот на Владата Христијан Мицкоски, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, министерот за одбрана Владо Мисајловски како и експертите Џевдет Хајредини, Малинка Ристевска Јорданова, и Владо Спиридонов. Министерот за надворешни работи и надворешна трговија,Тимчо Муцунски, кој е на пат за САД, на седницата беше вклучен преку видеоврска.

На седницата присутни беа и директорката на Агенцијата за разузнавање, Габриела Јаковлева, директорот на Агенцијата за национална безбедност, Бојан Христовски и началникот на Генералштабот, генерал – мајор Сашко Лафчиски.
Македонија
Повеќе од 150 македонски државјани побарале помош од амбасадите во Тел Авив, Доха и Абу Даби за евакуација
Расте бројот на македонски државјани кои пријавуваат дека се затечени во загрозените подрачја на Блискиот Исток. Од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информираат дека досега повеќе од 150 македонски државјани, ги контактирале амбасадите во Тел Авив, Доха и Абу Даби, околу можностите за евакуација.
Со сите нив се одржува постојан контакт и доколку се пријават за евакуација ќе се преземаат подготвителни активности за евентуална асистенција за нивно безбедно враќање, наведуваат од МНР.
– Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, преку дежурниот телефонски број и преку дипломатско-конзуларните претставништва, и понатаму останува целосно на располагање на граѓаните. Уште еднаш ги повикуваме сите наши државјани кои се наоѓаат во земјите од регионот доследно да ги почитуваат упатствата и насоките на локалните надлежни безбедносни органи, велат од Министерството.
Поради ситуацијата на Блискиот Исток, во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија од вчера функционира кризен штаб кој е на 24 часовно располагање на граѓаните за сите информации.
За дополнителни информации и помош, на располагање се:
СОС дежурен телефон (МНРНТ):
075/273-732
Амбасада на Република Северна Македонија во Доха
Тел: +974 50 173 111
Амбасада на Република Северна Македонија во Абу Даби
Тел: +971 56 441 7532
Амбасада на Република Северна Македонија во Тел Авив
Тел: +972 54 500 8566
Тел: +972 54 967 0546.
Македонија
Малолетник сакал да се самоубие, МВР го спречи постапувајќи по објава оставена на социјалните мрежи
Секторот за компјутерски криминал при Министерството за внатрешни работи интервенираше навремено откако беше забележана објава на социјалните мрежи што укажуваше на можност за самоубиство од страна на малолетен корисник.
Полицијата веднаш ги презеде сите неопходни мерки за утврдување на идентитетот и локацијата на лицето, кое за кратко време беше пронајдено. Малолетникот е во добра состојба, а родителите се известени и запознаени со понатамошните чекори за негово ментално здравје.
Овој настан уште еднаш ја нагласува важноста од внимателно следење на однесувањето на младите во дигиталниот простор. Родителите треба редовно да комуницираат со своите деца, да се интересираат за нивните активности на социјалните мрежи и да реагираат веднаш при забележување загрижувачки објави или несвојствено однесување – апелираат од Секторот за компјутерски криминал.
Апел е упатен и до пријателите, соучениците и сите корисници на социјалните мрежи: доколку забележат објави што упатуваат на самоповредување, безнадежност или најави за самоубиство, веднаш да ги искористат механизмите за пријавување на платформата или да известат родител, наставник или најблиска полициска станица.
-Навремената реакција може да спаси човечки живот. Секторот за компјутерски криминал ќе продолжи со засилени активности за рано откривање и превенција на ризични појави во дигиталниот простор, велат од МВР.

