Македонија
Историската комисија: Членовите од македонска страна се предмет на злоупотреба во двете држави
Работата на Комисијата и членовите од македонска страна е предмет на злоупотреба од страна на најодговорните фактори во двете држави – политичарите (како од власта, така и од опозицијата), стручната јавност, како и од страна на голем дел од медиумите со нивното непрофесионално известување, повторно, како и секогаш, кога политичките односи меѓу Северна Македонија и Бугарија се влошуваат или се наоѓаат пред голем предизвик да се надминат анахроните и апсурдни барања на официјална Софија, реагираат од билатералната мултидисциплинарна експертска Комисија за историски и образовни прашања.
„Поради големиот број дезинформации и лаги пласирани во јавноста изминативе денови, би сакале да информираме дека:
1. Комисијата никогаш не разговарала и не усогласувала предлог-текстови доставени до владите, со цел тие да бидат испишани на споменици, споменични обележја или тврдини, како што е тоа наведено во манипулативниот текст на порталот „Бгнес“, кој речиси сите медиуми во Северна Македонија го пренесоа, без притоа да побараат информации од членовите во Комисијата за да се провери точноста на информацијата и да се консултира нивното мислење во однос на ова прашање. Таквиот начин на информирање нема цел јавноста да дознае што се случува со работата на Комисијата и да се пренесат погледите на сите страни вклучени во процесот, туку да се злоупотреби нејзината работа за политички цели. Текстовите што досега се усвоени од страна на Комисијата се предлози до двете влади за заедничко чествување одредени личности, а не објаснувачки текстови за споменични обележја, споменици и тврдини и тие не смее да бидат искористени за таа цел. Исто така, крајно неодговорно е овие непроверени и неточни информации во поглед на намената и содржината на усвоените текстови за заедничко чествување од страна на Комисијата да бидат користени од претставници на политички партии и носители на функции за да собираат политички поени и да создаваат слика за себе како за бранители на националните интереси на сметка на Комисијата, која наводно работела во тајност, без нивно знаење. Особено кога за нашата работа редовно е информирана јавноста и истите тие политичари се дел од власта и може или можеле да ги имаат на увид сите усвоени препораки на Комисијата во однос на заедничките чествувања и учебниците по историја. Исто така, уверени сме дека и опозицијата е запозната со сите досегашни решенија на Комисијата и како и власта знае дека во нив нема ништо спорно и ништо со што би се загрозиле историскиот идентитет на македонскиот народ и дигнитетот на сите граѓани на Северна Македонија.
2. Комисијата од македонска страна никогаш не прифатила ниту, пак, ќе прифати да биде алатка на политиката или, пак, да работи според политички инструкции, со што таа би прераснала во политичко тело за цензура, а не експертско тело, кое има цел да помогне да се надминат споровите за минатото, а кои се злоупотребуваат за политички цели. Комисијата е формирана врз основа на договорот за добрососедство и пријателство, но нејзината работа се води според правилникот, кој двете страни заеднички го усвоија на првата средба на Комисијата во 2018 година и во кој нема ниту еден елемент ниту една точка што Комисијата би ја претворила во тело што ја одредува историската вистина. Поради тоа, сакаме да укажеме дека секое нејзино подредување и потчинување на политички потреби на една или друга влада или политичка партија ќе значи и крај на постоењето на Комисијата.
3. Неопходно е професионално и одговорно однесување на сите фактори во општествениот и политички живот со цел да не се манипулира со чувствата на граѓаните, да не се поттикнува несигурност, и уште поважно, да не се поттикнуваат поделби внатре во општеството, како и меѓу самиот македонски народ,. Патриотизмот не е и не смее да биде алатка за постигнување лични цели и градење лични политички кариери, кои во нашата кратка историја на независноста не служеле како ништо друго, освен како средство за стекнување лична материјална корист.
На крајот, апелираме прашањата што се однесуваат на работата на Комисијата од македонска страна да бидат проверувани со нас, а за прашањата во однос на тоа каква ќе биде улогата на Комисијата во евентуални нови протоколи меѓу двете земји ќе се изјасниме доколку тие бидат официјално усвоени од владите на Северна Македонија и Бугарија“, е наведено во писмената реакција од билатералната мултидисциплинарна експертска Комисија за историски и образовни прашања.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.
Македонија
МНР ги повика македонските државјани заглавени во ОАЕ да се јават во амбасадата во Абу Даби
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, имајќи ја предвид актуелната безбедносна состојба, Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби, во координација со локалните власти во Обединетите Арапски Емирати, активно работи на финализирање на деталите околу организацијата на комерцијален лет за евакуација на македонските државјани.
Се повикуваат сите граѓани кои се заинтересирани за евакуација, а сè уште не се пријавиле, во најкраток рок да стапат во контакт со Амбасадата во Абу Даби преку следните контакти:
Телефон: +971 56 441 7532
Е-маил: [email protected]
„Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Пријавените лица навремено ќе бидат информирани за понатамошните чекори и условите за безбедна реализација на евакуацијата“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos
Македонија
(Фото) Руте во посета на Армијата: Дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес во касарната „Илинден“, Скопје, оствари посета на Армијата, која се реализира во рамки на неговата официјална покана на Македонија.
Генералниот секретар беше пречекан од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Во рамките на посетата, генералниот секретар се обрати пред припадниците на Армијата истакнувајќи го придонесот што нашата држава го прави во рамки на Алијансата.
„Вие навистина дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили (Forward Lend Forces)“, истакна Руте, потенцирајќи „со тоа се грижите навистина да ја одбраниме секоја педа од територијата на Алијансата“.

За време на посетата беше извршена смотра на построените единици, како и на опремата и средствата со кои располагаат Лесната пешадиска баталјонска група и декларираните единици од составот на Баталјонот на специјални сили.
Во знак на признание за придонесот во зајакнувањето на соработката и поддршката на Армијата на Република Северна Македонија во рамки на Алијансата, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски му додели Голема плакета на Армијата на генералниот секретар на НАТО.

На настанот присуствуваа генерали на Армијата и претставници од Армијата и Министерството за одбрана.

