Македонија
Комисијата против дискриминација ќе го следи новиот начин за достава на решенијата за изолација
По поведената постапка од страна на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД), а во поглед на објавата во медиумите дека Државниот здравствен и санитарен инспекторат (ДСЗИ) на својата веб-страница јавно ќе ги објавува имињата, презимињата и адресите на новозаразените од коронавирус, денес беше одржана средба меѓу двете институции.
На средбата претставниците на ДСЗИ посочија дека системот за процесирање и достава на решенијата за изолација е обемен и застарен, а тоа создава многу проблеми во пракса. Ситуацијата станала дополнително комплицирана со новиот зголемен бран на новозаразени и скратувањето на роковите за изолација.
Претставниците на ДСЗИ посочија дека веќе се разгледани најголемиот број опции за поефикасно доставување на решенијата и дека во соработка со ИТ-компанија дискутиран е нов електронски систем на доставување на решенијата за изолација.
При креирањето на овој систем претставниците на ДСЗИ посочија дека ги консултирале професори од Правниот факултет и стручни лица од Агенцијата за заштита на личните податоци, што значи дека системот ќе ги земе предвид позитивните законски прописи за заштита на личните податоци.
На крајот на средбата двете институции заклучија дека ќе бидат во постојана комуникација со цел спречување евентуална дискриминација со примена на овој начин на објава и достава на решенијата за изолација. КСЗД ќе биде во тек и ќе ги следи наредните чекори во насока на решавање на овој проблем и доколку предложениот концепт нема да содржи елементи на дискриминација, тој ќе го поддржи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Променливо облачно време со дожд за Божик, на планините снег
Времето денес променливо облачно со врнежи од дожд, кои локално ќе бидат пообилни (над 25 l/m²), особено попладне и во текот на ноќта.
На планините врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува засилен ветер од јужен правец (над 60 km/h). Максималната температура ќе биде во интервал од 10 до 16 степени, јавува УХМР.
Во Скопје, променливо облачно со повремен дожд, особено кон крајот на денот и во текот на ноќта. Ќе дува умерен ветер од јужен правец. Максималната температура ќе достигне до 12 степени.
Македонија
Денеска е Божик – денот на христовото раѓање
Православните христијани во светот, во Македонија и црквите кои се раководат по Јулијанскиот календар денеска го слават Рождеството Христово – Божик. Во сите храмови на Македонската православна црква изутрината се одржуваат божикни литургии.
Божик е денот на Христовото раѓање според христијанската традиција. Тоа е втор најголем празник во христијанството, по Велигден. Денеска воедно завршува 40-дневниот пост и овој ден се прославува со богата трпеза со мрсни јадења.
Со Божик е поврзана и поговорката: „Пред Божик зад Божик кај да си, дома да си” што има двојно значење: за време на големиот празник треба да се биде во кругот на семејството и тука да се слушне и да се прослави радосната вест за раѓањето на Спасителот, но не е на одмет да се потсети дека во најстудениот период од годината, сепак најпријатно и најбезбедно е во сопствениот дом.
На Божик се оди во црква и се врши причестување со земање нафора и вино, кои ги симболизираат Исусовото тело и крв. По овој чин луѓето смеат да се омрсат. Се подготвува богата софра, на која скоро задолжително било свинското месо. На денот на Христовото раѓање, по одењето во црква луѓето се веселеле, играле и пееле среде село. Божик, според црковниот календар, се празнува три дена.
Вториот ден е Соборот на Света Богородица, а третиот е Свети Стефан првомаченик.Во некои краеви на овие празници, луѓето што го носат името Божидар, Божо, Бошко и сл. слават именден на Божик, а Стефан, Стојан, Стојче слават на Св.Стефан.
Од Божик почнуваат 12-те таканаречени некрстени или нечисти, погани денови, кои траат сè до пред Водици, денот кога Исус бил крстен. Се верува дека во овие денови се движат зли духови, караконџули, вампири, вештерки и сл. кои ги загрозуваат безбедноста и сигурноста на луѓето. Затоа од Божик до Водици, луѓето со себе носеле најразлични амајлии – апотропејски средства со кои се заштитувале од злите духови, како што се лук, пелин, сол.
Македонија
Следува променливо облачно време со повремени врнежи од дожд и снег
Времето утре ќе биде променливо облачно со врнежи од дожд, кои локално ќе бидат пообилни (над 25 l/m²), особено попладне и во текот на ноќта. На планините врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува засилен ветер од јужен правец (над 60 km/h).
Минималната температура ќе биде во интервал од 7 до 12, а максималната ќе достигне од 10 до 17 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремен дожд, особено кон крајот на денот и во текот на ноќта. Ќе дува умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе се спушти до 8, а максималната ќе достигне до 14 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на циклонска активност во следните денови времето ќе биде променливо облачно со повремени врнежи од дожд, а на планините од снег. Поради продор на постуден воздух и засилен северен ветер во четврток врнежите ќе преминуваат во снег на повисоките и во некои од пониските места.
На планините во западните делови ќе се формира нова снежна покривка, а помала покривка се очекува и во пониските места. Во петок ќе има преодно стабилизирање на времето, а во деновите од викендот, особено во сабота повторно ќе има локални врнежи од дожд и снег, кои наместа ќе бидат пообилни. Температурите ќе бидат во опаѓање.

