Македонија
Комисијата за заштита од дискриминација: Во нaјголем дел од претставките подносителите не ја наведуваат основaта за дискриминација
Во првите пет месеци новата Комисијата за спречување и заштита од дискриминација постапува по 90 претставки. Од нив, 78 се преземени од претставките поднесени до поранешната Комисија за заштита од дискриминација, а другите 12 се поднесени до Комисијата основана во согласност со новиот закон.
Од вкупниот број разгледувани предмети, 25,5 отсто се поднесени од жени, 35,5 отсто од мажи, 32,2 отсто се поднесени од правни лица, а 6,8 отсто се поднесени од група граѓани. Анализирајќи го и местото на живеење на подносителите, се гледа дека околу 45 отсто живеат во Скопје, а преостанатите се од другите градови на земјата.
Анализите за пријавената основа на дискриминација не може да се спроведат бидејќи во голем дел од претставките поднесувачите не ја пријавуваат основата додека од содржината на претставката таа не може да се утврди. Комисијата планира да го надмине овој предизвик преку креирање образец, што потоа ќе се внесува во базата на податоци што ќе ги обработува сите релевантни параметри за анализа на состојбата со дискриминацијата во земјата.
Комисијата за над 40 отсто од претставките испратила допис за изјаснување до потенцијалниот дискриминатор, околу 22 отсто од претставките биле отфрлени поради ненадлежност, 5,5 отсто биле отфрлени поради неуредност и покрај испратените дописи за дополнително уредување, а за други претставки сѐ уште се работи на анализа на содржината поради нивната обемност.
Новиот Закон за спречување и заштита од дискриминацијата отвора можност на барање на странката или по сопствена иницијатива КСЗД да поднесе барање до судот да дејствува како пријател на судот (amicus curiae). Оваа можност е искористена во март 2021 година кога Хелсиншкиот комитет за човекови права достави барање до КСЗД за вклучување во судска постапка во случај поврзан со системска дискриминација врз лицата со попреченост во однос на пристапноста до и во избирачките места.
КСЗД во април 2021 го изготви и своето прво стручно мислење по предлогот за воведување на категоријата етничка припадност во личните карти, содржан во предлог-законот за измени и дополнувања на Законот за личните карти, информираат од Комисијата.
Комисијата во првите месеци од своето работење потпиша меморандуми за соработка со Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Мрежата за заштита од дискриминација, како и Амбасадата на Велика Британија. Со овие меморандуми ќе се унапреди работата на Комисијата и ќе се спроведуваат активности од заеднички интерес.
Првите месеци од работењето на новата Комисија за спречување и заштита од дискриминација беа одбележани со бирократски пречки, но сепак таа успеа да ги исполни сите свои законски надлежности, наведуваат од Комисијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Капиштец повеќе од шест часа без вода, дефект кај Цветен пазар ја поплавува улицата Народен фронт
Жителите на делови од скопски Капиштец повеќе од шест часа останаа без вода за пиење.
Кај Цветен пазар вечерва е забележан багер и ископана е голема дупка, додека во близина тече вода по коловозот.
Засега е познато дека станува збор за уличен дефект, но не е соопштено кога состојбата ќе биде целосно нормализирана.
„Поради уличен дефект на водоводна цевка Ф100мм на улица Народен Фронт 5 до цветен пазар, со прекинато водоснабдување ќе бидат дел од корисниците на улицата Васил Ѓоргов и Народен Фронт од бр.5 до бр.21“, велат од ЈП Водовод и канализација.
Од претпријатието попладнево известија дека водата кај корисниците е сопрена во 13.30 часот и ќе остане така се’ до поправка на дефектот. Жители на Капиштец за „Макфакс“ велат дека кога прашале кога ќе биде пуштена водата, од службата за известување во „Водовод“ им кажале дека нема изгледи оти ќе го поправат дефектот денес.
Македонија
Во подготовка закон за високите раководители во управата – професионализација наместо партизација
Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, оствари работна средба со Петер Ваги, виш советник во OECD/SIGMA, на која беа разгледани клучните реформски процеси во областа на јавната администрација, со посебен акцент на подготовката на Законот за високите раководители на органите на државната управа и фондовите, како и на Закон за организација и работа на органите на државната управа (ЗОРОДУ).
На средбата се дискутираше за принципите на професионализација, мерит систем, транспарентност и отчетност во именувањето и управувањето со високите раководни структури во државната управа, како и за потребата од јасно разграничување на надлежностите, унапредување на координацијата и зголемување на ефикасноста во функционирањето на институциите преку новото законско решение за организација и работа на органите на државната управа.
Министерот ја истакна важноста од континуираната експертска поддршка од страна на OECD/SIGMA во процесот на подготовка и усогласување на законските решенија со европските стандарди и добри практики.
„Реформата на јавната администрација претставува еден од нашите врвни приоритети. Со Законот за високите раководители поставуваме јасни, транспарентни и професионални критериуми за избор и одговорност на раководниот кадар. Нашата цел е администрација која работи во служба на граѓаните, заснована на знаење, интегритет и резултати“ истакна министерот.
Од страна на претставникот на OECD/SIGMA беше изразена подготвеност за натамошна поддршка, со цел обезбедување усогласеност со принципите на добро управување и европските административни стандарди.
Министерството за јавна администрација останува посветено на спроведување сеопфатни и одржливи реформи, насочени кон јакнење на институционалниот капацитет, департизација и зголемување на довербата на граѓаните во јавните институции.
Македонија
Забрана за камиони кај Стража поради снег
Од 17:00 часот е воведена забрана за тешки товарни возила на патниот правец Гостивар-Стража-Кичево и обратно.
Од АМСМ информираат дека забраната е поради обилни врнежи од снег и задржување на коловозот.

