Македонија
Комплексот кај „Холидеј ин“ ќе биде зелен и урбан според светските еколошки стандарди, тврди инвеститорот
На онлајн прес-конференција денеска компанијата „МГ Фешн“, која е инвеститор на комплексот на парцелата 1.1 спроти хотелот „Холидеј ин“, јавно го презентираше проектот „Гранд Скопје“, осврнувајќи се на највисоките архитектонски, урбанистички и еколошки стандарди по кои ќе се градат објектите.
Како што истакнаа од „МГ Фешн“, целта на прес-конференцијата беше точно, вистинито и транспарентно да се информира јавноста за отпочнувањето на градба на комплексот, како одговор на големиот број оспорувања во јавноста, но и визуелните прикази кои циркулираа, а воопшто не кореспондираат со неговата вистинска слика и вредност.
Архитектот и управител на „МГ Фешн“, Илија Божиновски, објасни дека станува збор за станбено-деловен, зелен и урбан комплекс по врвни светски еколошки стандарди со многу зеленило, многу јавни содржини и истиот целосно ќе го модернизира срцето на Центар. „Идејата е овој комплекс да претставува ново обележје на градот, нов, модерен и зелен центар на Скопје, кој ќе биде гордост на скопјани“, истакна Божиновски и воедно изрази благодарност до жителите на Ново Маало кои даваат полна поддршка за реализација на проектот.
На прес-конференцијата се обратија и архитектите Јана Гугуловска-Ѓорѓевиќ и Мартин Пановски од архитектонското студио „Радиус архитекти“, чии идејни решенија ќе се реализираат во проектот „Гранд Скопје“.
Тие ги презентираа деталите на комплексот и објаснија дека се работи за модерни објекти кои ќе се градат во 3 фази: во првата фаза еден станбено-деловен објект од 20 ката; во втората уште еден станбено-деловен од 22 ката, а во третата фаза деловен и комерцијален простор од 16 ката. Воедно, ги претставија и урбанистичките параметри на проектот наспроти она што го дозволува важечкиот Детален урбанистички план. Имено, согласно идејниот коцепт вкупната површина за градба е 9.165 м2, а бруто-развиена површина е 89.627 м2, наспроти 13.654 м2 површина за градба и 200.000 м2 бруто-развиена површина, колку што дозволува ДУП-от. Максималната височина на планирана градба изнесува 81.20м, иако согласно зададените урбанистички параметри во актуелниот ДУП истата изнесува 180 м.
Во контекст на ова, архитектата Гугуловска-Ѓорѓевиќ потенцираше дека во комплексот тројно е намалена катноста, односно максималната планирана катност е 22 ката, наспроти 60-те ката кои ги дозволува ДУП-от, и додаде дека ќе бидат обезбедени 969 паркинг-места, наспроти потребите 957 според ДУП-от и 30 паркинг-места за лица со посебни потреби.

Архитектот Пановски, пак, во своето излагање даде одговор на најчесто изнесуваните невистини во јавноста во врска со бетонизацијата на Скопје и објасни дека проектот значително го надминува законскиот минимум од 20% зеленило од парцелата и во истиот се предвидени 6.520 м2 зелени површини, каде не се вкалкулирани вертикалните градини кои се дел од идејните решенија.
„Проектот ги следи светските трендови на објекти со т.н. архитектонски биодиверзитет, фокусирајќи се не само на луѓето како живи битија, туку и на нивниот однос со останатите живи организми. ‘Гранд Скопје’ не само што е целосно еколошки и енергетско ефикасен проект за заштита на животната средина, изработен според високи еко стандарди и согласно Законот за урбано зеленило и Правилникот на Општина Центар, туку ќе претставува вистинска зелена оаза во центарот на Скопје, комплекс целосно отворен за граѓаните“, рече тој.
Според идејните решенија, зеленилото во парцелата е сочинето од партерно зеленило (мешано зеленило – ниско со високо), високо зеленило – дрвореди, зелени кровни градини и зелени вертикални градини, кои се градат за прв пат кај нас, ќе бидат проектирани по светски стандарди, со посебен систем за одржување и наводнување, истовремено овозможувајќи им на жителите чувство на пријатност и приватност во урбаната средина и концепт.
На крајот, Божиновски се осврна и на нивната визија за иден развој и инвестиции кои компанијата ги планира во интерес на граѓаните и заедницата. Тој објасни дека МГ ФЕШН нуди соработка на Општина Центар и е подготвена на парцелата 1.4 да инвестира во урбан јавен простор на површина од 7.332 м2 (приближно колку Плоштад Македонија), со разновидно парковско зеленило налик на светските уредени урбани паркови и простори оплеменети со современа фонтана и урбана смарт опрема. Дополнително, МГ ФЕШН преку соработка со Град Скопје, Шумарски факултет, зелени организации е подготвена да изготви решение и да инвестира во обновување на делот од Кејот 13 Ноември кој се протега по должината на локацијата.
„МГ Фешн“ е македонска компанија основана од 2007 која работи како франшизер на повеќе светски модни брендови и како сосопственик на групацијата „Фешн груп“ каде се вработени 280 лица. „МГ Фешн“ делува и во градежниот сектор. За транспарентноста, како и посветеноста на квалитетот на работата на „МГ Фешн“ сведочат не само многуте успешно реализирани проекти, туку и локалните и светски-реномираните соработници како EBRD, Комерцијална банка, Chapman Taylor, Laguarda Low и многу други. Еден од позначајните проекти на компанијата во сегментот развој на недвижнини е и Скопје сити мол (СЦМ), инвестиција вредна 100 милиони евра, со годишен промет од 130 милиони евра од кои во државниот буџет на годишно ниво се слеваат 30 милиони евра по основ на даноци. СЦМ вработува 2,800 лица. СЦМ е идеален пример за трансформативната моќ на внимателно планираниот урбан развој, кој на општина Карпош ѝ даде една нова димензија на општествено функционирање. „МГ Фешн“ планира искуството од овој проект да го примени во разубавување на центарот на метрополата. Замислата за проектот „Гранд Скопје“ е во истиот дух, да го претвори запоставениот, руиниран простор во центарот на градот во нов “downtown”, урбан, зелен и модерен комплекс кој е еколошки и енергетско ефикасен.
(ПР)
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Напуштањето миленик да стане кривично дело, пет од шест заловени кучиња имаат сопственик, велат од „Анима Мунди“
„При едно неодамнешно заловување, во текот на само еден ден, по женка во циклус, од шест заловени кучиња од страна на ЈП Лајка, дури пет биле со сопственик. Сопствениците дошле да ги подигнат од стационарот. Овој податок е алармантен и укажува на клучен аспект од каде извира проблемот, истакнуваат од Здружението за заштита на животни „Анима Мунди“.
Овој пример, како што велат, не значи дека тоа е единствениот извор на проблемот, туку претставува јасен доказ „во мало“, видлив во пракса.
Според нив, неодговорното сопствеништво, заедно со појави како дислокација на кучиња и континуиран прилив на животни од различни страни, суштински ја нарушуваат програмата и создаваат состојба во која станува речиси невозможно ефикасно да се контролира и сузбие.
„Наместо постепено намалување на бројот на бездомни кучиња, овие фактори постојано го обновуваат и продлабочуваат проблемот, поништувајќи ги напорите на институциите и службите на терен.
Додека ЈП Лајка троши ресурси за заловување, стерилизација и згрижување, паралелно се создава нова генерација кучиња што повторно ќе завршат на улица – слободно пуштени, репродуктивно способни и оставени без надзор. Без санкции, без контрола и без лична одговорност, системот ги третира само последиците, но не и причините за проблемот.
Истовремено, во последните 4,5 месеци сe почесто сведочиме на дислокација на кучиња- префрлање од една општина во друга, организирано префрлање на топката наместо вистинско решавање. Таквите дејствија, кои ги сметаме за координирани, дополнително ја продлабочуваат кризата и покажуваат дека, покрај неодговорното сопствеништво, постои и сериозен проблем со организирано исфрлање животни на туѓа територија, со фокус на град Скопје“.
Фактот,мкако што додаваат, дека пет од шест заловени кучиња имаат сопственик е директен доказ дека проблемот не може да се реши без строга законска регулација.
Од „Анима Мунди“ посочуваат дека се потребни сериозни, неизбежни и доследно применувани казни за неконтролиран расплод, за пуштање кучиња без надзор и за напуштање животни.
Предлагаат и бараат, напуштањето миленик да стане кривично дело.
„Во повеќе европски држави напуштањето животно се третира како кривично дело со можност за високи парични казни и затворска санкција (Хрватска, Франција, Португалија). Со тоа државата јасно порачува дека оставањето миленик на улица не е „лична одлука“, туку општествено штетно и казниво дејствие. Напуштеното животно е неодговорност што има директни последици врз јавната безбедност, буџетите на општините и благосостојбата на животните.
Иницијативата за криминализација на исфрлањето миленик на улица, вклучително и оставање мали кучиња, електронски ја имаме доставено до Министерство за правда Министерство за внатрешни работи, Владата на РМ и Агенција за храна и ветеринарство“.
Очекуваат институционален одговор и конкретни законски измени, како и што поскора измена на Законот за заштита и благосостојба на животните кој е во процедура.
Животните, посочуваат од здружението, не се виновни што се на улица.
„Не е решение да се убиваат животните. Решението е да се спречи создавањето нови напуштени животни – а тоа може да се постигне само ако одговорноста стане реална, лична и најстрого санкционирана.
Ако сакаме системско решение, системот мора да се промени. Законот мора да го спречи проблемот пред да се појави и оневозможи неодговорност без последици. Затоа што систем што толерира напуштање создава страдање. А само систем што казнува неодговорност, може да создаде ред“.
Македонија
Авионот е користен согласно прописите, за секој лет постојат документи, велат од Владата
Јавно и недвосмислено укажуваме дека владиниот авион е користен исклучиво во согласност со прописите и актите за негово користење, согласно Правилникот за условите и начинот на користење на истиот. Секое користење е евидентирано, документирано и предмет на институционална контрола, велат од Владата, по обвинувањата од опозицијата дека премиерот и министри го користеле авионот за приватни цели.
Од Владата велат дека ниту една активност не е надвор од утврдените процедури, ниту постои каква било форма на злоупотреба.
„Особено е симптоматично што опозицијата свесно ја игнорира хуманитарната и државничка димензија на користењето на авионот во ситуации од итен карактер. Јавноста добро знае дека истиот воздухоплов беше ставен во функција на спасување човечки животи, меѓу другото и при транспорт и координација на активности поврзани со повредените од трагичниот пожар во Кочани. Загрижува фактот што истата политичка структура која денес обвинува, во минатото го користеше владиниот авион за патувања кои останаа длабоко контроверзни во јавноста, вклучително и летови до Ниш, во тоа време од патувањата со владиниот авион гледавме фотографии и изјави со кои се манипулираше јавноста“, велат од Владата.
Од таму додаваат дека денешните обиди за морализирање од страна на истите актери претставуваат класичен пример на политичка хипокризија.
„Кога беа на власт, ги уриваа стандардите на отчетност, ги злоупотребуваа службените ресурси до максимум, а никогаш не иницираа суштински реформи напротив, токму во нивниот период на владеење, јавноста беше сведок на безброј злоупотреби. Владата останува цврсто посветена на принципите на законитост, отчетност и транспарентност. Секој надлежен орган има право и обврска да изврши увид и контрола, и ние немаме што да криеме. За разлика од политиката на сензационализам и конструирани афери, наш приоритет остануваат конкретните резултати, заштитата на јавниот интерес и унапредувањето на меѓународната позиција на државата“, пишува во реакцијата.
фото/Depositphotos
Македонија
Собраниска делегација на состаноци на ПС на НАТО во Брисел: разговарано за состојбата со безбедносните ризици во Европа
На традиционалните „Февруарски состаноци”, на кои седници одржуваат повеќе комитети на ПС на НАТО, во Брисел, Кралството Белгија, учествува Делегацијата од Собранието на Република Северна Македонија во Парламентарното собрание на НАТО.
Состаноците се предвидени за учество само за постојаните делегации од националните парламенти на земјите членки на НАТО, со главна цел за продлабочување на дијалогот во НАТО институциите, размена на искуства и анализирање на актуелните безбедносни предизвици и јакнење на солидарната сојузничка одбрана.
Од Собранието на Република Северна Македонија учествува Делегацијата во ПС на НАТО, во состав од пратениците: Драган Ковачки, шеф на делегацијата, членката Славјанка Петровска и заменик-членот Илир Хасани.
На состанокот со Северноатлантскиот совет, со кој заеднички претседаваа претседателот на Парламентарното собрание на НАТО, Маркос Перестрело и заменик-генералната секретарка на НАТО, Радмила Шекеринска, учествуваа шефовите на националните парламентарни делегации.
Во обраќањата и дискусиите беше истакнато дека НАТО, соочен со безбедносни предизвици, останува камен-темелник и гарант на колективната одбрана и заедничките демократски вредности, а посветеноста на земјите членки содржана во Договорот од Вашингтон и понатаму ќе ги чува граѓаните безбедни. Обврските од Самитот на НАТО во Хаг се историски во контекст на јакнењето на Алијансата, а сега, во предвечерјето на Самитот на НАТО во Анкара, тие треба да се финализираат со највисока стапка на реализација. Беше подвлечено дека и покрај разликите низ децениите, Европа и Северна Америка успеваат да најдат заеднички јазик за отворените прашања. Парламентарците се согласија да продолжат со поддршката за Украина и да работат заедно на мировен договор со цврсти гаранции и спречување на идни деструктивни дејствија.
За време на состаноците во комитетите, беа дискутирани прашања поврзани со: одбраната и безбедноста на секој метар од евроатлантскиот простор; за руските и кинеските предизвици по евроатлантската безбедност; за хибридните закани и НАТО во контекст на стратешко планирање; за НАТО партнерствата како витален и важен дел од политиката на Алијансата; за визиите кон НАТО 2035, како и за напорите на ЕУ и НАТО во развој на одбранбената индустрија и безбедносните капацитети и улогата на парламентот во процесите на одлучување. Се разговараше и за состојбата со безбедносните ризици во Европа, стратешките приоритети на Алијансата и важноста на колективната одбрана во контекст на новите глобални предизвици.
Парламентарците имаа можност да се вклучат во директна дебата со повеќе истакнати и реномирани говорници, а им се обратија и белгискиот министер за одбрана и надоврешна трговија, Тео Франкен, заменик-генералниот секретар на НАТО, Џејмс Апатураи и заменик-шефот на НАТО претставништвото во Украина, Петер Хауге Берг.
Учеството на Делегацијата на овој настан претставуваше значајна активност во зајакнувањето на парламентарната дипломатија и поддршката за реформските чекори во глобалните динамични процеси, кои се од суштинско значење за нашата земја како членка на НАТО.

