Македонија
Комунални редари на терен ќе ги едуцираат скопјани како се користат полуподземни контејнери

Комуналните редари на Град Скопје во наредниот период ќе ги едуцираат граѓаните како правилно да го одлагаат отпадот во новите полуподземни контејнери кои се поставени на улицата Никола Русински, зад ТЦ „Лептокарија“, во Карпош 3.
Градот пред два дена почна пилот-проект за тестирање нов вид контејнери за отпад од домаќинствата – полуподземни контејнери.
На улицата Никола Русински се поставени 6 вакви контејнери, од кои 2 се со капацитет од 3 кубни метри, а 4 се со капацитет од 5 кубни метри.
Градските власти објаснуваат дека овие контејнери имаат предности во однос на другите садови за отпад бидејќи имаат поголем капацитет, мал надземен дел, побрзо празнење, можност за заклучување и поголем век на експлоатација.
Овој пилот-проект дава можност и за селектирање на отпадот, а граѓаните, покрај селекцијата на комуналниот отпад, ќе може да селектираат и електронски и кабаст отпад.
Во неколкумесечниот тест-период Град Скопје ќе ги согледа сите предности и предизвици од користењето на овие садови за отпад од домаќинствата по што ќе бидат направени анализи за исплатливоста од инвестирањето во вакви контејнери.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Инспекцијата за животна средина на Град Скопје при вонреден надзор во општина Сарај затече запалена дива депонија

„Денес инспекцијата за животна средина на Град Скопје при вонреден инспекциски надзор во Општина Сарај затече запалена дива депонија составена од опасен отпад и градежен шут“, извести Град Скопје.
Локализиран е пожарот по брзата интервенција од страна на Противпожарната бригада на Град Скопје, а дополнително затечени се палења на стрништа во Крушопек и Лака, а сторителите се санкционирани. Во изминатата недела инспекторите за животна средина и комуналните инспектори на град Скопје имаат изречено казни на над 100 сторители“, велат од Град Скопје.
Македонија
Вонреден инспекциски надзор на реонот Смилковско Езеро, затекнати три лица кои согорувале отпад

Денес инспекцијата за животна средина на Град Скопје, изврши вонреден инспекциски надзор на реонот Смилковско Езеро, каде затече три лица со живеалиште во општина Бутел, како на дива депонија која сами ја направиле согоруваат отпад со што се загрозува животната средина и здравјето на граѓаните. Во изминатата недела инспекторите за животна средина на град Скопје и комуналните инспектори имаат изречено казни на над 100 сторители, извести Град Скопје.
„Нашите инспектори продолжуваат со засилениот инспекциски надзор на терен 24 часа, со цел намалување на аерозагадувањето и заштита на животната средина. Неселективно се изрекуваат казни за сите што не го почитуваат законот. Континуирано поднесуваме кривични пријави за исфрлање и согорување опасен отпад и загрозување на животната средина, за кривична одговорност против сторители затекнати како исфрлаат опасен отпад, азбестни плочи и друг градежен отпад, меѓу кои и опасен канцероген отпад.
На територијата на Скопје покрај Инспекторатот на Град Скопје, има уште вкупно 14 институции кои имаат надлежност и обврска да постапуваат при загадување на животната средина и загрозување на здравјето на граѓаните. Досега единствено градот Скопје реагира, додека останатите не постапуваат иако за истото имаат законска обврска“, соопшти Град Скопје.
Македонија
На средба со жителите на Чаир, градоначалникот Висар Ганиу ги претстави проектите што ќе се реализираат оваа година

На средба со жителите на Старо Чаир, градоначалникот на општина Чаир, Висар Ганиу, ги претстави проектите што ќе се реализираат оваа година за подобрување на инфраструктурата и создавање подобри услови за заедницата. Сите проекти се подготвени со техничка документација и имаат обезбедени дозволи за градба, велат од општината.
Главните проекти вклучуваат:
• Реконструкција на улицата „Парашкеви Кирјази“ во должина од 354.26 метри.
• Реконструкција на улицата „Дервиш Хима“ и сите споредни улици во должина од 687.77 метри.
• Реконструкција на улицата „Емин Дураку“ и паркингот во должина од 383.12 метри.
• Реконструкција на улицата „Струмичка“ и двете споредни улици во должина од 523.51 метри.
„Вкупната вредност на овие проекти изнесува 28.6 милиони денари (465,240 евра) и ќе биде финансирана од Владата на Република Северна Македонија во рамките на проектот „250 милиони евра за општините“.
Исто така, во завршна фаза е подготовката на техничката документација за целосна реконструкција на Паркот во Чаир, додека општината од својот буџет ќе реализира реконструкција на пешачките патеки и поставување на детски игралишта.
Реконструкцијата на салата „Партизан“ веќе започна, а дополнително ќе продолжи и проектот за реконструкција на фудбалското игралиште на стадионот во Чаир, со цел да се создадат подобри услови за развој на спортските активности во оваа зона“, соопштуваат од општина Чаир.