Македонија
Комуналците на викенд акција

Јавните претпријатија „Комунална хигиена“ и „Градски паркинг“ викендов реализираа заедничка акција за генерално чистење на просторот зад зградата на МТВ, во којашто беше опфатена улицата покрај кејот на реката Вардар, односно потегот од булеварот Крсте Мисирков, паркинг-просторот зад МКЦ, сè до големиот паркинг-простор на влезот во просториите на МВР.
„Беше извршено отстранување на неколку помали диви депонии, рачно и машинско метење, како и машинско миење на целокупниот простор со употреба на автоцистернa. Во рамките на акцијата се подигнати приближно 10 кубни метри отпад одложен на јавни и сообраќајни површини“, велат од ЈП „Комунална Хигиена“
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Богојески донесе одлука за раскинување на договорите со тројца евалуатори

Директорот на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, Петар Богојески, донесе одлука за раскинување на договорите со тројца евалуатори и нивно исклучување од базата на надворешни експерти.
Како што велат од Агенцијата, лицата биле вклучени во процесот на евалуација без претходно да имаат завршено соодветна обука за оценување на апликации за доделување на грантови, што претставува сериозно отстапување од утврдените процедури и стандарди.
За истото ќе се утврди одговорност и за внатрешно вработени лица во Националната агенција.
„Во насока на унапредување на квалитетот и интегритетот на евалуациските процеси, д-р Богојески најави сеопфатна реевалуација на сите евалуатори, при што во првата фаза ќе бидат заменети најмалку 50% од нив. Процесот е планирано да биде комплетиран најдоцна до август 2025 година“, велат од Националната агенција.
Македонија
Македонија со пад од шест места на Индексот за слобода на медиумите

Падот на Македонија за 6 места на Индексот за слобода на медиумите за 2025 година, објавен од „Репортери без граници“, е уште еден алармантен показател за погрешната насока во која оди државата под власта на ДПМНЕ, велат од СДСМ.
„Репортери без граници оценуваат дека независните медиуми се изложени „на закани и напади“ и констатира дека владините функционери имаат тенденција да имаат “лоши и понижувачки ставови кон новинарите“. Наместо да работат на унапредување на демократските стандарди, Владата предводена од ДПМНЕ се враќа на старите методи на контрола, притисоци и страв“, велат од СДСМ.
Според партијата, секогаш кога ВМРО-ДПМНЕ е на власт, слободата на медиумите се гуши, новинарите се ставаат под притисок, а медиумскиот простор се затвора.
„Оваа тенденција повторно се потврдува. Слободата на медиумите е темел на секое демократско општество и СДСМ ќе продолжи да се бори против оваа регресија што ја спроведува ДПМНЕ. Медиумските слободи не смеат да бидат жртва на партиските апетити и авторитарните амбиции на ДПМНЕ“, се наведува во соопштението.
Македонија
Муцунски: Јапонија е еден од најзначајните билатерални донатори на нашата држава

Во рамки на работната посета на Јапонија, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, оствари средба со Шохеј Хара, заменик-претседател на Јапонската агенција за меѓународна соработка (JICA), надлежен за соработка со Европа. Како дел од владината делегација, на средбата присуствуваа и министерот за култура Зоран Љутков и генералниот секретар на Владата Игор Јанушев.
Во фокусот на разговорите беа важни и клучни прашања за понатамошната соработка, во делот на развојната и техничка помош која Јапонската Влада во континуитет ја дава на Република Северна Македонија преку финансирање на проекти и програми во разни области.
Министерот Муцунски истакна дека Јапонија е еден од најзначајните билатерални донатори на нашата држава, со вкупна помош која надминува 430 милиони евра. Тој изрази искрена благодарност за долгогодишната поддршка и партнерство, нагласувајќи дека Јапонија оставила траен позитивен белег во институционалниот, економскиот и општествениот развој на државата.