Македонија
Коневски до Мицкоски: Ти повторно се однесуваш срамно
Мицкоски, ти повторно се однесуваш срамно и тоа на овој голем ден, му порача Коневски на лидерот на опозицијата по илинденското обраќање во кое Мицкоски ги нападна партиските кадри кои бараа негова оставка за изборниот резултат.
„Кога сите треба да се обединиме, ти пак посегна по клеветење и навреди. Сите ние што те повикуваме да си дадеш оставка ѝ посакуваме добро на партијата, а ти очигледно си немоќен да се справиш со искрените критики. Со ова го допре дното и уште еднаш покажа дека не си достоен за функцијата што ја вршиш. Наместо ниски страсти и фрустрации, треба човек кој обединува. Редно е да си одиш од ВМРО-ДПМНЕ“, вели Коневски.
Мицкоски денеска од Струшко се извини за грешките на ВМРО-ДПМНЕ од минатото и порача дека во Македонија мора да има правда, а тој нема да се откаже од таа цел. Ги нападна сите оние кои деновиве бараат одговорност од него за резултатот од изборите.
„Денес оние кои се товар во ВМРО душмански жестоко се обраќаат кон ВМРО. Целосно свесен за нивните постапки од минатото, и целосно свесен дека токму овие жестоки по-јаничарени јуришници на власта беа и товар на партијата, сакам јасно и недвосмилено да истакнам дека јас како претседател на ВМРО-ДПМНЕ му се извинувам на народот за сите грешки и неправди кои овие луѓе ги имаат направено. Тие во ВМРО гледаат личен интерес, а јас во ВМРО-ДПМНЕ гледам кауза. Јас повеќе не сакам да ги коментирам, верувам во народот и верувам дека народот сосема јасно разбира за што овде се работи и кој за што се бори, кој ја сака и кој работи за Македонија. Ако оваа темнина е тунелот кој го создаде оваа власт, и во кој сака свесно да опстојуваме, јас ќе ви кажам дека има светло на крај од тунелот. А за тоа светло вреди и треба да се бориме“, рече Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ДУИ обвинува за притисок врз судството: Изјавите на Филков за куќниот притвор се директно мешање во постапката
Демократската унија за интеграција (ДУИ) изрази длабоко незадоволство поради, како што наведуваат, заканите упатени кон судии и обвинители од страна на министерот за правда Игор Филков во неговото последно јавно појавување поврзано со куќниот притвор на поранешниот вицепремиер, Артан Груби.
Од партијата оценуваат дека извршната власт нема уставно право да сугерира како треба да функционираат судските органи и дека улогата на Министерството за правда е да го штити интегритетот и независноста на судството, особено во чувствителни случаи со засилена политичка поларизација.
„Министерот за правда, наместо да го заштити судскиот систем од партиска хистерија, дополнително го поттикнува тоа, создавајќи клима на однапред донесена пресуда и јавно испраќајќи пораки што вршат притисок врз обвинителите и судиите“, наведуваат од ДУИ.
Според нив, ваквите изјави претставуваат директно мешање во тековна постапка и сериозен удар врз правосудниот систем, со што се загрозува интегритетот на постапката и принципот на поделба на власта.
ДУИ го повикува министерот да се воздржи од понатамошно јавно мешање, а Министерството за правда, како што велат, преку јасна и одговорна комуникација да ја гарантира независноста на судството. Во спротивно, сметаат дека министерот треба да биде разрешен.
Партијата најавува дека ќе продолжи да го следи секое дејствие што, според нив, создава клима на линч и ќе ги информира своите стратешки партнери – САД, Европската Унија и Мисијата на ОБСЕ во Скопје.
Реакцијата на ДУИ следува по прес-конференцијата на министерот за правда Игор Филков, кој побара отчетност и детално образложение за одлуката за замена на мерката притвор со куќен притвор во случајот со Груби, кој е под истрага за криминал вреден 8 милиони евра во Државна лотарија.
Филков посочи дека станува збор за лице кое 14 месеци било во бегство, за кое претходно бил утврден ризик од бегство, и јавно ги повика судскиот и обвинителскиот совет да утврдат дали има одговорност кај судијата и јавниот обвинител за одлуката за куќен притвор.
Македонија
Утре сончево време со температура до 16 степени
Времето утре ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец (локално до 50 km/h), информира УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 6, а максималната ќе достигне од 9 до 16 степени.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен, а во делови од котлината повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 1, а максималната ќе достигне до 13 степени.
Под влијание на поле на висок воздушен притисок, следува период на стабилно и сончево време со мала до умерена облачност и со пониски утрински температури.
Во четврток ќе дува умерен, повремено засилен ветер од северен правец, поизразен долж Повардарието.
Македонија
Дел од корисниците на Гази Баба утре без вода
Дел од корисниците на Општина Гази Баба утре ќе останат без вода.
„Од ЈП Водовод и Канализација добивме известување дека на ден 25.02.2026 година ( среда ) имаат планирано неколку интервенции и тоа поради промена на вентил од 2.5“ на ул.Јани Лукровски 12, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од истата улица Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности“, соопшти Регионалниот центар за управување со кризи Скопје.

