Македонија
Контролата на летање ќе им го освежува англискиот на вработените за 65 илјади евра
Контролата на летање М-НАВ АД Скопје објави тендер на Бирото за јавни набавки за образовни и услуги за стручно усовршување за вработените. Станува збор за отворена постапка со која се прибираат понуди за обука за освежување на т.н. воздухопловен англиски јазик во земја во која англискиот е официјален јазик. Проценетата вредност на тендерот е 4 милиони денари или приближно 65 илјади евра, без вклучен ДДВ.
Во техничката спецификација на огласот пишува дека курсот треба да трае 5 работни дена за секоја група, 25 часа за секој кандидат, а опфатени се 97 лица. Времетраењето на обуката е 12 недели или три месеци и ќе биде спроведена од 4 март до 10 мај и од 21 октомври до 15 ноември 2019 година.
Програмата опфаќа слушање, разбирање, говорење и вежби за интеракција на англиски јазик. Меѓу другото, вклучени се и вежби за справување со невообичаени ситуации. Во условите пишува дека понудувачот треба да располага со соодветна просторија, литература и соодветен аудио и видеоматеријал.
Претседателот на Управниот одбор на М-НАВ и извршен директор на секторот за воздухопловна навигација, Николче Тасевски, за „Макфакс“ рече дека тендерот е поради регулативата 340 на Европската комисија во која, како што рече е клучно познавањето нивото на англиски јазик на контролорите на летање и пилотите.
„Агенцијата за цивилно воздухопловство на 1 јануари 2019 ја прифати директивата 340 во која се предвидува редовно освежување на англискиот јазик“, рече Тасевски за „Макфакс“. Тој рече дека и лани се објавил таков оглас, но немало ниту еден заинтересиран и пријавен на огласот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Општина Кисела Вода: Собирање на кабаст отпад, нова, постојана услуга за граѓаните
Општина Кисела Вода, преку Јавното комунално претпријатие „Кисела Вода 2022-Скопје“, започнува со самостојно и континуирано собирање на пријавен кабаст отпад на целата територија на општината.
До сега, според општината, оваа услуга се реализираше неколку пати годишно, во соработка со службите на Град Скопје, но од сега услугата ќе биде достапна континуирано, секогаш кога граѓаните ќе имаат потреба. „Пријавувањето за подигнување на кабаст отпад се врши на телефонскиот број:
070/288-897, од понеделник до петок, од 08:00 до 16:00 часот. Цената на услугата е 1500,00 денари.
По извршена пријава, екипите на ЈКП ќе го подигнуваат отпадот во рок од 24 часа. Потребно е да биде оставен пред куќата или зградата.
Собраните количини се транспортираат и соодветно се депонираат во ЈП „Дрисла“, согласно важечките еколошки стандарди.
Кабаст отпад кој може да се пријави: стар мебел, врати, прозорци, душеци, друг кабаст домашен отпад.
Отпад кој не се прифаќа: градежен шут, електронски отпад, гуми, опасен отпад (боја, хемикалии и сл.)
Правилното депонирање на отпадот е законска обврска“. Општина Кисела Вода апелира до граѓаните да придонесат кон одржување на чиста и уредна околина.
Македонија
Владата на Мицкоски не сака да ја покачи минималната плата на 600 евра, велат од СДСМ
Владата на Мицкоски не сака да ја зголеми минималната плата на 600 евра и директно ги остави работниците сами во борбата за гол опстанок, велат од СДСМ.
„По две години без реален раст на платите, над 200 илјади работници живеат сè потешко, додека вредноста на синдикалната кошница порасна на 66.000 денари. Животот поскапува, а платите стагнираат, тоа е суровата реалност на македонските работници.
Наместо да го прифати предлог-законот на СДСМ за минимална плата од 600 евра за сите ранотници, владата склучи селективен договор кој опфаќа само околу 10.000 административни службеници. Притоа беа целосно се игнорирани останатите јавни службеници и останатите илјадници работници во приватниот сектор.
Фактите се поразителни: околу 200.000 работници земаат плата под 30.000 денари. Тоа значи продлабочување на сиромаштијата, губење на достоинството на трудот и забрзано иселување на младите и квалификуваните луѓе“.
Минималната плата, нагласуваат од опозициската партија, мора да важи за сите – во јавниот и во приватниот сектор, во фабриките, конфекциите и малите компании. Селективни решенија и козметички договори не го решаваат проблемот.
„Решението на СДСМ е јасно, реално и изводливо. Минималната плата веднаш се зголемува за 50%, односно за 12.000 денари, и достигнува 600 евра. Тоа е мерка што директно го подобрува животот на работниците – сега, а не некаде во иднина.
Со ребаланс на Буџетот и со кратење на луксузот на власта – службени возила, мебел, патувања, кабинети, може да се обезбедат околу 200 милиони евра. Тие средства се доволни и за минимална плата од 600 евра и за поддршка на приватните компании, без да се загрози нивната ликвидност.
Но владата на Мицкоски ги извиси работниците и си го избра сопствениот луксуз“.
Македонија
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, слаби врнежи од снег на Попова Шапка
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози. Слаби врнежи од снег се бележат на Попова Шапка.
Сите патни правци во државата се проодни, соопшти АМСМ.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

