Македонија
Конференција на тема „Вонредна состојба: научени лекции и идни предизвици“
Денеска во Скопје ќе се одржи конференција на тема „Вонредна состојба: научени лекции и идни предизвици“, во организација на Претседателскиот центар за политичко образование.
Конференцијата претставува почеток на поширока дебата на стручната и општата јавност, во однос на потребата на изготвување на закон за вонредна состојба.
Конференцијата ќе ја отвори претседателот Стево Пендаровски, а свои обраќања ќе имаат и Бојан Маричиќ, министер за правда, Александар Љ. Спасов, претседател на Програмскиот совет на Претседателскиот центар за политичко образование, Рената Дескоска, поранешна министерка за правда и редовна професорка на Правен факултет „Јустинијан Први” – УКИМ, Светомир Шкариќ, редовен професор во пензија на Правен факултет „Јустинијан Први” – УКИМ, Гордана Силјановска-Давкова, пратеничка во Собранието на Република Северна Македонија и редовна професорка во пензија на Правен факултет „Јустинијан Први”- УКИМ, Мирјана Лазарова Трајковска, судијка во Врховниот суд и поранешна судијка во Европскиот суд за човекови права и Маргарита Цаца Николовска, судијка во Уставниот суд на Босна и Херцеговина, поранешна судијка во Европскиот суд за човекови права и претседателка на Институтот за човекови права.
Во вториот дел е предвидена панел-дискусија на која ќе говорат Трајан Гоцевски, Ненад Марковиќ, Ветон Љатифи, Марјан Ѓуровски, Васко Наумовски, Александар Спасеновски, Беса Арифи, Јeлена Трајковска-Христовска, Јелена Ристиќ, Денис Прешова, Марко Трошановски, Зоран Дранговски, Гоце Коцевски, Лидија Стојкова-Зафировска и Зоран Јовановски.
Конференцијата ќе биде од хибриден карактер, односно панелистите ќе ја следат и ќе учествуваат во дебатата преку платформата zoom.
Настанот ќе се пренесува во живо на фејсбук-страницата и на јутјуб-каналот на претседателот Пендаровски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во крводарителска акција во Велес собрани 99 крвни единици
Во акцијата за доброволно дарување на крв што по 7. пат ја организира Здружението „Велес бајкинг“ во соработка со Општинската организација на Црвен крст Велес денеска во Театарот во Велес, беа собрани 99 крвни единици што е рекорд за оваа веќе традиционална акција. Инаку лани беа собрани 68, а во 2023 година 76 крвни единици.
Орце Николов секретар на ООЦК Велес, оцени дека оваа е најуспешна акција досега. Воедно се заблагодари на Здружението „Велес бајкинг“ што ја иницираа и организира и сите велешки крводарители што се вклучија во неа, како и на медицинската екипа на Институтот за трансфузиона медицина од Скопје која ја реализира.
Во денешната акција 10 велешани за првпат даруваа од драгоцената течност. Меѓу крводарителите беше и д-р Кирил Лазов, актуелен директор на Државниот санитарен и здравствен инспекторат и специјалист по трансфузиона медицина кој денеска по 51. пат даруваше крв.
Македонија
Обвинение добија три лица кои му се заканувале на градоначалникот Митко Јанчев
Основното јавно обвинителство Кавадарци до надлежниот суд поднесе обвинени против три лица за кривично дело – Загрозување на сигурноста од член 144 од Кривичниот законик, додека првообвинетиот од нив се товари и за продолжено – Ширење расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем од член 394-г.
Тој подолг временски период на неговиот личен профил на Фејсбук пишувал објави со говор на омраза, навреди и повици за насилство и закани насочени кон оштетениот градоначалник на Кавадарци, Митко Јанчев, поттикнувајќи омраза врз основа на политичка припадност и општествен статус. Обвинетиот 32-годишник објавувал и фотографии од оштетениот и неговите малолетни деца, заканувајќи се и кон нив, а како потврда за сериозноста на заканите споделувал и видеа во кои самиот пукал со автоматска пушка и пиштол.
Од јули годинава започнал и преку телефонска апликација да се јавува кај градоначалникот, лично и преку пораки да се заканува по животот на оштетениот и неговото семејство.
Второобвинетиот, исто така телефонски, пренесувал дел од заканите и пораките во име на првиот обвинет. Третиот обвинет, пак, коментирал на Фејсбук објавите на првиот обвинет, заканувајќи се со убиство на оштетениот градоначалник.
За првообвинетиот, кој има двојно македонско и бугарско државјанство, јавниот обвинител процени дека постои реален ризик од бегство и опасност да го изврши делото со кое се заканува, па до судијата за претходна постапка од Основниот суд во Кавадарци поднесе и посебен предлог за определување мерка притвор.
Македонија
Сиљановска Давкова учествуваше на Дипломатскиот хуманитарен базар
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска учествуваше на Дипломатскиот хуманитарен базар, кој под покровителство на амбасадорот на Република Австрија, Мартин Памер се одржа во Скопје по повод Светскиот ден на детето. На настанот на претседателката и беше врачена благодарницата за нејзиниот придонес.
-Годинава, во раскошот на меѓународната разноликост, Дипломатскиот добротворен базар повторно беше место каде што солидарноста ги поврзува културите. Уживав во културното шаренило: во масичките преполни со уметнички предмети по коишто се препознаваат државите, во уникатните производи, во вкусната храна, но најмногу, во насмеаните детски лица, веселите луѓе и убавата музика. Благодарницата за мојот скромен придонес, од „Добредојде“ и Амбасадата на Австрија, ме потсети дека суштината на хуманоста најсилно се изразува кога е упатена кон децата. Импресивно е кога празничната магија добива длабока човечка димензија!, објави претседателката на Фејсбук.

Дипломатски хуманитарен базар, кој привлече голем број посетители, имаше за цел собирање средства за подобрување на хигиенските услови во две основни училишта, за сите ученици, вклучително и децата со попреченост.

На настанот беше посочено дека иницијативата е од исклучителна важност за заедницата и дека дипломатската заедница заеднички придонесува кон создавање на подобри и подостојни услови за развој на децата.

Голем број амбасади имаа свои штандови, каде што посетителите можеа да ги пробаат традиционалните јадења од различни земји, како и да купат автентични подароци, ракотворби, приврзоци и други уникатни предмети. Меѓу учесниците беа амбасадите на Австрија, Германија, Италија, Шпанија, Турција, Јапонија, Кина, како и Делегацијата на Европската Унија и Институтот „Конфучие“.

