Македонија
Кон Гевгелија не се одвива товарниот, а бавно и патничкиот железнички сообраќај
Според информациите од „Македонски железници“, железничкиот патнички и товарниот сообраќај се одвиваат според планираниот возен ред, освен за Гевгелија, каде што што има застој кај мостот на Стоби поради негово поместување и поради тоа товарниот железнички сообраќај не се одвива, а патничкиот бавно се одвива со пренесување на патниците со помош на автобуси кај Градско, односно Криволак.
Инаку, според информациите до ЦУК, „Македонски железници“ активно работат на утврдување на состојбата, конкретно, покрај експертите и професорите од Градежниот факултет, биле ангажирани нуркачи за конкретно да се утврди состојбата на столбовите од мостот и под вода.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Викедов преку ден топло, а попладне нестабилно со дождови и град
Во следните денови времето ќе биде значително потопло, но во попладневните часови наместа нестабилно со пороен дожд и грмежи, јавува УХМР.
Од управата прогнозираат дека локално ќе има услови процесите да бидат поинтензивни во форма на краткотрајно невреме, со силен ветер, интензивен пороен дожд и изолирана појава на град.
Во Скопје во следните денови сончево и топло, во попладневните часови во делови од котлината нестабилно со пороен дожд и грмежи и со услови за краткотрајно невреме.
УХМР препорачува поголема внимателност во случај на појава на електрични празнења, да не се престојува на отворен простор и под осамени дрвја.
Македонија
Османи во Стразбур: Мултилатерализмот останува единствен ефикасен одговор кон предизвиците
Mинистерот за надворешни работи, Бујар Османи, се обрати на 133-тата сесија на комитетот на министрите на Советот на Европа во Стразбур, при што ја истакна улогата на мултилатерализмот при справување со тековните многубројни предизвици.
„Покрај сите свои пропусти, мултилатерализмот останува единствениот начин да се мобилизира колективен одговор кон војни, кризи, вонредни ситуации и неспоредливи предизвици од разна природа. Советот на Европа останува суштински столб во тој поглед. Сепак, ние, земјите членки, ја носиме одговорноста за неговата ефикасност“, истакна Османи.
На 75-годишнината од постоење, Советот на Европа со нејзините норми и стандарди придонесе за подобрување на животот на граѓаните, чување на човековите права и негување на демократијата и владеењето на правото, рече Османи и го поздрави денешното усвојување на рамковната Конвенција за вештачка интелигенција, човекови права, демократија и владеење на правото, како прв меѓународен инструмент во оваа област.
„Блиската соработка со другите меѓународни организации, особено со ЕУ, ОН и ОБСЕ, при решавање на заедничките проблеми, е од особено значење“, додаде Османи.
За време на престојот во Стразбур, Османи ќе оствари и многубројни средби со свои колеги од разни земји.
Скопје
Уште 20 нови дигитални услуги на интернет-страницата на Општина Кисела Вода
Запишување на децата во градинка по електронски пат, пријава за инспекциски служби, поставување директни прашања до градоначалникот или до советниците се едни од 20 нови дигитални услуги што Општината Кисела Вода ги воведе денеска.
Овие услуги се достапни на новата општинска интернет-страница и со ова продолжува дигитализацијата на Општината почната пред речиси две години.
„Дигитализацијата на Општината претставува значаен чекор кон подобрување на транспарентноста, отвореноста и ефикасноста на локалната самоуправа. Воведувањето дигитални услуги овозможува значително олеснување на процедурите за граѓаните и бизнис-заедницата и истовремено го намалува ризикот од коруптивни дејства. Овие промени ја поставуваат основата за една модерна, ефективна и отворена општина, која е насочена кон потребите на своите граѓани“, изјави градоначалникот на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски.
Со новите услуги ќе биде овозможено следење на системот на јавни набавки, плаќање на такси поврзани со Општината.
„Нема да има повеќе уписи преку врски во градинки. Родителот од дома ќе може да аплицира, да наведе за која градинка е заинтересиран и за неа да аплицира. Со тоа и ние како локална самоуправа точно ќе знаеме во секој момент колкав број деца има за упис, каде има потреба од отворање дополнителни капацитети. Преку апликациите ‘Прашај го градоначалникот’ и ‘Прашај го својот советник’ нашите жители ќе може да комуницираат во прво лице со лицата што ги избрале да ги решаваат нивните проблеми“, додаде Ѓорѓиевски.