Македонија
„Копиле скапано“, вели Протоѓер за адвокатот на Мијалков, Шврговски

Во една од бомбите што беше пуштена во судницата, Мартин Протоѓер на ексминистерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, ѝ вели дека јавниот обвинител од тоа време, Љупчо Шврговски, сегашен адвокат на Сашо Мијалков, е неспособен.
„Копиле скапано, мајката да му ја е**м“, вели Протоѓер: „Четири месеци чекам за ‘Надеж’ предмет да отвори. Тој работи за СДСМ. Чист случај за апсење има за Наташа Савова и ништо не прави“, вели Протоѓер.
„Сашо нека го стегне Шврговски“, му вели Јанкулоска, на што Протоѓер ѝ одговара дека цело време е дупка пијан.
„Сега една порака му спремив со мајки, со шајки, со племе комунистичко“, го завршува Протоѓер разговорот со Јанкулоска.
На денешното рочиште за предметот „Титаник“ во кривичниот суд продолжи репродуцирањето на бомбите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Мургашанска: Максим Димитриевски направи раскол во опозицијата за да се спаси од прогон

Скандал од невидени размери е повлекувањето на кумановското Јавно обвинителство од постапката против градоначалникот Максим Димитриевски само неколку дена пред да се донесе пресудата, изјави Атина Мургашанска, советничка во Советот на општина Куманово.
Според неа, ова конечно потврдува и зошто Максим Димитриевски влезе во коалиција со Мицковски и која беше неговата цел.
„Оваа одлука јасно ја открива вистинската причина зошто Максим Димитриевски влезе во коалиција со Христијан Мицкоски, само за да ја избегне личната одговорност пред правосудните органи. Тројанскиот коњ во опозицијата – сега веќе е комплетно разобличен. Цената за расколот во опозицијата беше токму спасот на Димитриевски од кривичен прогон. Тој одигра улога на саботажа и денес му слугува на Мицкоски како измеќар. За возврат доби политичка заштита од правен прогон. Сега е јасно зошто молчи за криминалите на ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН. Максо станал вечен должник на Мицкоски“, рече Мургашанска.
Според неа, ова не е само правен скандал, туке е тежок политички договор кој ја компромитира независноста на обвинителството и го поткопува целиот правосуден систем.
СДСМ бара истрагата од самото обвинителство и итна одговорност.
Македонија
Улицата „Волковска“ во Ѓорче Петров утре ќе биде целосно затворена поради градежни работи

На улицата „Волковска“ во Општина Ѓорче Петров ќе се вршат градежни активности за вградување на завршен асфалтен слој.
Работите ќе започнат на 5 јули (сабота) од 01:00 часот по полноќ, и ќе траат најдоцна до 6 јули (недела) до 09:00 часот. Во наведениот период, улицата ќе биде целосно затворена за сообраќај.
Како резултат на затворањето, автобуската линија бр. 22 ќе сообраќа до „Блага Вода“ согласно возниот ред на ЈСП, а од „Блага Вода“ до последната станица на 22-ката, во двата правци, превозот ќе биде организиран со комбиња.
„Ги замолуваме граѓаните за трпение и разбирање и ги повикуваме да ја почитуваат поставената сообраќајна сигнализација, како и насоките од надлежните служби за време на изведбата на градежните работи“, велат од Општината.
Македонија
Јован и Лилјана се овогодишните младенци кои ќе прават Галичка свадба

Од 11-ти до 13-ти јули живописниот Галичник повторно ќе заживее со звукот на зурлите, тапаните и традицијата – ќе се одржи „Галичка свадба“, една од најавтентичните и најпрепознатливи културни манифестации во земјава.
Овој уникатен настан, кој претставува живо сведоштво за македонската традиција, култура и обичаи, повторно ќе го привлече вниманието на домашните и странските посетители кои сакаат да ја доживеат автентичната свадбарска приказна од мијачкиот крај.
Годинешните младоженци, Јован Филипоски – потомок на старото галичко семејство Филипоски, и Лилјана Михајлоска, велат дека учеството во манифестацијата за нив претставува исполнување на животен сон.
„Уште како дете сонував еден ден да бидам дел од Галичка свадба. Тоа се многу повеќе од свадбарски обичаи – тоа е љубов, идентитет и исконска гордост“, вели Јован.
„Чувството кога облекуваш автентична носија и чекориш низ истите патеки по кои чекореле генерации пред тебе е неописливо. За нас ова е завет и голема чест“, додава Лилјана.
Во текот на тридневната програма, гостите ќе бидат сведоци на целосната свадбена церемонија, исполнета со традиционални обичаи, носии, песни и ора, кои Галичка свадба ја прават единствена на Балканот и пошироко.
Организатор на манифестацијата е месната заедница „Галичник“. Честитајќи им на годинешните галички младоженци, нејзиниот претседател, Огнен Караѓозовски изјави: „Продолжуваме со посветеност да ја чуваме оваа ретка традиција жива. Радува фактот што секоја година се зголемува интересот кај младите генерации да бидат дел од Галичка свадба. Toa за нас претставува најсилен доказ дека обичаите и културното наследство се темел на нашиот идентитет, сегашност и иднина. Благодарни сме на институциите и големиот број компании чија поддршка има пресудно значење за организирањето и одржувањето на атрактивноста на манифестацијата“.
Поддршката и партнерството на Пивара Скопје со манифестацијата трае непрекинато од нејзините почетоци.
„Чест ни е што и оваа година сме дел од Галичка свадба – симбол на љубовта, заедништвото, автентичната традиција и култура. Повеќе од половина век ја делиме оваа приказна со генерации младоженци, нивните семејства и големиот број посетители на овој настан, со кои нè врзуваат исти вредности: почитување на културното наследство, меѓусебна поддршка и создавање искуства кои зближуваат. На Јован и Лилјана им посакуваме многу здравје, среќа и бериќет – нека нивната љубов биде долготрајна како и нашето партнерство со Галичка свадба“, изјави Марија Мининчиќ, менаџерка за партнерства со заедницата во Пивара Скопје.
И оваа година покровител на манифестацијата е Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, а поддршка пристигна и од Министерството за култура и туризам, со што се потврдува значењето на „Галичка свадба“ како национално културно богатство кое заслужува институционална поддршка и меѓународна афирмација.
За време на одржување на манифестацијата организаторот најавува посебен сообраќаен режим во селото, а беше повторен и апелот за одговорно однесување, особено во поглед на консумирањето алкохол и грижата за природата.
Програмата на Галичка свадба 2025 – традиција преточена во спектакл
Годинешната „Галичка свадба“ ќе се одвива во три дена, исполнети со богата програма која ја оживува вековната традиција на мијачкиот крај. Тродневната манифестација ќе започне во петок, 11 јули, со премиерна изведба на монодрама во чест на 150 години од издавањето на Тријазичникот на Ѓорѓија Пулески, што ќе биде изведена на мијачки дијалект. Потоа ќе следува забава со диџеј сет за помладите посетители.
Во сабота, на 12 јули, започнуваат свадбарските обичаи, со пречек на тапаните, китење и поставување на свадбениот бајрак, симболичното „фрлање пушка“ од куќата на зетот и изведбата на свекрвиното оро. Особено впечатлив момент ќе биде изведбата на ората кои го симболизираат печалбарството и непокорот на луѓето од овој крај – „Невестинското“ и „Тешкото“ – од страна на националниот фолклорен ансамбл „Танец“, на платото пред прочуената чешма Упија. Во вечерните часови, невестата придружувана од свадбарите, со борини и факели во рака, ќе оди да полни вода од прочуените три чешми во селото: Секуличе, Динговиче и Упија – обичај поврзан со семејната среќа.
Во недела, 13 јули, денот ќе започне со традиционалните „канење на мртвите“, „канење на кумот“, „бричење на зетот“ и „тргнување по невеста“, во чии рамки е и прочуениот обичај „гледање низ прстен“. Потоа следуваат испраќањето на невестата и дарувањето, како и венчавањето во храмот „Св. Апостоли Петар и Павле“. Настанот ќе заврши со свеченото испраќање на тапанџиите и зурлаџиите, кое го означува симболично затворање на свадбената церемонија.
Целата програма, која ги вклучува сите традиционални свадбарски обичаи, ќе биде емитувана преку видео-екран поставен на централното плато во селото, а ќе биде емитувана „во живо“ и на социјалните мрежи, со што манифестацијата се доближува и до оние кои немаат можност да бидат физички присутни на настанот.
И оваа година, Пивара Скопје е главен спонзор на „Галичка свадба“.