Македонија
Костадиновска-Стојчевска од Конче: Почитувањето на јазикот на сите етнички заедници е наша европска вредност
Министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, денеска во општина Конче присуствуваше на свеченоста по повод одбележувањето на празникот на турската заедница – Денот на настава на турски јазик.
На настанот, Костадиновска-Стојчевска, во присуство на голем број гости од земјава и од Република Турција, со свое обраќање го честита овој значаен ден за турската заедница, посочувајќи дека Министерството за култура ќе продолжи да ги поддржува проектите кои придонесуваат за развојот на турската култура.
„Една од заложбите на Владата и на Министерството за култура е негување и унапредување на традицијата и културата на сите народи што живеат во нашата држава, вклучително и на турската заедница, градејќи демократско општество еднакво за сите. Како политичари, како институции, како систем, како граѓани на оваа држава, се грижиме за јазикот и обезбедуваме услови за зачувување на националниот и културниот идентитет на сите заедници“, порача Костадиновска-Стојчевска.
За Северна Македонија министерката за култура рече дека „отсекогаш била простор на кој се развивале различни јазици и култури во духот на разбирањето и толеранцијата“, додавајќи дека турскиот јазик е дел од нашето богато мултиетничко и демократско општество, а во наставниот процес во државава со поставувањето на асномска Македонија.
„Нашите повозрасни со својата мудрост знаеле дека почитувањето и учењето на јазикот на другиот е богатство, а не непремостлива бариера. Тоа се давало и се примало како знак на пријателство и почит што нашиот народ ја има кон долгата традиција на турскиот јазик, кој има извршено големо влијание во говорот на целиот Балкан“, рече Костадиновска-Стојчевска.
Министерката за култура посочи дека активностите што ги има турската заедница во земјава имаат значаен придонес во развојот и промоцијата на образованието и науката.
„Со развивање на пријателско, мултикултурно општество ние ги воспитуваме младите да бидат одраз на современата држава која ги негува европските вредности“, рече министерката за култура Костадиновска-Стојчевска во своето обраќање.
На настанот кој се одржуваше во Домот на култура, под покровителство на градоначалникот и Советот на Општина Конче, присуствуваа голем број на гости и од земјава и Република Турција, како и поранешниот претседател на Големото национално Собрание на Република Турција, Мустафа Шентоп.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Одронот е исчистен, сообраќајот на автопатот Скопје – Велес се одвива нормално
Во 20:38 часот на патниот правец Скопје-Велес, тунел Бадар, одронот е исчистен и сообраќајот се одвива нормално, информира АМСМ.
Претходно, од таму информираа дека сообраќајот се одвива по една лента поради одрон во тунелот.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Одлуката за домашен притвор на Груби е на обвинителството со 2 отсто доверба
Правда мора да има и таа мора да биде неселективна и конечна. Одлуката за домашен притвор е на обвинителството. Истото она со 2 посто доверба и за кое СДС се бореше да биде несменето до последниот здив. Сите забелешки може да ги испратат до таа адреса, и до омилените на Венко обвинители, велат од ВМРО-ДПМНЕ, по одлуката на скопското обвинителството да побара замена на мерката притвор со куќен притвор за Артан Груби.
„СДС треба да се договори со себе бидејќи се исклучително недоследни. Изутрина тврдат дека ДУИ одработува за ВМРО-ДПМНЕ, а сега дека е обратно. А всушност СДС се вистински во паника затоа што нивниот криминоген другар Артан Груби може да проговори за сите ортачки криминали на владите на Зоран и Вице, на Венко и Ковачевски, за бизнисите на Зечевиќ. Зошто врхушката на СДС денес заседаваше и “вртеше” телефони интересирајќи се за исказот на Артан Груби во обвинителство. Ова е и причината зошто СДС во случајот со Груби се однесува по логиката иста на онаа: “лопов вели држете го лоповот”. Црната кутија за криминалите на СДС и ДУИ падна. Прашање на време е кога “исплашените” од СДС ќе му прават на судските клупи друштво на Артан Груби“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Куќниот притвор за Груби е потврда дека сè е договорено, велат од СДСМ
Одредувањето куќен притвор за Груби е потврда дека сè е договорено, сметаат од СДСМ. Според партијата, затоа судството и обвинителството се ставени под директна контрола на Мицкоски и ВМРО-ОКГ.
„Дилот ВМРО–ДУИ се спроведува пред очите на јавноста. Прво со договореното враќање и режираното снимање на граничниот премин. Не работеа камерите кога Груби си замина преку граница, слободно, со пасош, иако бил на стоп-листата. Но, за договореното враќање на Груби камери има на секој чекор – од граница, пречек, па сè до Обвинителството и Судот. Потоа следуваше веќе подготвената кампања по медиумите под контрола на Орбан, а сега и одлуките за куќен притвор. Ако некој еднаш избегал од државата, зошто му се одредува куќен притвор?“, прашуваат од СДСМ.
Од таму велат дека ништо не е случајно и останува само да видиме која е цената.
„Пеш преминал преку граница и побегнал. А бил на стоп-листа. Сега, после 14 месеци бегство – се враќа и му се одредува куќен притвор. На кого уште не му е јасно ова сценарио? Ништо не е случајно. Ова е дел од договорот меѓу ДУИ и ВМРО-ОКГ. Останува само да видиме која е цената“, велат од СДСМ.

