Македонија
Костадиновска-Стојчевска од Пустец: Идеалите на Делчев за слобода и рамноправност се нашиот патоказ кон Европа
Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, денеска во своето обраќање на свеченоста по повод откривањето на спомен биста на македонскиот великан Гоце Делчев во Пустец, Република Албанија, изрази задоволство дека заедно со Македонците од другата страна на границата, оддава почит на еден од најсветлите ликови на нашата историја, идеолог и борец за слободна и независна македонска држава.
„Делото на Гоце Делчев ги поврзува сите Македонци, каде и да сме. Ние нема никогаш да се откажеме од големите дела и големите зборови на нашите револуционери кои биле на вистинската страна на историјата, како што сме ние денес. Ние кои сме во прогресивниот табор и кои на државата и посакуваме светла европска иднина со рамноправни граѓани и среќни млади генерации“, рече Костадиновска-Стојчевска по повод откривањето на бистата на Делчев, на годишнината од неговата смрт.
Минситерката за култура посочи дека народните херои, како Гоце Делчев, и нивните идеали за слобода и рамноправност се нашиот патоказ кон Европа. Таа нагласи дека неговата визија за светот како поле за културен натпревар помеѓу народите нема никогаш да го изгубат значењето во нашето колективно постоење и во нашето настојување да создадеме сигурна, просперитетна и заедничка иднина.
„Останавме доследни на нашето ветување дека нема да престанеме да градиме мостови на поврзување и дијалог“, додаде Костадиносвка-Стојчевска која на свеченоста присуствуваше со директорката на Завод и Музеј-Битола, Мери Сојанова која во континуитет ги продолжува проектите на „Смарт фор ју ту“, за прекугранична соработка со Албанија, со што активно придонесува за поврзаноста на населението во граничниот појас.
Бистата на Делчев е поставена на иницијатива на Македонска алијанса за европска интеграција, МАЕИ, чиј претседател Васил Стеровски дека оваа биста е симбол на нашата непоколебливост и верба во принципите на правда и слобода.
„Во овие тешки времиња, повеќе од кога било ни е потребно единство и решителност. Нека примерот на Гоце Делчев биде наш водич и инспирација“, рече Стеровски кој додаде дека како Македонска алијанса за европска интеграција продолжуваат да се борат за правата и идентитетот на македонскиот народ во Албанија.
На свеченоста по повод 121 годишнината од смртта на големиот револуционер присуствуваа претставници на Движеньето “За наша Македонија”, на Македонска ализанса за европска интеграциа од Голо Брдо, од Светскиот Македонски Конгрес, од Заедницата на Македонците од Егескиот дел на Македонија протерани ог Грција, од Соузот на здружениата на Македонците и децата бегалци од Егерскиот дел на Македониа МАКЕДОН како и од Македонскиот национален совет на Србија.
Бистата на Гоце Делчев е изработена од уменикот Зоран Тошевски, а е поставена пред цркавата „Св. Архангел Михаил“ во Пустец, на плоштадот именуван по Делчев. Како што велат од Македонската алијанса за европска интеграција, МАЕИ, со поставувањето на бистата на големиот херој, Македонците од Пустец ја потврдуваат својата верба дека вредностите за кои тој се борел остануваат живи и водилка и за денешните генерации. Поставувањето на оваа биста ќе придонесе за зачувување на македонското културно наследство и идентитет во областа Преспа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Од вторник заладување со пообилни врнежи од дожд и снег
Управата за хидрометеоролоши работи (УХМР) најави дека утре кон крајот на денот, во текот на ноќта и во вторник ќе има заладување со нови пообилни врнежи кои на планините и на повисоките места ќе бидат од снег.
На планините ќе се зголеми висината на снежната покривка, а нова се очекува да се формира и во некои од повисоките места. Потоа во следните два дена ќе се задржи претежно стабилно време, а во петок повторно ќе има пообилни врнежи од дожд и снег.
Како што најави претходно УХМР, на планините во северните делови денеска врнежите од дожд ќе преминуваат во снег, а попладне ќе дува ветер од северен правец. Максималната температура ќе биде во интервал од 10 до 17 степени. Утре минимална температура од -1 до 4 степени, а максимална од 4 до 13. Најниска утринска температура се прогнозира за во четврток, од -1 до -8 степени.
Македонија
Граѓаните може да го видат работењето на Уставниот суд одблизу секој прв четврток во месецот
Уставниот суд на Македонија, по повод 62-годишнината од првата седница одржана на 15 февруари 1964 година, ги повикува граѓаните на редовни средби со претседателот Дарко Костадиновски, кои ќе се одржуваат секој прв четврток во месецот.
Прес-службата на Уставниот денеска соопшти дека целта на средбите е да се приближи работењето на овој суд до граѓаните, да се подигне свеста за уставно загарантираните права и да се објасни начинот на правилно поднесување на поднесоци.
Посочуваат дека средбите претставуваат можност граѓаните одблизу да се запознаат со надлежностите, постапките и значењето на одлуките на Уставниот суд во заштита на правата и слободите.
За учество, заинтересираните можат да се пријават на електронската адреса [email protected], а за дополнителни прашања на располагање е и телефонскиот број +389 2 322 3626, се наведува во соопштението.
Македонија
Измени на Законот за електронски комуникации за укинување на трошоците за роаминг
Со измени на Законот за електронски комуникации, што се поставени за расправа на Единствениот национален регистар на прописи (ЕНЕР) државава ги пренесува во домашното законодавство потребните европски регулативи со што ќе може да се приклучи кон иницијативата „Роаминг како дома“ на Европската Унија. Со тоа ќе им се овозможи на граѓаните и бизнисите да користат мобилни услуги во земјите на ЕУ без дополнителни роаминг трошоци, како да се дома.
За законските измени чиј носител е Министерството за дигитална трансформација, на ЕНЕР може да се достават коментари уште четири дена.
Со законот треба да се воспостават јасни правила за ограничување на цените на роаминг услугите со што, стои во нацрт врзијата, ќе се овозможи зголемена заштита на корисниците преку транспарентно информирање и механизми за спречување на неочекувано високи трошоци и зајакнување на регулаторната улога на надлежните институции во областа на електронските комуникации. Целта е да се овозможи укинување на трошоците за роаминг при патување во земјите на ЕУ, зголемена правна сигурност и предвидливост на цените и олеснет пристап до дигитални услуги, е-услуги и мобилна комуникација во странство.
Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски минатиот месец во телевизико интервју рече дека мораме да си ги завршиме нашите домашни обврски до февруари и оти останатото ќе биде лобирање и договор на ниво Македонија-ЕУ и Западен Балкан-ЕУ.
Покрај пренесувањето на четири регулативи во Законот за електронски комуникации преку измената што е во нацрт верзија до јули годинава треба да се донесат и подзаконски акти од страна на Агенцијата за електронски комуникации.
Државава е дел од Регионалниот договор за роаминг во Западен Балкан (ЗБ) од 1 јуни 2021 година. Граѓаните имаат можност да користат мобилни комуникациски услуги во земјите од ЗБ под исти услови како и во домашните мрежи, без дополнителни трошоци за роаминг. И покрај овој напредок на регионално ниво, роамингот со земјите членки на ЕУ сè уште не е целосно регулиран согласно европските стандарди.
Европската комисија на Лидерскиот самит со земјите од Западен Балкан за Планот за раст одржан на 30 јуни и 1 јули 2025 година формално извести дека ќе започне постапка за изнаоѓање правно решение со кое ќе се овозможи земјите од регионот да пристапат кон инцијативата за „Роаминг како дома“.
Во август 2025 година Владата на Република Северна Македонија ја разгледа и усвои Информацијата за Иницијативата на Европската комисија за укинување на роаминг трошоците со земјите од Европската Унија, како дел од Планот за раст на Европската Унија за земјите од Западен Балкан, со Акциски план за усогласување со европското законодавство за роаминг и прилози. Согласно акцискиот план се задолжи Министерството за дигитална трансформација, во соработка со Агенцијата за електронските комуникации да го спроведе Акцискиот план во кој е утврдено дека најдоцна до 22 декември 2025 година да се изработи и до Владата да се достави детална анализа на правната празнина (GAP analysis) меѓу националното законодавство и релевантните регулативи на Европската Унија, и најдоцна до април 2026 година да изработи законски/подзаконски акти врз основа на деталната анализа.

