Македонија
Костадиновска-Стојчевска: Охриѓани имаат богата културна програма и книги достапни за сите генерации
Министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, во Охрид во Библиотеката „Григор Прличев“ на промоцијата на проектот „Книгата поблиску до старите лица“, рече дека Министерството за култура инвестира во проекти што ја прават културата достапна за сите.
„Охридската библиотека како институција на културата има исклучително значење за културниот развој на охриѓани. Затоа вложуваме во библиотечната дејност, во чии рамки за Охридската библиотека, за реализација на годишната програма, обезбедивме над 1 милион денари, што е околу 10 проценти од вкупниот буџет“, рече министерката за култура. Министерството за култура, рече Костадиновска-Стојчевска на средбата со директорот на установата, Милчо Јованоски, континуирано поддржува проeкти за подобрување на условите за работа и за развој на библиотечната дејност во Охрид, додавајќи дека оваа дејност има посебно значење за задоволување на потребите на постарите лица.
„Инвестираме во културата за да ја направиме полесно достапна за граѓаните. Се грижиме охриѓани да имаат вредна и шаренолика културна програма за сите генерации“, рече Костадиновска-Стојчевска на промоцијата на проектот на Библиотеката „Григор Прличев“ во Охрид и волонтерите на Црвениот крст, кои во континуитет ќе се грижат за приближување на книгата до домот на секој корисник што ја сака литературата.
За време на посетата, директорот Јованоски ја запозна министерката за култура со тековните активности на Библиотеката, како и со актуелните предизвици со кои се соочува оваа национална установа. Во знак на благодарност за поддршката на проектот Светски патувачки поетски фестивал „Прличев и Еминеску – поглед кон иднината“, на министерката за култура ѝ беше врачена статуетата „Михаи Еминеску“, што ѝ ја додели Европската фондација и меѓународна академија „Михаи Еминеску“ од Крајова, Романија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Лашкоска: Обновувањето на шумскиот фонд е дел од приоритетите на локално и национално ниво
Заменик министерката за животна средина и просторно планирање, Ане Лашкоска, денес ја посети Гевгелија каде заедно со градоначалникот, Андон Сарамандов, се приклучија на акцијата за масовно пошумување и подигање на јавната свест „Да пуштиме корени во нашата Гевгелија“ во рамките на која на месноста Топлик, Гевгелија се засадуваа 6000 дрвни насади.
„Министерството за животна средина ги поддржува активностите за пошумување во државата бидејќи тие се значаен ресурс од повеќе аспекти – заштита на биодивезитетот, подобрување на квалитетот на воздухот, климатските промени, заштита од ерозија и свлечишта и се важен економски ресурс“ изјави Лашкоска на настанот потенцирајќи дека обновувањето на шумскиот фонд е дел од приоритетите на локално и национално ниво особено во услови кога сме соочени со многу високи летни температури и со сериозно опожарување на шумите на територијата на целата држава.
Таа упати честитки и благодарност до градоначалникот на Гевгелија, Андон Сарамандов и општина Гевгелија за одлично реализираната акција.
Во рамките на посетата на општина Гевгелија, заменик министерката Лашкоска и градоначлникот Сарамадов направија увид во реализацијата на проектот за намалување на загуби на вода со замена и инсталација на водомери заедно со инсталација и конфигурација на опрема со далечинско отчитување. Проектот го имплементира ЈКПД Комуналец Гевгелија, а е финансиски поддржан од страна на МЖСПП со средства во висина од 5 милиони денари.
Македонија
СДСМ утре на Конгрес ќе избира ново раководство
Социјалдемократскиот сојуз на Македонија утре ќе го одржи 30. партиски Конгрес, на којшто ќе биде избрано новото партиско раководство.
Од опозициската партија известија дека Конгресот ќе има отворен и работен дел, ќе се разговара за идните, нови политики на партијата и ќе биде избрано новото раководство, однсно членовите на највисиките тела во СДСМ – Централниот и Надзорниот одбор.
На почетокот, ќе има обраќање на Венко Филипче, кој пред пет месеци ја презема претседателската функција од неговиот претходник, Димитар Ковачевски по големиот пораз што го претрпе партијата на парламентарните и претседателските избори.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ контра Кузеска: Оваа Влада вложува во модернизација, претходната потроши 5 милиони евра на службени возила
За разлика од ВМРО-ДПМНЕ која што вложува во модернизација, професионализација и осовременување на условите за работа во македонските институции, СДС и ДУИ во своето владеење за службени возила потрошиле повеќе од пет милиони евра, реагира ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференцијата на портпаролката од СДСМ, Богданка Кузеска.
„Очигледно на функционерите од СДС изминатите седум години на власт, најважна им била сопствената комоција, а не и реалните проблеми на обичните луѓе“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Додаваат дека во буџетот за 2025 година предвидено е зголемување на средствата за модернизација на МВР, одбраната, здравството, земјоделието, односно предвидени се зголемени средства за набавка на опрема во сите институции.
Кузеска претходно денес на прес-конференција обвини дека власта ги одби амандманите за поголеми плати, а ќе троши на мебел и скапи автомобили за функционерите.