Македонија
Костадиновска-Стојчевска: Со 30 милиони денари се реконструира покривот на НУБ „Св. Климент Охридски“
Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска изврши увид во работата за санација на покривната конструкција на Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ во Скопје, каде што изминатите два месеца се реконструираат три од постојните пет кубуси на покривната конструкција на стариот дел од објектот.
„За оваа неопходна санација и реконструкција на една од најзначајните институции за науката и културата во нашата земја, Министерството за култура досега одвои околу 30 милиони денари. Активностите се одвиваат според планот и досега се реализирани над 50 проценти од одобрените средства, односно 16.827.443,00 денари“, рече министерката Костадиновска-Стојчевска.
За време на увидот, директорот на НУБ, Рахметула Куќи, и министерката Костадиновска-Стојчевска дискутираа и за актуелните предизвици со кои се соочува оваа институција, чиј објект претставува архитектонско ремек-дело на еден од најзначајните македонски архитекти, неодамна починатиот Петар Муличковски. Годинава симболично, со неговата смрт и почетокот на реконструкцијата на старата зграда на НУБ, се навршува точно половина век од нејзиното официјално пуштање во употреба.
Министерката Костадиновска-Стојчевска и директорот Куќи го потенцираа и повеќедецениското неоправдано запоставување на оваа наша најголема ризница на знаење и ги искажаа своите заеднички идни заложби, но и заемното задоволство што таквата практика веќе станува минато. Потврда за тоа се подобрените работни услови за вработените, како и интересот на неколку домашни угледни компании и дипломатски претставништва да дадат свој придонес во враќањето на сјајот на оваа клучна институција од областа на културата и образованието.
Директорот Куќи ја актуализира потребата од зголемување на бројот на стручниот кадар, како и потребата за набавка на нова современа опрема во Центарот за дигитализација при НУБ, потребна за едукација и надградба на знаењата на новите млади генерации корисници.
Министерката за култура уште еднаш ја потенцира својата заложба оваа монументална и значајна институција, која е и една од првите институции основана со одлука на АСНОМ во 1944 година, повторно да го врати својот сјај и да стане водечко збирно место за младите и прогресивни студенти, истражувачи и културни дејци.
„Ние сме тука да ја подобриме сегашноста во оваа институција, институција што може да ни понуди најточен и најдобар поглед кон посветлата иднина преку своето знаење, преку целото културно и историско искуство и богатство, кое е акумулирано во депоата на оваа наша најголема библиотека“, истакна министерката Костадиновска-Стојчевска.
Реализацијата на проектот за целосна реконструкција на покривот, кој во оваа фаза опфаќа вкупно 1.070 квадратни метри, како и на блоковите 3 и 5 од објектот на НУБ „Св. Климент Охридски“, продолжува и в година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски на средби со сопственици на компании и со претседателот на Европскиот совет во Минхен
Премиерот, Христијан Мицкоски, на првиот ден од 62. Минхенска безбедносна конференција имаше средби со претставници на компании и со претседателот на Европскиот Совет.
„Денешниот прв ден овде го започнавме со средба којашто е многу значајна со високи претставници на компанијата ‘Шварц’, една од најголемите во светот и една од најголемите овде во Германија, со годишни приходи повеќе од 180 милијарди евра. Компанијата ‘Шварц’ вработува повеќе од 605.000 вработени и е присутна во повеќе од 30 земји во светот, помеѓу нив е и нашата Македонија“, изјави Мицкоски.
Имал состанок и со сопственикот на „4iG“ којшто е веќе присутен во Македонија како сопственик на лиценца за трет мобилен оператор.
„Она коешто е значајно, а треба да се истакне и да го знае македонската јавност и македонските граѓани е фактот дека покрај постоечкото инвестициско портфолио и двете компании и компанијата „Шварц“ и компанијата „4iG“ планираат дополнителни инвестиции во Македонија во сосема поинаква, во сосема поинакво портфолио, а тоа е вештачката интелигенција, дата центрите и енергетиката, односно производството на електрична енергија“, рече Мицкоски.
Премиерот бил дел и од свеченото отворање на 62. Минхенска безбедносна конференција каде што свое обраќање имаше германскиот канцелар Мерц, а денот го завршил со состанок со претседателот на Европскиот Совет, Антонио Кошта.
„На состанокот разговаравме за евроинтегративниот процес на Македонија и она коешто е важно за македонските граѓани, тој процес да не биде билатерализиран, да не биде понижувачки и да биде сочуван македонскиот идентитет и приоритетите на македонските граѓани“, рече Мицкоски.
Тој им честита на македонските граѓани за, како што рече, онаа убава вест којашто на почетокот на денот пристигна од САД од Вашингтон, а тоа е усогласената заедничка изјава помеѓу македонската Влада и Белата куќа, а се однесува на договорот за трговија којшто понатаму двете држави ќе го потпишат, договор којшто овозможува подобра економија и повеќе можности за македонските компании.
„На овој начин покажуваме како Влада дека покрај она стратешко партнерство со Велика Британија, Обединетото Кралство, после избришаниот пост мониторинг од страна на Советот на Европа, овој трговски договор којшто ќе биде во рамките на оваа заедничка изјава којашто ја усогласивме со Белата Куќа потпишан ја заокружуваме дипломатската офанзива во овие први дваесетина месеци од оваа нова Влада и тоа се историски договори со историски успех за македонските граѓани и Македонија како држава. Останете со нас следните два дена продолжуваме со многу убави вести и со успешни состаноци од овде од Минхен од 62 Минхенска безбедносна конференција“, рече Мицкоски.
Македонија
Поранешниот градоначалник на Чашка на 11 вработени незаконски им исплатил плати од над 700.000 денари
Полицијата поднесе кривична пријава против поранешен градоначалник на општина Чашка за „злоупотреба на службената положба и овластување“.
СВР Велес, до Основното јавно обвинителство Велес, поднесе кривична пријава против Г.С.(47) од Чашка поради постоење основи за сомнение дека сторил кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Во периодот од јануари 2021 до декември 2024 година, Г.С. во својство на градоначалник на општина Чашка, постапил спротивно на Законот за државни службеници и на 10 лица вработени во општина Чашка, во повеќе наврати, од буџетската сметка на општината им исплаќал парични средства по основ на плата за кариера кај државен службеник, иако знаел дека тие не ги исполнуваат условите за државен службеник.
Додека, на едно лице, спротивно на Законот за работни односи, овозможил да му се исплати бонус плата, иако не биле исполнети условите.
На тој начин, пријавениот овозможил на 11-те вработени да се стекнат со имотна корист и предизвикал штета на буџетот на општина Чашка во вкупен износ од 725.562 денари.
Исто така, за место кое според актот за систематизација има предвидено една позиција, Г.С. на еден од вработените му издал решение за работното место иако таа позиција веќе била пополнета.
Македонија
Посебен режим на сообраќај утре во Скопје
На 14.02.2026 (сабота) поради верскиот празник Задушница, од страна на Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе бидат преземени мерки за посебен режим на сообраќај во Скопје.
Имено, со почеток од 06:00 часот сообраќајот кон градските гробишта Бутел ќе се одвива во една насока (кружно), односно, сите возила ќе се упатат по ул.„Бутелска“, лево по ул.„Александар Урдаревски“, лево по ул.„Боца Иванова“ и десно до влезот на гробиштата Бутел, а за излез десно по ул.„Боца Иванова“, до кружниот тек на ул.„Бутелска“, па лево по ул.„Бутелска“ и десно по ул.„Кемал Сејфула“.
Посебен режим на сообраќај ќе се воведе и во близина на гробиштата Камник, Драчево и Ѓорче Петров.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите кои ќе ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците опфатени со посебниот режим на сообраќај.

