Македонија
Костадиновски најави засилен судски активизам: Ќе поведуваме постапки и ако нешто побуди интерес кај јавноста или сомнеж кај нас, седниците ќе се пренесуваат во живо
Со пренесување во живо на седниците на Уставниот суд, оживување на атрофираната функција на судот за поведување постапки по сопствена иницијатива, засилен судски активизам, воведување уставна тужба и уставна жалба и донесување закон кој ќе ги гарантира самостојноста и независноста на Уставниот суд, новиот претседател, Дарко Костадиновски, ќе ја враќа довербата на граѓаните во институциите и во правниот систем. За него, приоритет над сите приоритети ќе биде враќањето на довербата оти е на историски најниско ново.
„За остварување на овој приоритет неопходни се неколку чекори, повеќе би ги нарекол предизвици. Прв е бескомпромисноста во обезбедувањето на самостојноста и независноста на Уставниот суд. Втор ќе биде мојата бескомпромисност во обидите за какви било политички или од каква било друга природа влијанија врз судот или врз уставните судии. Уставната и правната култура ќе биде високо на мојата агенда. Судскиот активизам, односно оживување на една наша атрофирана функција, поведување постапки на сопствена иницијатива, исто така ќе биде високо на мојата агенда. Транспарентноста и отвореноста на судот кон јавноста ќе продолжи и она што планирам да го направам во мојот мандат ќе биде поинтензивна соработка и поголема присутност на науката во Уставниот суд“, најави новиот претседател на Уставниот суд, Костадиновски.
Тој потсети дека од 1991 година, односно од донесувањето на првиот Устав на независна Република Македонија, Уставниот суд е најнереформираната институција во системот во поглед на правната рамка од каде ги црпи надлежностите.
„ Уставниот суд ја црпи својата надлежност директно од Уставот и од актот на судот, но се поставува прашањето дали ваквата статус кво во поглед на правната рамка е добра и кому му одговара да продолжи. Тука се надоврзува и прашањето дали се исполнети очекувањата на граѓаните 33 години по донесувањето на Уставот. Во таа смисла во наредниот период со сите релевантни фактори во општеството ќе разговарам за неопходноста од интервенција во Уставот со цел обезбедување уставен основ за донесување закон со кој ќе се операционализираат уставните одредби за Уставниот суд. И тоа не каков било закон, моето инсистирање е да биде системски закон затоа што тоа е начинот на кој ќе се гарантираат самостојноста и независноста на Уставниот суд“, објасни Костадиновски.
Ќе продолжи со настојувањето на сите негови претходници за зголемување на обемот на заштита на слободите и правата на граѓаните и воведување на уставната тужба и уставната жалба, но повика и граѓаните да го почитуваат и штитат Уставот.
Костадиновски смета дека се исполнети условите за зголемен судски активизам оти судот е комплетиран.
„Долго време откога сум јас судија, овој суд имаше сериозни предизвици, особено во бројот на судии со кои работевме. Предолг временски период работевме на кворум со петмина судии. Потоа постепено се пополнуваа. Денес, Уставниот суд е комплетен, со што се исполнети околностите и сите претпоставки за навистина оживување на таа атрофирана функција на судот – по сопствена иницијатива, не само по иницијатива на граѓаните, да се вклучиме во заштитата на правната држава, правната сигурност и владеењето на правото. Ќе направам сè што е во мојата моќ овој судски активизам да биде што е можно поприсутен. За сè што ќе наиде на интерес на јавноста или ќе побуди сомнеж кај мене како судија или кај кој било од судиите, затоа што не само јас туку и другите судии може да ја користат оваа алатка, ве уверувам дека ќе имаме засилен судски активизам“, вели Костадиновски.
Смета дека седниците на Уставниот суд, за што постојано се залагал, треба да се пренесуваат во живо како обид за враќање на довербата кај граѓаните, а истовремено најави поголема соработка со науката за сите проблеми и дилеми што ги имаат во работењето.
„И нам како судии ни се јавуваат многу важни уставно-правни и теми и дилеми. Често имаме спротивставени мислења, впрочем за тоа доволно говорат моите 55 издвоени мислења досега. Секогаш сум сметал дека ќе биде корисно ако ги викнеме и струката и науката на помош. Ништо не можеме да изгубиме, можеме да добиеме. И тоа ќе биде еден од моите приоритети“, вели Костадиновски.
Тој денес, на првото јавно обраќање како претседател на Уставниот суд, не сакаше да зборува за конкретни предмети или да изнесува ставови за актуелните случувања што не се на дневен ред на седниците на судот. Рече дека сите граѓани преку преносите во живо на седниците ќе имаат можност да го чујат неговото и мислењето на другите судии за сите проблеми кога ќе стигнат на ред во судот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
По 100 дена мандат, Ѓорѓиевски порача: „Скопје повторно почна да дише“
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, објави отчет за првите 100 дена од мандатот, наведувајќи дека ја презел функцијата во услови на, како што рече, „град на раб на финансиски колапс – празна каса, блокирани сметки, јавни претпријатија со неисплатени плати, систем без дисциплина и долг од речиси 300 милиони евра“.
„Тотален колапс! Институции што одамна престанале да работат во служба на граѓаните“, наведува градоначалникот, додавајќи дека добил доверба од граѓаните и дека „таа доверба нема да биде изневерена“.
Според него, за три месеци се намалени обврските за повеќе од 40 милиони евра преку кратење на непродуктивни трошоци и воведување финансиска дисциплина, а стабилизирана е и исплатата на платите во јавните претпријатија.
Ѓоргиевски информира дека биле отстранети над 600 фиктивно вработени кои со години земале плата без да доаѓаат на работа, како и дека е спроведена акција за чистење во која, како што наведува, учествувале над 2.500 луѓе, стотина возила и биле отстранети повеќе од 4.500 тони отпад за 72 часа.
„Скопје повторно почна да дише“, наведува тој.

Градоначалникот посочува дека се деблокирани клучни инфраструктурни проекти, меѓу кои клучката кај „Момин Поток“, булеварот „Македонија“ со подземната сообраќајница, улиците „Љубљанска“ и „Перо Наков“, како и реконструкцијата на „Фрањо Клуз“.
Почнува изградба на нови кружни текови, булевари и монтажни катни гаражи, како и доизградба на булеварот „Борис Трајковски“.
Во делот на јавниот превоз, наведува дека со поддршка од Владата се работи на модернизација со нови еколошки автобуси и проекти за современ транспорт.
Ѓоргиевски информира и за уредување нови зелени површини, расчистување на Вардариште, изградба на Луна парк, како и за набавка на нов мебел, компјутери, интерактивни табли и прочистувачи на воздух за средните училишта. Посочува дека Скопје останува Европска престолнина на културата 2028.
Во обраќањето тој наведува дека буџетот за 2026 година е повисок и развоен, со рекордни капитални инвестиции во образование, култура, инфраструктура и животна средина.
„Наследивме долгови, но градиме стабилна иднина. Наследивме хаос, но воспоставуваме систем и ред. Наследивме разочараност, но ја враќаме надежта и достоинството“, наведува градоначалникот.
Ѓоргиевски упати благодарност до Советот на Град Скопје, до својот тим и до премиерот Христијан Мицкоски, наведувајќи дека „со дела, како никој во минатото покажа што значи вистинска грижа за граѓаните и вистинска поддршка за Скопје“.
Македонија
Промовирани првите акредитирани учебници по психијатрија
Амфитеатарот на Медицинскиот факултет во Скопје денеска беше полн – претставници од Министерството за здравство, деканот и продеканите на Медицинскиот факултет, раководители на катедри, голем број професори, доктори, специјализанти и претставници на студентски организации присуствуваа на свечената промоција на првите акредитирани учебници по психијатрија, со што се испиша историја во македонската психијатрија.
Уредници на првиот акредитиран учебник „Психијатрија“ се проф. д-р Славица Арсова Хаџи-Анѓелковска, проф. д-р Антони Новотни и проф. д-р Димитар Боневски. Тие се и автори на учебникот „Медицинска психологија и социологија“, заедно со Андромахи Наумовска, виш научен соработник.
Промоцијата на двата учебника ја отвори деканот на Медицинскиот факултет, проф. д-р Светозар Антовиќ, кој рече дека учебниците ќе остават траен белег во наставата по психијатрија и ќе претставува значаен чекор напред во развојот на психијатриската наука во Македонија.
„Ова е историски момент, затоа што се темели на основите поставени од нашите професори од почетоците на психијатријата во Македонија. Ова се први учебници што се акредитирани и имаат академско, научно и практично значење“, рече Арсова Хаџи-Анѓелковска, директорка на Клиниката за психијатрија и автор на учебниците.
„Информации има насекаде, често расфрлани, без контекст, без тежина, без проверка. Учебникот е нешто сосема друго – тоа е знаење, со вткаено искуство, структура, логика, клиничко размислување, сомнежи, одговори, приоритети – тоа е учебникот што се обидувавме да го направиме и се надевам така ќе го доживеат нашите колеги“, рече во своето обраќање проф. д-р Антони Новотни.
Во однос на учебникот по „Медицинска психологија и социологија“, авторите кажаа дека станува збор за издание кое треба да го прочита секој доктор, бидејќи станува збор за водич за целосно разбирање на пациентите – како личност со своја историја, ставови, надежи и ресурси и дека тука лежи суштината на медицинската психологија – во спојот меѓу науката и човечноста.
Во знак на благодарност за минатиот труд и придонес во развојот на катедрата и наставата, директорката на Универзитетската клиника за психијатрија, Славица Арсова им додели благодарници на професорите во пензија од Универзитетската клиника за психијатрија и на рецензентите, за значаен придонес во развојот и унапредувањето на психијатријата.
Со издавањето на новите учебници, заокружени со денешниот настан, македонската психијатрија добива институционална зрелост – формализирана, акредитирана и систематизирана во сопствено академско издание.
Македонија
Сиљановска-Давкова прими претставници на „Стоп за Усје“
Претседателката, Гордана Сиљановска-Давкова, прими претставници на граѓанската иницијатива „Стоп за Усје“, кои ги образложија нивните ставови врзани за влијанието на цементарницата Усје врз квалитетот на воздухот и здравјето на луѓето.
Истакнувајќи ги своите барања, тие укажаа на потребата од воспоставување мерни станици со 24/7 мерење на загадувачките супстанци, целосна транспарентност на добиените податоци, како и усогласување со препораките на Светската здравствена организација за граничните вредности на ПМ10 честичките.
Претставниците на граѓанската иницијатива „Стоп за Усје“ споделија компаративни примери од други држави каде што пропишаните параметри се пониски од македонските.
Според нив, наместо да се ангажираат приватни акредитирани лаборатории за независни мерења, треба час поскоро да се забрза процесот на акредитација на државната лабораторија.
За нив, неопходна е поголема институционална поддршка и очекуваат надлежните, доследно, транспарентно и неодложно да ги извршуваат законските обврски во интерес на заштитата на животната средина и здравјето на граѓаните.
Претседателката, пред сè како граѓанка, ја сподели загриженоста за загадувањето на воздухот, почвата и водите, како едно од најгорливите прашања.
Сиљановска-Давкова ги сослуша аргументите и истакна дека со внимание ги следи нивните активности насочени кон поздрава и побезбедна животна средина, како врвен национален приоритет.
Таа потсети дека не случајно го именувала за член на Советот за безбедност, професор и научник од областа на метеорологијата и климатските промени, д-р Спиридонов.
Соговорниците се согласија дека животната средина е заедничка одговорност и стратешка определба, оти е неопходен континуиран дијалог меѓу граѓанските организации, институциите и стопанските субјекти заради креирање одржливи и долгорочни решенија, како и дека Собранието треба, согласно Деловникот, да ги отвори портите за нив во расправата за законите од областа на животната средина и вршењето на надзорната функција.

