Македонија
(Видео) Костадинов: Добрата вест е што Иванов си заминува

Добрата вест е што претседателот Ѓорге Иванов си заминува бидејќи тој е последен остаток од режимот на Никола Груевски, изјави пратеникот на СДСМ, Коста Костадинов.
Според него, Иванов десет години бил марионета на режимската ВМРО-ДПМНЕ и во тој период не излегол во јавноста за да се обрати за клучни прашања како што се – гушењето на демократијата, затворањето на медиумите и кршењето на човековите права.
„Со противењето на договорот од Преспа тој е против ЕУ и НАТО и јасно ја покажува неговата улога на антизападен политичар”, рече Костадинов. Тој вели дека пратениците бурно реагирале и довикувале за време на говорот на претседателот бидејќи бил полн со лаги и со невистини, ги навредил пратениците и демократскиот дом и ги потценил граѓаните.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Фото) Директорот на БЈБ Јанев на показна вежба во Полицискиот центар „Ѓорче Петров“

Денеска директорот на Бирото за јавна безбедност Александар Јанев присуствуваше на показната вежба во Полицискиот центар „Ѓорче Петров“ на полициските службеници за прием во ЕБР кои успешно ја завршија шестмесечната обука.
На вежбата беа презентирани тактики и техники од доменот на јавниот ред и мир и полициски операции во урбана средина, воспоставување на нарушен јавен ред и мир во поголем обем, како и напад на возило и апсење на вооружени и опасни лица.
„Колегите прикажаа и докажаа умешност, вештини и подготвеност кои гарантираат дека ЕБР е и ќе биде една од алките кои го сочинуваат безбедносниот систем подготвен деноноќно да служи на граѓаните и нивната безбедност. Благодарност до командантот и останатите раководители во Единицата, до инструкторите и менторите, како и до раководството на Одделот за специјални полициски операции“, истакна директорот Јанев.
Преку вежбата беа презентирани и акции на приод и влез во објект во кој се наоѓа криминална терористичка група, неутрализирање на истите, како и апсење на дел од групата, со користење на оклопни возила, беспилотно летало „дрон”, како и останати средства и опрема со кои располага Единицата.
Македонија
Пониква станува рехабилитациски центар за повредените од пожарот во Кочани

Повредените од пожарот во Кочани ќе бидат испратени на рехабилитација во Пониква. На денешната седница на Владата и официјално се усвои информација за потреба од обезбедување на рехабилитација во Пониква, за потребите на пациентите.
„Со оглед на природата на повредите, особено кај пациенти кои претрпеле сериозни изгореници, неопходна е долгорочна и специјализирана нега, физиотерапија, психолошка поддршка и континуиран медицински надзор. Туристичкиот центар во Пониква, со своите природни и технички услови, е соодветна локација за спроведување на овој тип рехабилитација“, соопшти Владата.
Потребите кои ќе бидат обезбедени се однесуваат на сместување и терапевтски капацитет за повредените пациенти, ангажман на медицински и физиотерапевтски тим со специјална обука во третман на изгореници, обезбедување психолошка поддршка за пациентите и нивните семејства како и континуирана комуникација со болниците и специјалистите кои ги третираат пациентите во акутната фаза.
Според Владата, оваа иницијатива ќе придонесе не само за физичко заздравување, туку и за психосоцијална стабилизација на повредените лица, со што ќе се забрза нивниот повраток во секојдневниот живот.
Планот, распоредот, начинот на спроведување на продолжената медицинска рехабилитација, како и обезбедувањето на соодветни медицински тимови, ќе биде изготвен од страна на ЈЗУ Општа болница со проширена дејност – Кочани, во соработка со: Министерството за здравство, Јавните здравствени установи вклучени во третманот и рехабилитацијата на повредените пациенти, како и во согласност со потребите и состојбата на самите пациенти и нивните семејства.
„Во таа насока, Владата ја усвои Информацијата за потреба од обезбедување на рехабилитација во Пониква и го задолжи Министерството за внатрешни работи да ги стави на располагање сместувачките капацитети во одморалиштето во Пониква за период од 10 јуни до 20 август. Владата го задолжи Министерството за здравство во соработка со ЈЗУ Општа болница со проширена дејност Кочани и Работната група формирана од Владата во соработка со пациентите да го донесе оперативниот план за рехабилитација. Исто така, трошоците за сместување и оброк на пациентите, како и оброк за медицинскиот кадар се на товар на Министерството за внатрешни работи“, соопштија од Владата.
Македонија
Забрана за возила од денеска на спојот на улиците „Димитар Илиевски Мурато“ и „Широк Сокак“

Од вечерва почнува забраната на моторниот сообраќај од 19:00 до 00:00 часот на спојот на улицата „Димитар Илиевски Мурато“ и улица „Широк Сокак“ во Битола.
„Поради отпочнување на спроведување на одлуката за означување на условите и утврдување на режимот на сообраќај во централното градско подрачје, Ве известуваме дека во периодот 10.06.2025 (вторник) до 10.09.2025 во терминот од 19:00 до 00:00 часот, се забранува моторниот сообраќај со поставување на физички препреки на спојот на улицата „Димитар Илиевски Мурато“ и улица „Широк Сокак“, со што се овозможува безбеден пешачки сообраќај“, соопшти Општина Битола.