Македонија
Костовски: Законските измени за коридорите се за да не се повтори катастрофата со автопатот Кичево – Охрид
Со измените на петте закони, кои влегуваат во собраниска процедура, создаваме можности за побрза и поевтина изградба на делниците од коридорите 8 и 10 д, изјави на прес-конференција пратеникот од СДСМ, Мартин Костовски.
Како што рече, станува збор за најголемата инвестиција во инфраструктурата, вредна 1,3 милијарда евра, од кои најмалку 51 отсто, или над 600 милиони евра ќе завршат кај домашните градежни компании.
„Коридорот 8 ЕУ го признава како европски коридор со геостратешка важност, па оттаму измените на овие закони се носат со европско знаменце. Носењето на законските измени е да на дозволиме да се повтори катастрофата со автопатот Кичево – Охрид, каде што се пробија многу рокови, а поради несоодветниот проект, се потрошија стотици милиони евра повеќе од предвиденото на почетокот. Со потребните законски измени ќе се унапредува ефикасноста во изградбата на целокупната патната, железничката и енергетската инфраструктура во иднина“, рече Костовски.
Според него, сите стратешки проекти од национален интерес, сите проекти финансирани од ЕУ и од релевантни меѓународни финансиски институции ќе се реализираат во согласност со новиот пристап, кој ќе биде далеку поефикасен и поефективен.
Заклучи дека со изградбата на коридорите нашата држава станува вистински кружен тек на Балканот. Освен подобро поврзување, овој проект обезбедува и економски придобивки преку раст на БДП од два отсто годишно и отворање најмалку 8.000 работни места, рече Костовски.
Ги повика сите пратеници преку аргументирана дискусија да дадат поддршка на законските измени, со цел да се заштедат 150 милиони евра народни пари и две години од изградбата, што би се случило доколку овие измени не бидат донесени.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Средба на Сиљановска-Давкова со претставници од групата на АЛДЕ
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска прими претставници на Алијансата на либерали и демократи за Европа (АЛДЕ) од Европскиот Парламент, учесници на меѓународната конференција „Quo vadis Europa 2025?”, што се одржа во Скопје.
Гостите ја потврдија јасната заложба на АЛДЕ за деблокирање на македонскиот евроинтегративен пат, како и брзо и целосно интегрирање на Западен Балкан во ЕУ, преку посегање по креативни решенија во овој исклучително тежок геополитички моментум.
Претседателката, низ призма на принципите и вредностите гарантирани со европските конститутивни акти, презентираше свои видувања и предлози за излез од блокадата.
Гостите изразија не само интерес, туку и подготвеност да помогнат во надминувањето на неодржливиот status quo во којшто се наоѓаме, преку иницирање можни решенија во рамките на Европскиот парламент.
Претседателката го поздрави конструктивниот пристап на АЛДЕ, во духот на европските демократски принципи и вредности.
На средбата присуствуваа Свења Хан, претседателка на АЛДЕ и германска европратеничка, Рик Дамс, потпретседател на АЛДЕ и поранешен претседател на Парламентарно Собрание на Совет на Европа, Весна Пусиќ, прва претседателка на Мрежата на либерали од Југоисточна Европа (ЛИБСЕН) и поранешна вицепремиерка и МНР на Хрватска, Моника Зајкова, претседателката на Либерално-демократската партија и Емил Кирјас, потпретседател на Либералната интернационала.
Македонија
Неправилности и проблеми со „Безбеден град“ ќе се пријавуваат преку специјален пункт или на интернет
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, е задоволен од резултатите од тест-периодот на проектот „Безбеден град“.
Тошковски вели дека граѓаните значително ја намалиле брзината на возење, а бројот на сообраќајни незгоди е во опаѓање.
„Тест периодот покажува дека Македонија има сила да биде нормална земја. Горд сум што македонските граѓани покажаа дека и во тест период кога ќе се вметне едно решение, граѓаните сфатија и го забавија возењето во рамки на главниот град. Граѓаните покажаа дека можат поинаку и дека сега се вистински Европјани. Намалени се бројките на сообраќајки на територија на Град Скопје, а особено на тешки телесни повреди и смртни последици“, кажа министерот.

Граѓаните ќе можат да пријавуваат неправилности и проблеми со системот „Безбеден град“ преку специјален пункт во склоп на управните служби на МВР, интернет-страница и мобилна апликација, најави Тошковски.
Тој нагласи дека се работи на остранување на сите неправилности и од 1 февруари возачите свесно ќе придонесат за безбедноста во сообраќајот.
Македонија
Мицкоски вели дека Обвинителството треба да се позанимава со СДСМ околу изјавите за мигрантите
Премиерот Мицкоски вели дека Обвинителството треба да реагира на изјавите на СДСМ дека ќе се носат мигранти во Македонија. Според Мицкоски, овие изјави претставуваат создавање немир и паника кај граѓаните, што, како што вели, е предвидено во Кривичниот законик.
„Мора тука и обвинителството да се позанимава со оваа тема затоа што во Кривичниот законик ова е еден вид насилство, создавање паника, немир кај граѓаните. Затоа што ако еднаш, двапати, трипати демантиратме и вие континуирано продолжите со оваа тема имате намера и тенденција да создадете несигурност паника и страв кај граѓаните и мора кривично да одговарате за тоа. Еве ќе дојде март нема да има мигранти прифатени како резултат на договор со Велика Британија или било каков друг договор. Ќе дојде и јуни ќе нема мигранти, ќе нема мигрантски кампови и тогаш под 100 илјади гласови ќе бидат од СДСМ и ќе станат маргинална партија, ако тоа им е целта нека продолжат“, истакна Мицкоски.
„Доколку во Македонија се донесат мигранти осудени за сериозни кривични дела, тоа ќе значи директна закана по безбедноста на државата. Во исто време, тоа целосно ќе го закочи европскиот пат, затоа што со евентуален влез во ЕУ повторно би се отвориле вратите кон Унијата – нешто што европските земји сакаат да го спречат. Затоа на ВМРО-ДПМНЕ ѝ одговара Македонија да остане изолирана, рече генералниот секретар на СДСМ, Александар Саша Димитријевиќ.
„Таа е составена од 9 точки, и во неа стои дека се осудуваат дезинформациите за наводно прифаќање мигранти и изградба на кампови, се потврдува дека такви политики не постојат ниту ќе постојат, се поништуваат сите претходни аранжмани на владата на Заев поврзани со мигрантски кампови и се повикува на одговорен јасен говор, заштита на безбедноста, стабилноста и меѓуетничките односи. Исто така, се констатира дека свесното ширење дезинформации ќе биде санкционирано согласно важечките закони. Резолуцијата воспоставува јасна државна политика против нелегалната миграција и стапува во сила веднаш по нејзиното изгласување“, изјави Никола Мицевски, координатор на пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ.

