Македонија
Костовски: Состојбата по невремето што ја зафати општина Бутел е стабилна

Општинскиот кризен штаб и во ноќните часови работеше на терен на расчистување на последиците од невремето и обилните врнежи што ја зафатија општина Бутел. Ова го објави градоначалникот на Бутел по синоќешното невреме.
„Општинските работници ги оспособија сите критични места и расчистени се паднатите дрва и наносите. Сите патишта, кои се под надлежност на Општина Бутел, се проодни. Апелирам за поголема ажурност на Град Скопје, да излезат на теран и да ги расчистат главните булевари и улици“, пишува Костовски во својата објава на „Фејсбук“.
Како што вели тој, отворениот телефонски број 075 274 421 ќе биде и понатаму достапен за потребите на граѓаните на општина Бутел, каде што ќе може да ги пријават последици од невремето.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Бејта: Муцунски и ВМРО ДПМНЕ неуставно ја узурпираат и ја партизираат дипломатијата

Владата на ВМРО ДПМНЕ срамно, противуставно ја узурпира дипломатијата и ја претвора во продолжена рака на партијата, истакна на прес-конференција Фатон Бејта од комисијата за надворешни работи на СДСМ.
Според него, користејќи го парламентарно мнозинство, ВМРО-ДПМНЕ и министерот за надворешни работи Муцунски, прават директно мешање на законодавната во извршната власт, преку политички злоупотреби на Автентичното толкување на член 39 став 3 од Законот за надворешни работи.
Со ова толкување, како што наведе, се воспоставува обврска кандидатите за амбасадори задолжително пред надлежното работно тело во Собранието да ги презентираат своите согледувања за односите со државата на приемот или меѓународната организација.
„Без оваа процедура, не може да биде потпишан Указот за поставување на амбасадор од страна на претседателот на државата. Со тоа директно се ограничува уставната надлежност на претседателот на државата, имајќи предвид дека според член 84 алинеја 2 од Уставот, претседателот поставува и отповикува амбасадори со указ, без дополнителни услови или одобрувања.
Целта на ВМРО-ДПМНЕ е јасна – создаваат и измислуваат нов филтер, кој всушност е партиска проценка во Собранието за секој иден амбасадор. ВМРО ДПМНЕ сака да ја контролира и дипломатијата“.
Амбасадорите, додава тој, ќе бидат поставени по партиска лојалност, а не според стручноста и дипломатскиот капацитет, кој го поседуваат со што може да се стави во ризик меѓународното портфолио на државата.
„Со ваквиот чин МНР и НТ Муцунски враќаат професионални дипломати со цел да ги пополнат испразнетите амбасадорски места со „партиски војници“ на ВМРО ДПМНЕ и ВЛЕН“.
Го повика Муцунски и претседателката на државата да одговорат дали во Указите за отповикување на 9 наши амбасадори е наведено автентичното толкување на членот 39 став 3.
Според него, членот 45 јасно кажува под кои услови мандатот на амбасадорот може да трае пократко од 4 години – доколку самиот тоа го побара, ако е прогласен за persona non grata од страна на државата на приемот или ако има незадоволителни резултати во работата или со своето работење им причинува штета на интересите на државата.
Јасно е, подвлекува Бејта, ВМРО ДПМНЕ ја партизира и контролира и дипломатијата.
„Затоа наместо суштински, направија козметички измени на Законот за надворешни работи, со кои на Муцунски му се овозможува да продолжи да ги унапредува партиските војници на ВМРО во МНР и НТ.
И ова не е само политичко прашање, ова е прашање за заштита на уставниот поредок, институциите и достоинството на македонската дипломатија, нешто што ВМРО ДПМНЕ го става под своја партиска капа“.
СДСМ во консултација со правни експерти, како што најави, ќе ја разгледа можноста со цел оценување на Уставноста и законитоста на Автентично толкување на членот 39 од Законот за надворешни работи.
Македонија
Мицкоски: Исправена е неправдата, доделени национални признанија

Денес не зборуваме само за спорт. Зборуваме за пожртвуваност. Зборуваме за истрајност, за достоинство, за љубов кон татковината. Денес, овде, ја исправуваме државата пред нејзините најгорди амбасадори-спортистите што со години наназад ја носеа Македонија во срцето и на грбот, на терените, арените и подиумите ширум светот, истакна премиерот Христијан Мицкоски по повод доделувањето на националното признание на најуспешните македонски спортисти за врвни достигнувања во спортот.
Со оваа одлука, додаде Мицкоски, државата воспоставува нов принцип, дека врвниот спортски успех мора да се вреднува не само во моменти на еуфорија, туку и во текот на цел живот.
„Токму затоа овие признанија се доживотни. Тоа е конкретен израз на почит и благодарност, а не симболика. Не го правиме ова од куртоазија, туку од силно убедување. Од уверување дека државата која не ги цени своите херои, полека ја губи и својата душа. Државата не смее и нема да го заборави никого којшто донел слава и чест, и ја промовирале истата.
Овие 22 признанија се само почеток на нова политика“, нагласи Мицкоски.
Ова признание, како што рече, не е само награда за минатото, туку и порака за иднината.
„За сите млади таленти кои денес се на животен крстопат. Кои се прашуваат дали вреди да се жртвуваат, да го дадат целото свое време, енергија и срце за спортот и за својата татковина. Со оваа награда, им подаваме рака и им порачуваме: Македонија ќе биде тука за вас. Ќе продолжиме да вложуваме во спортот, во рамките на своите можности“, рече Мицкоски.
Македонија
Николоски: МФ да изнајде финансирање за брзата пруга, формирано и координативно тело за реализација на договорот со Велика Британија

Владата на вчерашната седница ги отпочна првите чекори за реализација на Договорот со Велика Британија и веќе е формирано Координативно тело кое ќе ја следи реализацијата на Договорот помеѓу Македонија и Велика Британија, информираше денеска Заменик претседателот на Владата и министер за транспорт и врски, Александар Николоски.
-Членови на координативното тело покрај мене се: Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Министерката за енергетика, минерални суровини и рударство, Министерот за дигитална трансформација, Министерот за здравство, директорот на Македонски железници-Инфраструктура, Генералниот секретар на Владата и Државниот првобранител, а телото може да кани и други гости по потреба, кои што ќе ја следат реализацијата на Договорот помеѓу Македонија и Велика Британија, истакна Николоски.
Додаде дека на вчерашната владина седница е направен и првиот чекор, за отпочнување на проектот за изградба на брза пруга на Коридорот 10, од границата со Грција до границата со Србија.
-Имено Владата на предлог на Министерството за транспорт, донесе Одлука, со која што се задолжува Министерството за финансии, на меѓународниот финансиски пазар, низ една отворена и транспарентна процедура, да изнајде финансии за спроведување на овој проект. Должината на пругата треба да се некаде над 200 километри, истата треба да е двоколосечна, во патничкиот сообраќај треба да има брзина од 160км/ч, а во карго сообраќајот треба да има брзина од најмалку 120км/ч и рокот за реализација треба да е некаде 5 години. Очекуваме во текот на летните месеци да имаме поконкретни детали околу финансирањето на проектот, и секако да одиме кон фаза на избор на изведувач, кој што би почнал уште од оваа есен да работи на теренот. Ќе работиме во заеднички проект, каде што и проектирањето и изведбата ќе бидат од еден изведувач и најверојатно ќе се оди според FIDIC правилата или според така наречен жолт FIDIC или според така наречен среден FIDIC, изјави Николоски.