Македонија
Која земја ќе ја претставува Мицкоски во Вашингтон, Северна Македонија или никогаш Северна, само Македонија, прашува Филипче
Христијан Мицкоски, кој во Вашингтон отиде со половина од своите министри, гордо преку видео ни порача дека е на самитот на НАТО.
Човекот, кој жолчно работеше против членството во алијансата и целата своја политичка стратегија ја базира на блокада на тој процес, денес без грам срам се однесува како ништо да не било, реагира лидерот на СДСМ, Венко Филипче, на најавата на премиерот Христијан Мицкоски од Вашингтон дека со дел од министрите ќе учествува на самитот на НАТО по повод 75-годишнината од формирањето на алијансата.
„Лицемерството на политиката на ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски достигнува неверојатни граници. Тој заборави да каже во видеото која земја ќе ја претставуваат со Тошкоски, Мисајловски и Муцунски во Вашингтон, Северна Македонија или како што им ги подгреваа очекувањата на граѓаните – никогаш Северна, само Македонија?
Мицкоски да не заборава дека тоа што денес е на најважниот политички настан во светот, а не во некој од месните штабови на ВМРО-ДПМНЕ е благодарение на храбрите и државнички одлуки на СДСМ, што тој ги бојкотира.
Не е далеку денот кога и целосно ќе се накити со перјата во надворешната политика, исто како што тоа го прави со инвестициите, кои помпезно ги најавува, а се плод на работата на СДСМ.
Јавноста знае дека СДСМ беше и ќе остане мотор на развојот. СДСМ е партијата што ги реализира визијата и стратегијата на државата, а ВМРО-ДПМНЕ ќе остане опортунистичка партија, која ќе кочи сè што е во интерес на граѓаните за теснополитички интерес“, пишува Филипче на социјалните мрежи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
МВР потврди: Уапсен Артан Груби
На граничниот премин „Блаце“, припадници на Министерство за внатрешни работи го уапсија поранешниот прв вицепремиер Артан Груби.
„Денеска (23.02.2026) во 06:10 часот на Граничниот премин Блаце, на влез во државата, од слобода е лишен Артан Груби (48), кој беше баран со меѓународна потерница за истрага за сторено кривично дело по чл.354 ст.5 в.в. ст.3 в.в ст.1 в.в со чл.22. од КЗ“, велат од МВР.
Груби се товари за злоупотреба на службената положба во случај поврзан со Државна лотарија. Во предметот осомничен е и Перпарим Бајрами, а истрагата се однесува на наводна проневера од околу осум милиони евра преку набавка на ВЛТ апарати.
Македонија
Без струја денеска делови од Бутел, Карпош и Кисела Вода
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 08.00 до 10.00 часот, корисниците од улицата Марко Крале лоцирани околу објектот бр. 51, општина Бутел;
– во периодот од 08.30 до 10.00 часот, корисниците од улицата Козле лоцирани позади фабриката Реплек, општина Карпош;
– во периодот од 08.35 до 11.00 часот, корисниците од улицата Радишанска, општина Бутел;
– во периодот од 12.00 до 16.00 часот, дел од корисниците од улицата 1439 во населба Пинтија, општина Кисела Вода.
Македонија
Без вода денеска дел од Кисела Вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради изведување водоводен приклучок од ф – 100 мм – во близина на Макпетрол, без вода ќе останат корисниците од улицата Христо Татарчев лоцирани на потегот од улицата Народни Херои до улицата Франк Харкорд-Манинг, општина Кисела Вода.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато во периодот од 09.00 часот па се до завршување на работата

