Македонија
Кој зорт го натера Таравари да биде посредникот на Ахмети кај Мицкоски, прашуваат од „Вреди“
По демаскирањето што му беше направено вчера од собраниската говорница, Арбен Таравари им должи на гласачите искрен одговор: што го натера да ја преземе улогата на посредник на Али Ахмети и на Артан Груби кај Христијан Мицкоски, прашуваат од „Вреди“.
„Зошто Таравари побара од Мицкоски да го земе ДУИ во Владата?
Зошто овој човек дејствуваше скришно за да го врати „политичкиот труп“, како што го нарекуваше тој?
Тој им ги должи овие одговори на граѓаните кои пред неколку месеци побараа гласови за Промената на злото наречена ДУИ“, истакнуваат од оваа партија.
Според нив, нема сомнение дека планот на Артан Груби и Арбен Таравари беше јасен, како што велат, за соборување на „Вреди“ како претставник на волјата на Албанците и враќање на ДУИ на власт низ прозорецот, откако народот ја исфрли низ вратата.
„Целата јавност виде како Таравари, во телевизиските емисии, ги навредуваше „Вреди“ и нејзините гласачи, додека го фалеше премиерот само за да остане во Владата. На идентичен начин, ДУИ во кампањата спомена „кексови и гурабии“ и „чизми на таванот“, додека во собата 161 во Собранието молеше по секоја цена да остане во владата, дури и без претседател на Собранието на Република Северна Македонија, само „Вреди“ да не ги претставува Албанците.
Прашањето што се поставува е следново:
Што го натера Таравари да го изврши ова политичко самоубиство?
Дали беше прашањето за „Ѓока Констракшн“ или некоја уцена од неговиот близок пријател, Фатмир Меџити, оној кој, покрај директорската плата, го вработил за илјада евра месечно“.
Денес, додаваат од „Вреди“ е јасно дека планот на Артан е уништен и маските паднаа.
Таравари, како што потенцираат, заврши во скутот на Али Ахмети, Блерим Беџети, Муса Џафери, Бујар Османи и целата политичка каста што владееше со оваа земја 20 години, но не реши ниту еден од проблемите на Албанците.
„Вреди“ ќе продолжи да го штити гласот на Албанците од валкани политички пазарења, нагласуваат од оваа партија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Студени утра, посвежи денови: променливо облачно време со сончеви периоди
Времето денес ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Во западните делови ќе дува умерен западен ветер.
Минималната температура ќе биде во интервал од -12 до -3, а максималната ќе достигне од 0 до 7 степени.
Во Скопје, променливо облачно и студено со сончеви периоди. Ќе дува слаб ветер од променлив правец.
Минималната температура ќе се спушти до -9, а максималната ќе достигне до 3 степени.
До крајот на седмицата ќе се задржи стабилно и суво време. Од среда по котлините ќе има услови за појава на магла, а температурата ќе биде во благ пораст.
Македонија
Без струја делови од Аеродром и Сопиште
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, на ден 13.01.2025 година ( вторник ) без електрична енергија ќе останат:
· од 09:00 до 14:00 часот, корисниците од дел од ул. Ѓорѓи Андреевиќ Кун. (општина Аеродром)
· од 09:00 до 15:00 часот, корисниците од ул. 23 Село Сопиште (со сите подулички). (општина Сопиште).
Фото: pexels
Македонија
18-годишникот кој усмрти жена во Капиштец избега од државата, МВР распиша потерница
Министерството за внатрешни работи распиша меѓународна потерница по 18-годишникот кој прегази жена во Скопје и избега од местото на настанот. Според најновите информации, тој избегал и од државата.
„Министерството за внатрешни работи распиша меѓународна потерница по Саитов Саит (18) од Скопје од татко Берти и мајка Ганимете од Скопје. Лицето е барано по централна и меѓународна потерница по барање на ОЈО Скопје за кривично дело по член 300 од Кривичниот законик“, соопшти МВР.
Според истрагата, на 9 јануари, Саитов со „фолксваген пасат“ се движел по улицата „Народен фронт“ без да поседува важечка возачка дозвола. Тој се движел со неприспособена брзина и извршил непрописно поместување во левата коловозна лента, по што со возилото удрил во пешакот 79-годишната Љуба Јаковлеска. По несреќата, тој избегал.
фото/МВР

