Македонија
Кратка драма на судењето за Пендиков: судијата не даде одлагање, адвокатите на обвинетиот си излегоа од судницата за да го запрат судењето
Нов доказ предложен од охридското Обвинителство против обвинетиот Илија Спасевски е доставен до судот во случајот со натепувањето на Христијан Пендиков. Беше побарано одлагање на рочиштето за да се проучи овој доказ, но судијата Бојан Мартиноски не дозволи. Поради ова, адвокатите на обвинетиот ја напуштија салата, а судењето без нив не можеше да продолжи.
„Потребно ни е време за проучување на дополнителното вештачење, евентуално ангажирање технички советник, за потоа да се произнесеме. Ова го барам бидејќи од сослушувањето на оштетениот Пендиков ќе зависат и прашањата во однос на констатирани повреди“, рече адвокатот Димитрија Цобoски.

„Неосновано е барањето за одлагање на сослушувањето на сведоците, особено што оштетениот специјално дојде од Бугарија“, рече обвинителката од ОЈО Охрид.
„Таа заборава дека Пендиков е и македонски државјанин, дека има обврска да се јавува во судот доброволно. Тоа што моментно престојува во Бугарија е негов проблем. Не е тоа проблем на судот и одбраната“, врати адвокатот.
„Се одбива предлогот. Ако се укаже потреба за повторно повикување на оштетениот, по оценка на судот, тој повторно ќе биде повикан. Поради начелата за ефикасност, продолжуваме“, рече судијата Бојан Мартиноски.
„Со ова се кршат правата на обвинетиот. Поради ова, ќе ја напуштам судницата“, рече адвокатот Димитрија Цобoски.
„Сакам бранител адвокат. Ќе го користам правото да изнесам одбрана преку бранител адвокат. Барам одлагање“, рече обвинетиот Илија Спасевски.
Судењето се одложи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.
Македонија
МНР ги повика македонските државјани заглавени во ОАЕ да се јават во амбасадата во Абу Даби
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, имајќи ја предвид актуелната безбедносна состојба, Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби, во координација со локалните власти во Обединетите Арапски Емирати, активно работи на финализирање на деталите околу организацијата на комерцијален лет за евакуација на македонските државјани.
Се повикуваат сите граѓани кои се заинтересирани за евакуација, а сè уште не се пријавиле, во најкраток рок да стапат во контакт со Амбасадата во Абу Даби преку следните контакти:
Телефон: +971 56 441 7532
Е-маил: [email protected]
„Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Пријавените лица навремено ќе бидат информирани за понатамошните чекори и условите за безбедна реализација на евакуацијата“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos
Македонија
(Фото) Руте во посета на Армијата: Дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес во касарната „Илинден“, Скопје, оствари посета на Армијата, која се реализира во рамки на неговата официјална покана на Македонија.
Генералниот секретар беше пречекан од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Во рамките на посетата, генералниот секретар се обрати пред припадниците на Армијата истакнувајќи го придонесот што нашата држава го прави во рамки на Алијансата.
„Вие навистина дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили (Forward Lend Forces)“, истакна Руте, потенцирајќи „со тоа се грижите навистина да ја одбраниме секоја педа од територијата на Алијансата“.

За време на посетата беше извршена смотра на построените единици, како и на опремата и средствата со кои располагаат Лесната пешадиска баталјонска група и декларираните единици од составот на Баталјонот на специјални сили.
Во знак на признание за придонесот во зајакнувањето на соработката и поддршката на Армијата на Република Северна Македонија во рамки на Алијансата, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски му додели Голема плакета на Армијата на генералниот секретар на НАТО.

На настанот присуствуваа генерали на Армијата и претставници од Армијата и Министерството за одбрана.

