Македонија
Крводарителска акција на министерот Спасовски и припадниците на МВР по повод Денот на полицијата

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски заедно со вработени во МВР, денеска, по повод 7 Мај – Денот на македонската полиција, даруваше крв во седиштето на МВР.
„Врз основа на Меморандумот за соработка потпишан од страна на Министерството за внатрешни работи, Институтот за трансфузиона медицина и Црвениот крст на Република Северна Македонија и согласно Законот за безбедност во снабдување со крв и во 2022 година, продолжува континуираната соработка за доброволно дарување на крвни единици“, информираат од ресорното министерство.
По повод одбележувањето на 7 Мај, Денот на полицијата се организирани доброволни крводарителски ации за вработените во МВР и тоа во седиштето на МВР и во СВР Штип, СВР Битола и СВР Тетово ќе се дарува крв во Регионалните центри за трансфузиона медицна.
Министерот Спасовски како редовен крводарител и во оваа пригода оддаде признание на припадниците на МВР коишто по претходно направен план се дел од бројните крводарителски акции, а воедно упати и повик до граѓаните за подигање на јавната свест за хуманиот чин на дарување крв преку приклучување во крводарителските акции со кои може да се спаси човечки живот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Гаши-Капетановиќ: укажано на потребата од подобрување на меѓусоседските односи во регионот, во време на геополитичките промени во светот

Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Африм Гаши, денеска во неговиот кабинет го прими Амер Капетановиќ, генерален секретар на Советот за регионална соработка.
Во оваа пригода, претседателот Гаши му упати честитки на Капетановиќ за неговото назначување за генерален секретар на Советот за регионална соработка во време на македонското претседавање со Процесот за соработка во Југоисточна Европа. Претседателот укажа на потребата од интензивирање и продлабочување на регионалната соработка како и подобрување на меѓусоседските односи во Регионот, особено во време на геополитичките промени во светот, со цел зачувување на мирот и стабилноста во Регионот.
Тој потенцираше дека Република Северна Македонија посветува големо внимание на регионалната соработка, како клучна компонента за евроинтеграцијата на Регионот и во континуитет активно учествува во работата на регионалните организации и иницијативи.
Капетановиќ укажа дека Советот за регионална соработка има оперативна улога во Процесот за соработка во Југоисточна Европа и претставува вредна политичка платформа која придонесува за стабилизација на Регионот, но и за економски развој и социјален напредок на сите земји од Југоисточна Европа. Таа соработка се фокусира на работите кои го обединуваат Регионот врз основа на принципот на инклузивност. Соработката е заснована на реалните потреби на сите граѓани во регионот и има тенденција на поголемо вмрежување меѓу граѓаните, компаниите и институциите во регионот преку регионални иницијативи.
На крајот соговорниците ја поддржаа парламентарната димензија во сите процеси на регионално здружување, со можност во иднина Република Северна Македонија да биде домаќин на повеќе тематски конференции, како што се: дигитална трансформација, парламентарна дипломатија, како и соработка за формирање на регионален центар за брза интервенција.
Македонија
Божиновска – Лорковски: Енергетската иднина зависи од брзите реформи

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денеска во Скопје се сретна со директорот на Секретаријатот на Енергетската заедница, Артур Лорковски. Средбата се одржа во пресрет на новите предизвици поврзани со усогласувањето на националното законодавство со европските енергетски стандарди, понатамошната интеграција на македонскиот енергетски пазар во регионалниот и европскиот пазар и следните чекори во реформите на енергетскиот сектор
Божиновска ја истакна посветеноста на земјата во усогласувањето на националните енергетски политики со европските стандарди.
„Јасни правила и предвидливост – тоа е клучно за стабилен и конкурентен енергетски сектор. Работиме на законски решенија што ќе обезбедат сигурност за инвеститорите, ќе го забрзаат процесот на енергетска транзиција и ќе гарантираат одржлив развој,“ истакна таа.
Божиновска нагласи дека реформите во енергетскиот сектор се еден од врвните приоритети на Министерството, Во тој контекст, информираше дека Предлог-законот за енергетика беше поставен на Единствениот национален регистар на прописи (ЕНЕР), овозможувајќи јавна консултација за неговото финализирање. Директорот Лорковски изрази задоволство за транспарентноста на процесот
На средбата беше потенцирана важноста на забрзаната имплементација на интеграцискиот пакет за електрична енергија, што ќе овозможи подобра предвидливост на пазарот, оптимизација на прекуграничните капацитети за пренос и стабилизирање на цените.
Лорковски ја потврди посветеноста на Енергетската заедница во поддршката на реформските процеси во земјата, нагласувајќи дека усогласувањето на регулативите со ЕУ директивите е клучно за побрза интеграција на македонскиот енергетски пазар во пошироките регионални и европски текови.
Министерството за енергетика, како што соопштија од таму, останува посветено на реформите што ќе донесат стабилност, развој и конкурентност во македонскиот енергетски сектор.
Македонија
МНР: Македонија ја реафирмира цврстата поддршка за Украина и продолжува со осудата на агресијата на Руската Федерација

Одлуките на Република Северна Македонија во поглед на поддршката и гласањето за резолуциите на Генералното собрание на Обединетите нации се донесени врз основа на темелно истражување и анализа на актуелните глобални надворешнополитички движења, утврдените позиции на влијателните меѓународни чинители, нашата заложба за зацврстување на мирот, безбедноста и просперитетот во светот, како и стратешкиот интерес на државата за создавање стабилна позиција и градење поцврсти односи со нашите стратешки партнери, соопштија од Министерството за надворешни работи.
Во таа насока, како што информираат, особено се земени предвид и актуелните силни заложби на претседателот на САД и американската администрација за побрзо завршување на воените активности меѓу Украина и Руската Федерација преку водење ефективни и непосредни преговори, чија основна цел е што поскоро постигнување на траен мир и безбедност во Украина и поширокиот регион.
„Донесените одлуки во врска со нашето спонзорирање и гласање за резолуциите на Генералното собрание на ОН немаат и не треба да бидат толкувани како повлекување или промена на претходно изразените позиции. Напротив, со нив Република Северна Македонија ја реафирмира цврстата поддршка за Украина и продолжува со осудата на агресијата на Руската Федерација, истовремено изразувајќи силна солидарност и одговорност кон украинскиот народ и неговите напори за целосна заштита на територијалниот интегритет, суверенитетот, независноста, слободата и демократијата.
Во оваа насока, потсетуваме дека како и во изминатите три години, така и денес и во иднина, Република Северна Македонија останува силно приврзана кон севкупните напори на меѓународната заедница, особено на САД и Европската Унија, за што побрзо постигнување на прекин на воените дејствија и обезбедување на траен и одржлив мир, како во Украина, така и пошироко во регионот и светот“.