Македонија
Кривичен изрече затворски казни за грабнувачите на Самоил Костадиновски кој се’ уште го нема
Донесена e пресуда за киднапирањето на Самоил Костадиновски, внук на екс министерот Љубе Бошковски, кој повеќе од една година не се знае каде е.
Првобвинетиот Виктор Милановски доби казна затвор од пет години и десет месеци, додека второбвинетиот Саша Челичиќ две години и два месеци.
Според Обвинителство на 3-ти март првообвинетиот Милановски заедно со Александар Трпков, кој е во бегство го грабнале Самоил, со закана дека ќе го убијат доколку не плати за претходно украдената дрога. Обвинетиот Саша Челикиќ со умисла им помогнал во извршување на кривичното дело грабнување.
Семејството на исчезнатиот Самоил Костадиновски не е задоволно од пресудата на судот и најави ќе се жали на повисок суд.
Таткото на Самоил, Љупчо Костадиновски по пресудата рече дека не може некој да украде велосипед или дрва и да добие повисока казна.
„Ќе се жалиме секако. Некого да го удриш ќе добиеш повисока казна од ова“, рече таткото додавајќи дека син му го нема, а казните се смешни.
Тој ја обвини полицијата дека ја заташкала целата работа кога почнала истрагата затоа што тоа е една група која работела за полицијата.
„Со вакви минимални казни ова не е држава, ова е картел“, рече таткото.
Обвинителството, пак, изрази одредено задоволство за епилогот во случајот со грабнувањето на Самоил Костадиновски. Обвинителот Дејан Петревски најави дека подоцна ќе се произнесе дали ќе има жалба на пресудата.
Прашан до каде е постапката за пронаоѓање на Самоил Костадиновски, обвинителот не сакаше да сподели информации во интерес на истрагата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре променливо облачно и релативно топло
Времето утре ќе биде променливо облачно и релативно топло.
Претпладне ќе има слаб локален дожд, а по одделни котлини ќе има појава на магла. Кон крајот на денот и во текот на ноќта во западните делови ќе има врнежи од дожд. На повисоките планини во северозападните делови врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува слаб до умерен, а во западните делови наместа повремено засилен ветер од западен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 5, а максималната ќе достигне од 11 до 18 степени.
Во Скопје, времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Претпладне во делови од котлината ќе има појава на магла. Ќе дува слаб променлив ветер. Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 15 степени.
Во наредните денови следува период на променливо време. Во недела претпладне ќе има локални врнежи од дожд, а на планините во северозападните делови од снег. Врнежи од дожд ќе има и во понеделник кои ќе бидат поинтензивни во југоисточните делови, а на планините ќе бидат од снег. Поради продор на постуден воздух врнежите од дожд ќе преминуваат во снег и на некои од повисоките места. Потоа во следните два дена ќе се задржи претежно стабилно време, а нови врнежи повторно се очекуваат од четврток.
Македонија
Трипуновски: Работиме на стабилен откуп и цена на суровото млеко
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски оствари средба со претставниците на поголемите млекарници во државата, на која се разговараше за стабилен откуп и цена на суровото млеко, покрај тоа што европскиот пазар и регионот се соочуваат со вишок на млеко.
На средбата се договори дека откупната цена на суровото млекото ќе биде стабилна, како и дека нема да има неоткупено млеко од страна на млекарниците.
Ќе се засилат контролите на пазарот со фокус на безбедноста и квалитетот на млекото и млечните производи, како и на добиточната храна.
Министерството останува посветено на унапредување на млекопроизводниот сектор и обезбедување на одржливи услови за фармерите и млекарниците, велат од таму.
Македонија
ЗНАМ до СДСМ: Димитриевски нема „златни визи“, не е вмешан во скандали и не оди на журки во Дубаи
Движењето ЗНАМ – За Наша Македонија обвини дека СДСМ со нападите врз Максим Димитриевски и партијата се обидува да ја дефокусира јавноста од сопствената политичка и економска катастрофа. Во соопштението, ЗНАМ ги нарекува обвинувањата на СДСМ „политичка манипулација и замајување“, оценувајќи ги како „неосновани, тенденциозни и без докази“.
Од партијата велат дека Димитриевски има лична и професионална кариера надвор од политиката и дека не бил поврзан со корупциски скандали.
„За разлика од двоецот Заев-Филипче кој ги троши народните пари по луксузни јахти низ светот, тој не поседува ‘златни визи’ и не оди на журки во Дубаи“, се наведува во соопштението.
Според ЗНАМ, сите јавни набавки и финансиски постапки се спроведуваат законски и под надзор, а партијата останува доследна на принципите на отчетност и јавна одговорност. „Политиката за нас не е приватен бизнис, туку јавна одговорност во интерес на граѓаните“, велат од движењето.

