Македонија
Кривичниот суд: Поротничката од ТНТ се жалеше на закани, ќе ѝ го заштитиме угледот
По низата преписки меѓу адвокатите во случајот ТНТ, Судскиот совет и Кривичниот суд, поротничката Лилјана Ивановска-Кочковска поднела оставка до претседателот Иван Џолев. Ивановска-Кочковска рекла дека прима закани за да се откаже од постапување во предметот ТНТ. Поротничката прифатила и натаму да постапува во предметот кога Џолев ѝ кажал дека судот ќе го заштити нејзиниот интегритет и углед.
„По посочувањето дека судот ги користи сите легални механизми да го заштити интегритетот и угледот на секој судија и судија поротник и доколку е неопходно, институциите може на секој судија и судија поротник да му овозможат и обезбедување, поротникот се согласи да продолжи да постапува сè до евентуално разрешување од Судскиот совет. Новиот допис на адвокатот Јовица Страшевски, кој денска беше доставен до медиумите, само ги потврдува заканите и притисоците што адвокатот – странка во постапката, се обидува да ги направи врз судот и судијата поротник, кој одлучува во конкретната постапка, а за кои судот подолго време апелира и вчера побара соодветна реакција од надлежните органи“, велат од Кривичниот суд.
Од Кривичниот суд повторно го прозваа адвокатот Јовица Страшевски, зачудени дека иако официјално е на одмор и не може да се појавува на закажани судења, денеска повторно продолжувал со притисоци и прозивки.
„Како и од каде адвокатот би знаел какви дописи се доставуваат до судот од други лица кога тие се доставуваат само до приемното одделение? Како се дозволува некој и понатаму да влијае врз судиите и судиите поротници и надвор од судница. Поради сите овие прашања, судот повторно апелира до Министерството за правда, Адвокатската комора, Судскиот совет на РСМ и до јавниот обвинител да преземат соодветни мерки и да го заштитат судот бидејќи доколку овие методи вродат со плод, истите може да бидат применети и во сите други судски постапки“, велат од Кривичниот суд.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Забранет сообраќајот на регионалниот пат Гостивар – село Чегране поради излевање на реката Вардар и обилниот дожд
Во 20.40 часот е воведена забрана за сообраќај на регионалниот пат Р2-233 Гостивар – село Чегране поточно во село Форино, поради излевање на реката Вардар и обилни врнежи од дожд, извести АМСМ.
Сообраќајот се пренасочува од село Чајле кон село Старо Чајле према село Форино.
Воведена е забрана за сообраќај и на локалниот пат од „Тумчевишка Петла“ кон село Тумчевиште и село Чегране, додаваат од АМСМ.
Македонија
Меѓународните односи, реформите и борбата против корупција во фокусот на разговорите меѓу Сиљановска-Давкова и Варнс
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ја прими Никол Варнс, вршителка на должноста шеф на мисијата во Амбасадата на САД.
Таа изрази подготвеност за понатамошна соработката со истата динамика и посветеност како со претходната амбасадорка.
Разговорот започна со осврт на меѓународните односи, состојбите во НАТО, ЕУ и регионот.
Потоа соговорничките се фокусираа на македонските работи: реформските процеси во судството, дигитализацијата, борбата против корупцијата и организираниот криминал и реализацијата на инфраструктурните проекти.
За нив, инклузивниот модел на одлучување и меритократијата во сите сфери на општествениот живот, а особено во образовниот систем и во регрутирањето на државната и јавна администрација на највисоко ниво се клучни не само за нашата евроинтеграција, туку и за просперитетот на државата.
Во време на безбедносни предизвици и ризици, за обете, американско-македонското стратешко партнерство, како и сојузништвото во НАТО се важни за стабилноста.
Амбасадорката ја потврди американската подготвеност за унапредување на пријателските односи, поздравувајќи ја неодамна усогласената заедничка изјава за рамката за идниот Договор за реципрочна, фер и балансирана трговија, како значаен чекор во зајакнувањето на економската соработка.
Сиљановска-Давкова и Варнс очекуваат со Акцискиот план да се конкретизираат низа проекти во интерес на граѓаните.
Македонија
Укината забраната за сообраќај на камиони на патот Гостивар-Стража-Кичево
Од 17:20 часот укината е забраната за ТМВ на патниот правец Гостивар-Стража и обратно.
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози. Врнежи од снег има на Пониква и на патниот правец Штип-Неготино кај с.Лесковица, кој во моментов не претставува пречка за одвивање на сообракајот, јави АМСМ.

