Македонија
Кривична за малолетник од Скопје за „тероризам“, за дојавите на бомби во скопски училишта
Денеска (5.12.2022) Секторот за борба против тероризам, насилен екстремизам и радикализам при Одделот за сузбивање организиран и сериозен криминал до Основно јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција поднесе кривична пријава против малолетник од Скопје, за сторено кривично дело тероризам предвидено и казниво по член 394-б став 2 од Кривичниот законик.
Имено, пријавениот малолетник инспириран од претходни објави за поставени бомби во неколку средни училиштата на територијата на Град Скопје, во период од 26.10.2022 до 2.11.2022 година, на социјалните мрежи забележал дека пораките биле испратени преку конкретен провајдер, кој нуди криптирање и заштита на комуникацијата, при што на 4.11.2022, од неговиот персонален компјутер, пристапувајќи на интернет-мрежата на еден телекомуникациски оператор, креирал електронска адреса на конкретниот провајдер, преку која напишал заканувачка порака за поставени експлозиви во четири средни училишта.
Истиот ден, користејќи посебна апликација, преку неговиот мобилен телефон се поврзал на неговиот персонален компјутер и во 14:09 часот, од претходно креираната електронска адреса на службените електронски адреси на четирите средни училишта во Скопје, ја испратил горенаведената порака со заканувачка содржина.
Од страна на МВР-ОСОСК-СБПТНЕР-Единица за откривање и демонтирање на експлозивни средства и направи, извршена е антитерористичка проверка на сите училишта коишто ја добиле порака, при што не се пронајдени експлозивни направи.
Со цел обезбедување докази, од страна на Секторот за борба против тероризам насилен екстремизам и радикализам во соработка со Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика и Секторот за меѓународна полициска соработка преземени се мерки, при што е утврдено дека електронската адреса на пријавеното лице била креирана на 4.11.2022 година во 11:17 часот од IP-адреса, за која од страна на телекомуникациски оператор се доставени податоци дека сопственик е Д.К.Ч.(43) од Скопје, мајка на кривично пријавеното малолетно лице.
Врз основа на издадени наредба од Судија на претходна постапка при Основен кривичен суд Скопје, на 7.11.2022 година е извршен претрес на дом и други простории каде живее Д.К.Ч., при што се одземени десктоп компјутер, еден мобилен телефон и СИМ-картичка, кои ги користел малолетникот, а од страна на Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика извршен е преглед во електронските уреди кои ги користи кривично пријавениот, при што е утврдено дека на 4.11.2022 година преку интернет-пребарувач било пристапено на конкретниот сервис провајдер, а врз основа на наредби од ОЈО за ГОКК извршено е вештачење на електронскиот доказен материјал, при што е утврдено дека пријавениот платил за закупување на пакет од провајдерот за користење безбедна електронска пошта.
На 7.11.2022 во ПСОН Карпош, во присуство на родител, инспектор за малолетници и семејно насилство од СВР Скопје и адвокат, извршен е разговор со пријавениот малолетник, при што тој го призна и го појасни начинот на извршување на кривичното дело.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сите патишта водат кон Будимпешта, со владин авион кај шефот и на море, велат од СДСМ
Главна дестинација на владинот авион е релацијата Скопје-Будимпешта. Дури седум пати летале до шефот, во главниот град на Унгарија, според информациите за летањето на владиниот авион кои ги објавија медиумите, велат од СДСМ.
„Сите во Будимпешта, со владин авион, на консултации и по работни задачи кај шефот.
Наместо да лежи во Идризово, ВМРО му подготвува враќање на Никола Груевски.
Затоа и беа тргнати потпретседателите.
Нема повеќе потпретседатели, нема внатрешна конкуренцијам се расчистува патот за единствениот претседател на ВМРО, Груевски.
Мицкоски е само чувар на фотелјата.
Мора да се обезбеди безбеден терен за враќање на газдата“.
Според опозиционата партија, Мицкоски, Николовски, Силјановска најмногу го користеле владинот авион.
„Толку многу се шета, Мицкоски дури и на Јадран оди со владин авион на капење.
Затоа мора да се купува нов авион, да се даваат милиони евра народни пари“, прашуваат од СДСМ.
Македонија
Вештачката интелигенција треба да биде технолошка трансформација во служба на граѓаните: Во Собранието се одржа јавна расправа
Вештачката интелигенција треба да биде технолошка трансформација во служба на граѓаните
Во Собранието се одржа јавна расправа по конечниот извештај на Државниот завод за ревизија за извршената ревизија на успешност на тема: ,,Можност за употреба на вештачка интелигенција во јавниот сектор”.
Настанот го отвори координаторката на Клубот на младински прашања и политики, Драгана Бојковска, која истакна дека мора да се биде во тек со современите држави кои ги користат ВИ алатките, и во тој контекст информира дека во работата на Собранието е вклучена вештачката интелигенција.
Советникот во ДЗР, Сашо Јаковчевски, кој го презентираше Извештајот, рече дека е потребна сеопфатна дигитална инфраструктура бидејќи имаме растечка база на знаење која може да се вклучи во спроведувањето на вештачката интелигенција во јавниот сектор.
Според државниот ревизор Максим Ацевски, институцијата е лидер по примената на дигитализацијата бидејќи посетеноста на веб-страницата за кусо време пораснала за 6,34 проценти.
Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, посочи дека Министерството веќе има проекти со кој се очекува да се спроведе вештачката интелигенција во јавниот сектор, која треба да биде технолошка трансформација во служба на граѓаните.
Учесниците во јавната расправа посочија дека без правна регулатива може да направи повеќе штета отколку корист. Затоа е потребна национална стратегија, заштита на личните податоци, институционален капацитет и правна заштита.
Македонија
Можности за интензивирање на парламентарните контакти со Казахстан
Пратеничката група за соработка со парламентите на државите од Централна Азија одржа средба со амбасадорите на Република Казахстан, Киргистанската Република, Република Таџикистан, Република Узбекистан и Туркменистан, акредитирани во Република Северна Македонија.
„Претседателот на Пратеничката група, пратеникот Никола Коњановски, им посака срдечно добредојде на присутните и истакна дека ваквите средби претставуваат значајна можност за размена на ставови за актуелните билатерални односи и за унапредување на парламентарната соработка. Тој нагласи дека Република Северна Македонија му дава особено значење на развојот на политичкиот дијалог, економската соработка и културната размена со земјите од Централна Азија“, соопшти собраниската прес – служба.
Работната средба продолжи со обраќањето на амбасадорот на Казахстан, Буршаков, кој ги презентираше уставните измени и реформите што се спроведуваат во неговата земја, со цел зајакнување на демократските институции, владеењето на правото и унапредување на човековите права и слободи.
Во дискусијата учество зеде и пратеничката Дијана Илиевска, која изрази задоволство што е член на Пратеничката група за соработка и за можноста да учествува на средбата. Таа му посака успех на амбасадорот на Република Казахстан во процесот на уставните измени и реформите во земјата.
Во продолжение на средбата беа разменети мислења за можностите за продлабочување на економските, трговските, образовните и културните врски, како и за интензивирање на парламентарните контакти и размена на искуства меѓу парламентите.
Во дискусијата беше нагласена улогата на Казахстан како важен фактор во Централна Азија и пошироко, особено во промовирањето на дијалогот, стабилноста и мултилатерализмот. Учесниците изразија подготвеност за продлабочување на соработката на мултилатерално ниво.
„Во насока на унапредување на парламентарните односи, беше предложено воспоставување поинтензивна и редовна комуникација меѓу пратеничките групи за пријателство, организирање заеднички активности, работилници и тематски конференции, како и размена на делегации и експертски посети. Соговорниците ја потврдија заедничката заложба за понатамошно зајакнување на билатералните и парламентарните односи и за продлабочување на соработката преку размена на искуства во реформските процеси и евроинтегративниот пат на Република Северна Македонија“, се наведува во соопштението.

