Македонија
Кривична за поранешниот директор на СОЗР за поткуп, фалсификување, проневера: Финансиската полиција со детали
Управата за финансиска полиција до Основното јавно обвинителство Скопје поднесе кривична пријава против едно физичко лице, поранешен директор на Службата за општи и заеднички работи на Владата на Република Северна Македонија, за сторени кривични дела примање поткуп по член 357 став 1 и став 3 од КЗ на РМ, фалсификување службена исправа по член 361 став 1 од КЗ на РМ, проневера во службата по член 354 став 1 од КЗ на РМ и несовесно работење во службата по член 353-в став 2 од КЗ на РМ и едно физичко лице во својство на сопственик и управител на правен субјект од Скопје за сторено кривично дело давање поткуп по член 358 став 1 од КЗ на РМ.
Првопријавениот П. М, во својство на службено лице – директор на Службата за општи и заеднички работи на Владата на Република Северна Македонија, во периодот од 9.6.2021 година заклучно со 13.6.2024 година, свесно и со умисла, извршил службени дејства што не смеел да ги изврши и потпишал пет договори за јавни набавки со правен субјект од Скопје, во сопственост и управуван од страна на второпријавениот Г. П., a притоа не го пријавил постоењето судир на интереси, не се изземал од овие постапки за јавни набавки и во текот на целиот период, а и по престанувањето на функцијата директор, остварувал директна материјална корист за себе и за свое блиско лице од правниот субјект во сопственост и управуван од страна на второпријавениот Г. П. и со таквиот начин на постапување првопријавениот го сторил кривичното дело примање поткуп по член 357 став 1 и став 3 од Кривичниот законик на Република Северна Македонија, а второпријавениот го сторил кривичното дело давање поткуп по член 358 став 1 од Кривичниот законик на Република Северна Македонија.
Дополнително, првопријавениот П. М. свесно и со умисла во вкупно пет службени исправи – изјави за непостоење судир на интереси во постапките за претходно наведените јавни набавки, внесувал лажни и невистинити податоци и со свој потпис овозможил тие да бидат употребени како вистинити и со таквиот начин на постапување првопријавениот го сторил кривичното дело фалсификување службена исправа по член 361 став 1 од Кривичниот законик на Република Северна Македонија.
Првопријавениот П. М. во својство на директор на Службата за општи и заеднички работи, во периодот од 1.1.2022 заклучно со 13.6.2024 година, во повеќе наврати, прикажувајќи невистинити податоци дека се работи за службени патувања за службени потреби и цели, потпишувал барања за резервација на хотелско сместување, барања за резервација на авиобилети, решенија за упатување на службен пат во странство и налози за службен пат во странство и со тоа овозможил лично за себе и за други лица вработени во Службата да стекнат имотна корист во вид на хотелски сместувања, авиобилети за реализирани патувања, изнајмување рентакар-возила за приватни потреби и цели, како и исплатени дневници за службени патувања, во вкупен износ од 1.792.859 денари и за овој износ го оштетил буџетот на Службата за општи и заеднички работи на Владата на Република Северна Македонија и го сторил кривичното дело проневера во службата по член 354 став 1 од Кривичниот законик на Република Северна Македонија.
Исто така првопријавениот П. М. во својство на директор на Службата за општи и заеднички работи и во својство на одговорен менаџер – accountable manager на авиослужбата при Службата за општи и заеднички работи, иако знаел и бил свесен, а од 27.10.2023 година и запознаен со фактот дека едно лице вработено како пилот не ги исполнувало условите за капетан – водач на авион, со несовесното вршење на своите овластувања и должности му овозможил на ова лице во периодот од 27.10.2023 заклучно со 14.6.2024 година од Службата за општи и заеднички работи да му биде исплаќан месечен надоместок по основ на плата во својство на капетан – водач на авион и на овој начин првопријавениот овозможил лицето да стекне имотна корист во вкупен износ од 3.444.615 денари, а на штета на буџетот на Република Северна Македонија и со таквиот начин на постапување првопријавениот го сторил кривичното дело несовесно фработење во службата по член 353-в став 2 од Кривичниот законик на Република Северна Македонија
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски на средби со сопственици на компании и со претседателот на Европскиот совет во Минхен
Премиерот, Христијан Мицкоски, на првиот ден од 62. Минхенска безбедносна конференција имаше средби со претставници на компании и со претседателот на Европскиот Совет.
„Денешниот прв ден овде го започнавме со средба којашто е многу значајна со високи претставници на компанијата ‘Шварц’, една од најголемите во светот и една од најголемите овде во Германија, со годишни приходи повеќе од 180 милијарди евра. Компанијата ‘Шварц’ вработува повеќе од 605.000 вработени и е присутна во повеќе од 30 земји во светот, помеѓу нив е и нашата Македонија“, изјави Мицкоски.
Имал состанок и со сопственикот на „4iG“ којшто е веќе присутен во Македонија како сопственик на лиценца за трет мобилен оператор.
„Она коешто е значајно, а треба да се истакне и да го знае македонската јавност и македонските граѓани е фактот дека покрај постоечкото инвестициско портфолио и двете компании и компанијата „Шварц“ и компанијата „4iG“ планираат дополнителни инвестиции во Македонија во сосема поинаква, во сосема поинакво портфолио, а тоа е вештачката интелигенција, дата центрите и енергетиката, односно производството на електрична енергија“, рече Мицкоски.
Премиерот бил дел и од свеченото отворање на 62. Минхенска безбедносна конференција каде што свое обраќање имаше германскиот канцелар Мерц, а денот го завршил со состанок со претседателот на Европскиот Совет, Антонио Кошта.
„На состанокот разговаравме за евроинтегративниот процес на Македонија и она коешто е важно за македонските граѓани, тој процес да не биде билатерализиран, да не биде понижувачки и да биде сочуван македонскиот идентитет и приоритетите на македонските граѓани“, рече Мицкоски.
Тој им честита на македонските граѓани за, како што рече, онаа убава вест којашто на почетокот на денот пристигна од САД од Вашингтон, а тоа е усогласената заедничка изјава помеѓу македонската Влада и Белата куќа, а се однесува на договорот за трговија којшто понатаму двете држави ќе го потпишат, договор којшто овозможува подобра економија и повеќе можности за македонските компании.
„На овој начин покажуваме како Влада дека покрај она стратешко партнерство со Велика Британија, Обединетото Кралство, после избришаниот пост мониторинг од страна на Советот на Европа, овој трговски договор којшто ќе биде во рамките на оваа заедничка изјава којашто ја усогласивме со Белата Куќа потпишан ја заокружуваме дипломатската офанзива во овие први дваесетина месеци од оваа нова Влада и тоа се историски договори со историски успех за македонските граѓани и Македонија како држава. Останете со нас следните два дена продолжуваме со многу убави вести и со успешни состаноци од овде од Минхен од 62 Минхенска безбедносна конференција“, рече Мицкоски.
Македонија
Поранешниот градоначалник на Чашка на 11 вработени незаконски им исплатил плати од над 700.000 денари
Полицијата поднесе кривична пријава против поранешен градоначалник на општина Чашка за „злоупотреба на службената положба и овластување“.
СВР Велес, до Основното јавно обвинителство Велес, поднесе кривична пријава против Г.С.(47) од Чашка поради постоење основи за сомнение дека сторил кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Во периодот од јануари 2021 до декември 2024 година, Г.С. во својство на градоначалник на општина Чашка, постапил спротивно на Законот за државни службеници и на 10 лица вработени во општина Чашка, во повеќе наврати, од буџетската сметка на општината им исплаќал парични средства по основ на плата за кариера кај државен службеник, иако знаел дека тие не ги исполнуваат условите за државен службеник.
Додека, на едно лице, спротивно на Законот за работни односи, овозможил да му се исплати бонус плата, иако не биле исполнети условите.
На тој начин, пријавениот овозможил на 11-те вработени да се стекнат со имотна корист и предизвикал штета на буџетот на општина Чашка во вкупен износ од 725.562 денари.
Исто така, за место кое според актот за систематизација има предвидено една позиција, Г.С. на еден од вработените му издал решение за работното место иако таа позиција веќе била пополнета.
Македонија
Посебен режим на сообраќај утре во Скопје
На 14.02.2026 (сабота) поради верскиот празник Задушница, од страна на Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе бидат преземени мерки за посебен режим на сообраќај во Скопје.
Имено, со почеток од 06:00 часот сообраќајот кон градските гробишта Бутел ќе се одвива во една насока (кружно), односно, сите возила ќе се упатат по ул.„Бутелска“, лево по ул.„Александар Урдаревски“, лево по ул.„Боца Иванова“ и десно до влезот на гробиштата Бутел, а за излез десно по ул.„Боца Иванова“, до кружниот тек на ул.„Бутелска“, па лево по ул.„Бутелска“ и десно по ул.„Кемал Сејфула“.
Посебен режим на сообраќај ќе се воведе и во близина на гробиштата Камник, Драчево и Ѓорче Петров.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите кои ќе ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците опфатени со посебниот режим на сообраќај.

