Македонија
Кривична пријава против експретседателот на ФФМ и уште 10 лица и 14 фирми за проневера на 2,4 милиони евра
Финансиска полиција поднесе кривични пријави против 11 физички и 14 правни лица за проневера на 2,4 милиони евра во Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), меѓу кои е и поранешниот претседател на ФФМ, Илчо Ѓорѓиоски.
Управата за финансиска полиција поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција Скопје против лицата И.Ѓ. во својство на претседател, О.М. во својство на раководител на Одделение за финансии и сметководство и Т.М. во својство на раководител на Одделот за судии и судење, сите од Фудбалската федерација на Македонија.
Пријава е поднесена и против Ѓ.Ч. во својство на сопственик и управител на правниот субјект „Масон инжинеринг“ ДООЕЛ Скопје; Н.Л. во својство на сопственик и управител на правниот субјект „Сеф компани“ ДОО Скопје; С.Т во својство на сопственик и управител на правниот субјект „Усјепор“ ДООЕЛ Скопје; К.А, во својство на овластено лице во правниот субјект „Км Емона“ ДООЕЛ Скопје; Е.Н. во својство на градежен инжинер во правното лице „Балкан-консалтинг“ ДОО Скопје; И.Т. во својство на сопственик и управител на правните субјекти „Биро копирс Ирина“ ДООЕЛ Скопје и „Принт примус“ ДООЕЛ Скопје; И.Т. во својство на сопственик и управител на правниот субјект ТП „Оли-Вети копирс“ Скопје; И. П. во својство на сопственик и управител на правниот субјект „Идиомас“ ИП ДООЕЛ Скопје; Ј.Д. во својство на сопственик правниот субјект „Спортико трејд“ ДООЕЛ Скопје; И.Ш. во својство на сопственик и управител на правниот субјект „Борографика“ ДООЕЛ Скопје; С.С. во својство на сопственик и управител на правниот субјект „Елит травел“ ДООЕЛ Скопје, како и против горенаведените правни субјекти кои се стекнале со противправна имотна корист.
Физичките лица и фирмите се осомничени за злосторничко здружување, перење пари, злоупотреба на службена положба и овластување, несовесно работење во службата, проневера во службата, измама во службата, фалсификување или уништување деловни книги, соизвршителство.
„Пријавениот И.Ѓ, во својство на претседател на Фудбалска федерација на Македонија, постапил несовесно во вршењето на службата, со пропуштање на должен надзор и внимание во вршење на своите овластувања и должности, со што ѝ овозможил на пријавената О.М. неосновано и спротивно на законот на штета на ФФМ да изврши исплата на парични средства од банкарските сметки на ФФМ на банкарските сметки на пријавените правни лица, со кои дејствија пријавениот И.Ѓ. го сторил кривичното дело несовесно работење во службата“, соопштија од Финансиска полиција.
Според информациите од Управата за финансиска полиција, со фиктивни фактури за наводно извршена продажба на стоки и услуги на ФФМ, правните субјекти се стекнале со противправна имотна корист.
„Пријавената О.М., во својство на раководител на Одделението за финансии и сметководство, во периодот од 1.1.2016 до 10.10.2019 ја злоупотребила службената кредитна картичка во сопственост на ФФМ, доверена на чување, на начин што пријавената О.М. при приватни патувања надвор од државата, за свои лични потреби, храна, облека и друго, потрошила и присвоила парични средства во вкупен износ од 3.017.928 денари, за кој износ го оштетила ФФМ“, се наведува во соопштението.
Пријавениот Т. М., во својство на раководител на Одделот за судии и судење при Фудбалска федерација на Македонија, потпомогнат од страна на С.С. и во соизвршителство со И.Ш., свесно и со однапред утврдена намера организирал да се изготват и достават фактури со невистинита содржина, за услуги и трговска стока која никогаш не била испорачана, за кои фиктивни фактури пријавената О.М. со пречекорување на овластувањата на својата службена положба извршила неоснована исплата од банкарските сметки на ФФМ на парични средства во вкупен износ од 12.581.289 денари, на штета на ФФМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови по наместа влажни коловози
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови по наместа влажни коловози.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Сите патишта водат кон Будимпешта, со владин авион кај шефот и на море, велат од СДСМ
Главна дестинација на владинот авион е релацијата Скопје-Будимпешта. Дури седум пати летале до шефот, во главниот град на Унгарија, според информациите за летањето на владиниот авион кои ги објавија медиумите, велат од СДСМ.
„Сите во Будимпешта, со владин авион, на консултации и по работни задачи кај шефот.
Наместо да лежи во Идризово, ВМРО му подготвува враќање на Никола Груевски.
Затоа и беа тргнати потпретседателите.
Нема повеќе потпретседатели, нема внатрешна конкуренцијам се расчистува патот за единствениот претседател на ВМРО, Груевски.
Мицкоски е само чувар на фотелјата.
Мора да се обезбеди безбеден терен за враќање на газдата“.
Според опозиционата партија, Мицкоски, Николовски, Силјановска најмногу го користеле владинот авион.
„Толку многу се шета, Мицкоски дури и на Јадран оди со владин авион на капење.
Затоа мора да се купува нов авион, да се даваат милиони евра народни пари“, прашуваат од СДСМ.
Македонија
Вештачката интелигенција треба да биде технолошка трансформација во служба на граѓаните: Во Собранието се одржа јавна расправа
Вештачката интелигенција треба да биде технолошка трансформација во служба на граѓаните
Во Собранието се одржа јавна расправа по конечниот извештај на Државниот завод за ревизија за извршената ревизија на успешност на тема: ,,Можност за употреба на вештачка интелигенција во јавниот сектор”.
Настанот го отвори координаторката на Клубот на младински прашања и политики, Драгана Бојковска, која истакна дека мора да се биде во тек со современите држави кои ги користат ВИ алатките, и во тој контекст информира дека во работата на Собранието е вклучена вештачката интелигенција.
Советникот во ДЗР, Сашо Јаковчевски, кој го презентираше Извештајот, рече дека е потребна сеопфатна дигитална инфраструктура бидејќи имаме растечка база на знаење која може да се вклучи во спроведувањето на вештачката интелигенција во јавниот сектор.
Според државниот ревизор Максим Ацевски, институцијата е лидер по примената на дигитализацијата бидејќи посетеноста на веб-страницата за кусо време пораснала за 6,34 проценти.
Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, посочи дека Министерството веќе има проекти со кој се очекува да се спроведе вештачката интелигенција во јавниот сектор, која треба да биде технолошка трансформација во служба на граѓаните.
Учесниците во јавната расправа посочија дека без правна регулатива може да направи повеќе штета отколку корист. Затоа е потребна национална стратегија, заштита на личните податоци, институционален капацитет и правна заштита.

