Македонија
Кривична против двајца полицајци за несовесно работење во службата
Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, Специјализирано одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластување и припадници на затворската полиција, поднесе кривична пријава против М.И. и К.С., полициски службеници во Полициската станица за граничен премин Долно Блаце при Регионалниот центар за гранични работи Север поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „несовесно работење во службата“ по член 353-в oд Кривичниот законик.
„На 31.01.2024 и 05.02.2024 првопријавениот М.И. евидентирал лица државјани на Република Турција кои не оствариле влез на граничниот премин и кои воопшто не биле присутни на граничниот премин во тие денови. Второпријавениот К.С., раководител на смена, не извршил должен надзор врз работата на првопријавениот и на тој начин им овозможиле на лицата да го регулираат престојот во државата и покрај тоа што како странци го пречекориле дозволениот период за престој согласно законските прописи“, велат од МВР.
Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди ќе поднесе предлог за поведување постапка за утврдување на дисциплинска одговорност и ќе изрече задолжителни мерки именуваните да бидат отстранети од работното место и од министерството до завршување на дисциплинската постапка.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Синоќа заседаваше Централниот Комитет на ВМРО-ДПМНЕ, донесени се неколку одлуки
Синоќа заседаваше Централниот Комитет на ВМРО-ДПМНЕ. Донесени биле повеќе одлуки во најголем дел активно поврзани со тековните подготовки за претстојниот редовен Конгрес кој ќе се одржи на 6 Декември во Кавадарци.
Донесена била одлука за избор на делегати кои ќе учествуваат и одлучуваат на Конгресот.
„На Конгресот ќе учествуваат над 800 делегати, а генералниот секретар Ѓорѓија Сајкоски беше овластен да ја утврди конечната листа на делегати согласно статутот на ВМРО-ДПМНЕ“, информираат од партијата и додаваат дека бил формиран и организациски одбор кој треба да го подготви Конгресот.

На Централниот Комитет, како што велат од ВМРО-ДПМНЕ, била донесена одлука за разрешување на Илија Стоилев од местото Претседател на Општинскиот Комитет на ВМРО-ДПМНЕ Свети Николе, по случајот на злоупотреба на средства во Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој.

Исто така, била донесена одлука за разрешување на Гоце Стоиловски од местото претседател на Општинскиот Комитет на ВМРО-ДПМНЕ Македонска Каменица.

„На Централниот Комитет стана збор и за резултатите од последните локални избори каде ВМРО-ДПМНЕ оствари убедлива и историски висока победа што претставува одговорност за работа и постигнување на резултати и ветеното пред граѓаните на Република Македонија“, соопштија од ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Изборот на Трајановски за потпретседател го потврдува влијанието на Заев, Филипче го зацврстува кругот на Заев во СДС наместо да го реформира
Филипче продолжува да биде спотер на Заев и да се потпира на кадри кои се сметаат како дел од политичкиот круг на Заев, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Филипче кадровските решенија во СДС ги носи под значително влијание на Заев. Филипче поставува кадри кои се сметаат за блиски до кланот Заеви. Изборот на Александар Трајановски за потпретседател на партијата е токму тоа, Трајановски е човек од шинелот на Заев.
Александар Трајановски е истиот тој кој летото заедно со Заев и Филипче се луксузираа на скапи јахти во Грција додека Заев ги бираше кандидатите за градоначалници. Трајановски и покрај тоа што ги изгуби изборите во Аеродром е поставен за потпретседател бидејќи е избор на Заев за да може слободно да течат бизнисите и да продолжи контролата на СДС во сенка.
Овој потег на Филипче само ја зацврстува перцепцијата дека кадровските одлуки во СДС сè уште се диктираат од Заев. Заев сè уште ја контролира внатрешната структура на партијата.
На Македонија и е неопходна конструктивна опозиција. Неопходно е дистанцирање на старите структури на моќ, превземање одговорност и реформи“, пишува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Од денеска задолжителна зимска опрема за возилата
Од денеска стапува во сила обврската за задолжително користење на зимска опрема за возилата. Оваа обврска ќе трае до 15 март следната година.
За да избегнете сообраќајни казни и прекршоци, од АМСМ велат потребно е да го усогласите вашето возило со пропишаните барања:
– Возила до 3.500 кг: потребни се зимски гуми на сите тркала со длабочина на шарата од минимум 4 мм, или летни гуми со истата длабочина, со задолжително носење синџири за снег.
– Возила со погон на сите тркала (4х4): зимски гуми со длабочина од најмалку 6 мм, или летни гуми со минимум 4 мм длабочина и синџири за снег.
– Возила над 3.500 кг: зимски гуми со длабочина од 6 мм на погонските тркала, или летни гуми со минимум 4 мм, со задолжителни синџири за снег.
Покрај ова, автобусите и товарните возила мора да носат прирачен алат како лопата, ако не можат да користат синџири за снег, информираат од АМСМ.

