Македонија
(Видео) Кризна состојба во Дебар и Центар Жупа поради коронавирусот, затвор за непочитување на препораките
Владата на денешната седница донесе одлука за воведување кризна состојба во општините Дебар и Центар Жупа, соопшти министерот за здравство Венко Филипче, на заедничката прес- конференција со министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски.
Филипче информираше дека пациентите кои се позитивни на корона вирус се стабилни, освен првата пациентка од Дебар, која беше примена со нејзиниот сопруг. Таа има дополнителни влошувања на состојбата и на граница е за да биде поставена на механичка вентилација. Специјалистите се надеваат дека со цела дополнителна терапија ќе го надмине овој период, но подготвени се и доколку има дополнително влошување, согласно параметрите и сатурацијата на кислород, да биде поставена на машина за дишење.
„Утрово, со соопштение информиравме за вчера тестираните лица за кои беше поставена индикација во текот на попладнето – сите се негативни. Денеска дојдоа за тестирање материјали од Центарот за јавно здравје од Дебар, за уште 10 лица во врска со втората група хоспитализирани пациенти од вкупно 24, сите во домашна изолација. Од нив 10 покажале знаци за горно респираторно заболување. Локалниот епидемиолог зел материјали за анализа и ги прати на испитување – четири од нив се позитивни. Тоа значи уште четири нови пациенти, кои ќе бидат префрлени на Универзитетската клиника за инфективни болести. Сите четворица се со лесна клиничка слика. Тоа беше причина зошто дополнително со членовите на Комисијата за заразни болести утрово разговаравме, а тие информации ги изложивме и пред Управувачкиот комитет за управување со кризи. Управувачкиот комитет предложи да се воведе кризна состојба на овој дел во општините Дебар и Центар Жупа и веднаш потоа на седница на Владата се донесе оваа мерка и одлука за ограничување на движењето на луѓето кои живеат во овие општини. Согласно Законот, во следните 24 часа ние веќе закажавме седница на Комисијата за заразни болести и на Управувачкиот комитет, уште една во тек на попладнето за да се разработи оперативниот план, за детали во однос на тоа како ќе се функционира во рамки на овие општини, каде сега е кризна состојба. Врз основа на тие заклучоци и мерки, кои ќе се донесат во текот на попладнето, на прес-конференција или со соопштение ќе ја информираме јавноста“, рече Филипче.
Министерот информираше дека патник, кој пристигнал на скопскиот аеродром – наш државјанин од Германија, бил изолиран заради регистрирана лесно покачена температура. Земен е материјал за испитување и изолирани се дел од луѓето кои седеле околу него согласно препораките.
„Веднаш по пристигнувањето и изготвување на резултатите ќе информираме за неговата состојба и врз основа на резултатот, ќе се утврди што понатаму во лекувањето, секако, согласно тоа и за другите патници. Целосно денеска се почитува забраната за влез на странски државјани, кои доаѓаат од земјите со висок ризик согласно вчерашната одлука на Владата“, истакна Филипче.
Владата покрај усвоените заклучоци, мерки и препораки во функција на преземање дополнителни активности за превенција од ширење на корона вирусот (COVID -19 ) го усвои и следниот заклучок: да се спроведуваат препораки за казнивост согласно член 205 и 206 од Кривичниот законик за сите физички и правни лица кои ги прекршуваат донесените решенија од страна на Државниот инспекторат за труд и Државниот пазарен инспекторат, и да се процесуираат до Јавното обвинителство за да постапи согласно законски утврдени надлежности.
Воедно се задолжуваат Државниот санитарен и здравствен инспекторат, Државниот пазарен инспекторат и Државниот инспекторат за труд да ги преземат сите мерки и активности од своја надлежност за спроведување и операционализирање на сите мерки, препораки и насоки усвоени од Владата во врска со спречувањето на ширењето на корона вирусот (COVID-19).
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Намалена видливост поради магла на неколку патни правци
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози. Мали остатоци од снег има на планинскиот превој од (село Лисец – Попова Шапка) кои се задржани на коловозот, извести АМСМ.
Врнежи од снег со слаб интензитет има на патниот правец (Крива Паланка – г.п.Деве Баир) кој не се задржува на коловозот и намалена видливост поради појава на магла има на планинските премини Плетвар до 30 метри, Ѓавато до 100 метри и планинскиот превој Крушево до 40 метри.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Дел од Карпош денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради уличен дефект ф-100мм на крстосницата Његошева/Софиска, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Софиска, Његошева, Бриселска, Копенхагенска, Стокхломска, Петар Драганов и Гаврил Лесновски, општина Карпош.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Променливо облачно со услови за повремени слаби врнежи од дожд
Променливо облачно со услови за повремени слаби врнежи од дожд. Претпладне, врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег и во некои од повисоките места. Ќе дува слаб до умерен, а попладне наместа долж Повардарието повремено засилен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до 6, а максималната ќе достигне од 3 до 10 степени.
Во Скопје, претежно облачно со услови за слаб дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Времето во наредните денови
До крајот на оваа седмица следува период на претежно облачно време со повремени врнежи од дожд, кои на повисоките планини, ќе преминуваат во врнежи од снег. Повремено наместа врнежите ќе бидат пообилни. До сабота ќе дува југоисточен и југозападен ветер, а во недела ветерот ќе го смени правецот и ќе дува засилен северен ветер.

