Македонија
МОН: Од понеделник едукативни содржини за учениците на националниот телевизиски сервис
Основците и децата од претшколска возраст од понеделник ќе имаат можност да следат едукативни содржини на трите канали на националниот телевизиски сервис МРТ, изведени од наставните програми по кои тие во моментот се едуцираат во училиштата и градинките, а кои привремено се затворени со одлука на Владата како дел од мерките за заштита на јавното здравје поради ризикот од ширењето на коронавирусот.
Ова е решението што произлезе од денешниот состанок во МОН, на кој присуствуваа претставници на неколку институции од областа на образованието, УНИЦЕФ, претставници на граѓански организации и претставници од менаџментот на Македонската радио-телевизија, а кој беше организиран во согласност со заклучок на Владата да се изнајде алтернативен начин за едукацијата на децата да продолжи и во периодот додека формалниот воспитно-образовен процес е привремено прекинат.
Почнувајќи од понеделник, на трите канали на МРТ во соодветни термини во текот на денот, за кои јавноста ќе биде информирана во најкус можен рок, наставници од основните училишта ќе реализираат скратени училишни часови на сите јазици на кои наставата се организира во училиштата во земјата.
Оваа неформална едукација преку таканаречена ТВ-училница ќе се реализира сè до повторното отворање на училиштата и градинките и нормално продолжување на формалниот воспитно-образовен процес на учениците и децата од претшколска возраст. Посебна работна група е задолжена и веќе го реализира планот за успешен почеток и тек на спроведување на иницијативата.
Во меѓувреме, Министерство за образование и наука во соработка со Бирото за развој на образованието и Центарот за стручно образование и обука, во согласност со одредбите од Законот за основното образование и Законот за средното образование, како и Министерството за труд и социјална политика, ќе подготви план за организирање на наставата до завршување на учебната година за што повеќе детали ќе бидат споделени со јавноста во следниот период. Министерството за образование и наука апелира до наставниците да покажат интерес и волонтерски да се приклучат во реализацијата на оваа иницијатива.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Херојот кој беше убиен во Вејце – Бобан Трајковски, доби споменик
Со почит кон споменот на бранителот Бобан Трајковски, на 28 април, во центарот на Куманово, во 12 часот, ќе биде откриен мурал со неговиот лик, во пресрет на 23-годишнината од неговата херојска смрт.
Бобан Трајковски, припадник на Баталјонот за специјални намени „Волци“ на Армијата на Република Македонија на 28 години го положи својот живот на олтарот на татковината против терористите од ОНА во 2001 година кај Вејце.
Муралот е изработен од талентираните уметници Младен Трендевски – Трендо, Горан и Дејвид (сограѓани на Бобан).
Организатори на настанот се Здружението СИЛА и колегите од специјалната единица ВОЛЦИ.
Скопје
Муцунски: Аеродром го заслужува најдоброто, започнува реализацијата на голем капитален проект
Градоначалникот на Општина Аеродром, заедно со претседателот на советот, Дејан Митески и директорката на основното училиште „Блаже Конески“ утрово на работен состанок ја утврдија динамиката по која до крајот на оваа школска година треба да започне реконструкцијата и доградбата на основното училиште „Блаже Конески“.
„Станува збор за важен инфраструктурен проект, онаков каков што заслужуваат граѓаните на Аеродром. По неговото финализирање, Аеродром ќе добие модерно и современо училиште, направено согласно сите европски стандарди, училиште кое ќе биде пример за квалитетна градба, одржливост и енергетска ефикасност“, истакна градоначалникот Муцунски во својата објавата на Фејсбук.
Тој додаде дека најважно од се е што реконструкцијата и доградбата нема да го наруши нормалното функционирање на училишните активности, а нивната организација ќе биде направена во консултација и согласно барањата на родителите, со кои утрово Муцунски одржа состанок.
Македонија
(Видео) Ковачки: Со над 800 милиони евра владата од ВМРО-ДПМНЕ ќе ги решава проблемите на земјоделците
„Благодарност за поканата на нашиот градоначалник Виктор Паунов, тука сме заедно и со кандидатот за пратеник Гордана Барбашка. Како што нашиот градоначалник работи и покрај опструкциите од централната власт, гледате дека се развива и се гради. Во иднина ние планираме да дадеме 250 милиони евра за сите општини во Република Македонија без разлика кој е на власт. Само во Карбинци ќе доделиме 1,8 милиони евра за сообраќајна и комунална инфраструктура, значи дополнително општините ќе се градат и дополнително ќе се развиваат“, рече Драган Ковачки, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ и носител на Изборна единица 3.
„Како што работи нашиот градоначалник во Карбинци, така ќе работиме и ние на централно ниво. Дополнително за жителите од овој крај предвидуваме над 800 милиони евра во 4 годишен мандат за земјоделците што значи реконструкција на сите водоводни канали, да го решиме проблемот со водоснабдувањето, да го решиме проблемот со загарантираниот откуп, и да го решиме проблемот со загарантираната цена. Значи ќе отвораме и нови откупни центри.
Земјоделците од овој крај заслужуваат внимание, заслужуваат да си ја работат земјата тие, а не земјата да ја поседуваат феудалци како Љупчо Николовски и сличните на него.
Македонија е одлучна за промени, Македонија сака да биде горда, и Македонија заслужува да биде повторно твоја.
Затоа ги повикувам сите граѓани на 8 мај масовно да ни се приклучат да излеземе заеднички, да ставиме крај на овие црнила и овие сивила кои ги донесоа СДС и ДУИ“, изјави Драган Ковачки, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ и носител на Изборна единица 3.