Македонија
Крим-техничар од МВР треба да го отвори „опелот“ за да ја спореди шасијата

Адвокатите на обвинетите извршители на маскарот кај Смилковското Езеро побараа од судот да дојде крим-техничар од МВР и да констатира дали „опелот“ што се наоѓа во складот во Миладиновци на Агенцијата за управување со одземен имот има ист број на шасија како и возилото што било вештачено.
Во складот за возила „опелот“ бил донесен на 1 ноември 2012 година. Возилото сега е заклучено и техничарот од МВР треба да го отвори и да ги споредат броевите на шасиите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Маркетите ќе мораат да ги објавуваат на интернет цените на производите

Маркетите отсега ќе мораат да ги објавуваат на интернет цените на производите, со најновите измени на Законот за заштита на потрошувачите коишто беа усвоени денеска во Собранието.
Законот беше поднесен од пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, со цел, како што беше потенцирано, подобра информираност на потрошувачот и олеснување на споредливоста на цените.
Со тоа, големите, средните и малите трговци, кои вршат дејност на трговија на мало, со шифра 47, во согласност со националната класификација на дејности, се должни на својата веб-страница да ја објават одделно за секој свој продажен објект тековната продажна, односно единечната цена во моментот на објавување на секоја стока што ја нудат за продажба.
Усогласување на цените ќе се врши на дневна основа, а при објавувањето на цените, ќе се применуваат одредбите од овој закон за означување на цените.
Со објавувањето на цените на интернет се очекува зголемување на транспарентноста, потрошувачите да имаат лесен пристап до информациите за цените, како и фер конкуренција. Трговците ќе бидат еднакво обврзани да ги почитуваат овие одредби, а потрошувачите да бидат заштитени од нефер практики, како што се скриените трошоци или нејасните цени.
Деновиве беше објавено дека законот е имплементиран во Израел, Италија, Франција и во Хрватска.
Македонија
Тошковски на средба со пакистанскиот амбасадор, Модсар Чаудари

Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, денес оствари работна средба со пакистанскиот амбасадор со седиште во Софија, чија надлежност ја покрива и Македонија, Н.Е. Модсар Чаудари.
Оваа средба беше искористена за продолжување на разговорите за интензивирање на соработката во полето на безбедноста отпочнати за време на претходната средба со пакистанскиот министер за внатрешни работи, Сајед Мохсин Раза Накви.
„Амбасадорот Чаудари уште еднаш ја потврди волјата на Министерството за внатрешни работи на Пакистан за потпишување на договор за реадмисија со македонското Министерство за внатрешни работи, што би било особено корисно за нас во борбата против нелегалната миграција како земја низ која транзитираат нелегални мигранти со пакистанско потекло. Воедно, се осврнавме и на постапката за потпишување на договор за полициска соработка, кој, меѓу другото, би опфаќал и соработка која би се реализирала преку Центарот за обука при Министерството за внатрешни работи“, потенцираше министерот Тошковски.
Двете земји и покрај географската оддалеченост имаат заедничка цел – обезбедување на безбедна средина за живот на своите граѓани со почитување на нивните права и во таа насока двете страни изразија подготвеност и подготвеност и желба за интензивирање на соработката.
Македонија
Андоновски: Со измените на Законот за електронски комуникации го спречуваме нелегалното приредување на Онлајн игрите на среќа

Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, на денешната 34. седница на Собранието, се обрати пред пратениците каде што ги презентираше предлог измените на Законот за електронски комуникации со кој се забранува нелегалното приредување на Онлајн игрите на среќа.
„Се соочуваме со една драматично влошена состојба во поглед на игрите на среќа, кој што за жал е во подем и во нашата држава, но и во регионот, најголем број од младите, тинејџерите се зафатени од оваа пандемија особено од нелегалните игри на среќа кои што се организираат преку нелегални онлајн платформи. Измените на законот ќе ни дозволат како институции да го спречиме ова нелегално приредување на онлајн игрите на среќа, кое претставува опасност од крадење на лични податоци како и злоупотреба на платежните картички на граѓаните бидејќи врз овие провајдери нема никаква контрола“, изјави во своето обраќање Андоновски.
Тој го објасни начинот со кој овие измени ќе им овозможат на институциите да се справат со ваквите нелегални појави.
„Измените на овој закон ќе ни овозможат како министерство во соработка со Министерството за финансии и АЕК да се справуваме со овие прашања, на начин што по добиено известување од државниот приредувач на игри на среќа за оние провајдери кои што немаат добиено соодветна лиценца и верификација на истата од страна на Министерството за финансии на кои ентитети се издадени лиценци, Министерството за дигитална трансформација ќе испрати налог до АЕК за прекинување на правото на пристап до овие веб страници на оние граѓани од Република Македонија кои што сакаат да пристапат до овие веб страници, а во втората фаза овој закон ни дозволува и можност за прекршочни одредби“, појасни министерот Андоновски.
Министерот своето излагање го заврши со зборовите дека очекува поддршката од сите пратеници и пратенички групи бидејќи оваа битка не е само на владата туку на целото општество против една пандемија која ни се случува во последниве години.