Македонија
(Видео) Крмов за законите за автопатите: Ако бидат донесени во Собранието, тоа ќе биде бидејќи ВМРО-ДПМНЕ сака да се донесат
Пратеникот на Левицата, Борислав Крмов, тврди дека донесувањето на законите за изградба на автопатите за кои опозицијата има критики може да се спречи. Според него, законите треба да се разгледаат на четири комисии, од кои со три раководи ВМРО-ДПМНЕ. Тој рече: „Ако нешто помине, ќе помине затоа што најголемата опозициска партија сака да помине. Ние со два пратеника ќе дадеме сè од себе ова да го спречиме со сите расположливи средства што ги имаме“.
„Сите други комисии може да се сопрат. Други комисии се четири, од кои три ги раководи опозицијата. Да не ја лажат јавноста дека не може да се спречи“, рече Крмов.
Објасни дека изведувачот „Бектел и Енка“ ќе има низа привилегии со измена на законите.
„Тие закони, иако беа предложени од пратеници – не се сомневаме дека се од Владата. Не беа ставени на увид, а Деловникот беше прекршен, не добивме 10 дена, туку максимум пет дена за материјалите и два дена за седницата. И само на кратко, со тие првично 9, сега 8 законски решенија, што всушност се носи… Конзорциумот ‘Бектел и Енка’, кој е изведувач, ќе биде ослободен од ДДВ, ќе биде ослободен од увоз, акцизата за енергенти ќе му се враќа, кога ќе се прави експропријација на земјиштето, нема да се чека конечна одлука, а македонските граѓани се тужат со државата или конзорциумот, ќе се фрла бетон или асфалт на нивната земја. Одобрувањето градежен проект се скратува – ќе може да се гради без проект. Полесна пренамена на земјоделското земјиште, ќе се сечат шуми, работа во недела – ова од Законот за работните односи и зголемување на осумчасовното работно време иако во државата имаме 40-часовно работно време. Влегуваме во вид на корпоративен феудализам, каде што за корпорациите не важат законите, туку тие ќе важат само за обичните смртници“, рече Крмов.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) МВР: Десет пријави за прекршување на изборниот молк, едно лице приведено во Шуто Оризари
За време на предизборниот молк регистрирани се 10 пријави за негово нарушување од кои по три на подрачје на СВР Скопје и СВР Охрид, две на подрачје на СВР Штип и по една на подрачје на СВР Тетово и СВР Битола. По преземени мерки не се потврдени пријавите за шест настани, соопшти МВР.
„Покрај ова, регистрирани се 19 објави на социјалните мрежи за време на изборниот молк кои се однесуваат на повик за гласање за одредени кандидати, како и објавени видеа и слики од партиски активности во штабови. Во врска со гласањето, на 01.11.2025 регистриран е настан за фотографирање кочан со гласачките ливчиња во основното училиште „26 Јули” во општина Шуто Оризари, при што приведено е едно лице и се преземаат мерки за расчистување на настанот“, велат од МВР.
На сите подрачја гласањето на болни и изнемоштени лица и затвореници помина без нарушување на гласањето.
Македонија
Четири општини останаа без гласање, повторени избори во рок од 60 дена
Денеска нема да се одржи гласање во општините Гостивар, Врапчиште, Центар Жупа и Маврово и Ростуше, поради недоволна излезеност во првиот круг од локалните избори 2025.
Во првиот круг излезеноста била: Гостивар – 33,31%, Маврово и Ростуше – 30,31%, Врапчиште – 25,18%, Центар Жупа – 21,49%, што е под законскиот минимум од една третина од запишаните гласачи.
Според Изборниот законик, изборниот процес ќе се повтори во рок од 60 дена од објавувањето на конечните резултати од локалните избори.
Денеска се одржува вториот круг од изборите за градоначалници во 32 општини и во Град Скопје. Според податоците од Државната изборна комисија, одѕивот до 9 часот е 2,88 проценти.
Македонија
Гласањето тече без проблеми, одѕивот до 9 часот е 2,88 отсто
Одѕивот во вториот круг од локалните избори до 9 часот изнесува 2,88 проценти, односно 22.379 гласачи, соопшти претседателот на Државната изборна комисија (ДИК) Борис Кондарко. Во Град Скопје одѕивот за избор на градоначалник е 2,46 отсто.
Оценето е дека гласањето тече без проблеми, а единствениот застој бил забележан во Дојран, каде поради технички проблем со уред за биометриска идентификација имало краток прекин, кој бил веднаш отстранет.
ДИК во текот на денот ќе врши ненавестени посети на избирачки места и општински изборни комисии за набљудување на процесот, како и за време на броењето по 19 часот.
Во вториот круг се гласа во 32 општини и Градот Скопје, на 1.771 избирачко место, а право на глас имаат 1.013.375 граѓани. Следната прес-конференција на ДИК е закажана за 11:30 часот, а првичните неофицијални резултати ќе бидат објавени по 20 часот. Некаде околу 23 часот, се очекува да бидат познати сите резултати од гласањето на изборите во вториот круг.

