Македонија
(Видео) Крмов за законите за автопатите: Ако бидат донесени во Собранието, тоа ќе биде бидејќи ВМРО-ДПМНЕ сака да се донесат
Пратеникот на Левицата, Борислав Крмов, тврди дека донесувањето на законите за изградба на автопатите за кои опозицијата има критики може да се спречи. Според него, законите треба да се разгледаат на четири комисии, од кои со три раководи ВМРО-ДПМНЕ. Тој рече: „Ако нешто помине, ќе помине затоа што најголемата опозициска партија сака да помине. Ние со два пратеника ќе дадеме сè од себе ова да го спречиме со сите расположливи средства што ги имаме“.
„Сите други комисии може да се сопрат. Други комисии се четири, од кои три ги раководи опозицијата. Да не ја лажат јавноста дека не може да се спречи“, рече Крмов.
Објасни дека изведувачот „Бектел и Енка“ ќе има низа привилегии со измена на законите.
„Тие закони, иако беа предложени од пратеници – не се сомневаме дека се од Владата. Не беа ставени на увид, а Деловникот беше прекршен, не добивме 10 дена, туку максимум пет дена за материјалите и два дена за седницата. И само на кратко, со тие првично 9, сега 8 законски решенија, што всушност се носи… Конзорциумот ‘Бектел и Енка’, кој е изведувач, ќе биде ослободен од ДДВ, ќе биде ослободен од увоз, акцизата за енергенти ќе му се враќа, кога ќе се прави експропријација на земјиштето, нема да се чека конечна одлука, а македонските граѓани се тужат со државата или конзорциумот, ќе се фрла бетон или асфалт на нивната земја. Одобрувањето градежен проект се скратува – ќе може да се гради без проект. Полесна пренамена на земјоделското земјиште, ќе се сечат шуми, работа во недела – ова од Законот за работните односи и зголемување на осумчасовното работно време иако во државата имаме 40-часовно работно време. Влегуваме во вид на корпоративен феудализам, каде што за корпорациите не важат законите, туку тие ќе важат само за обичните смртници“, рече Крмов.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Мециновиќ: Владата води историски најопасна надворешна политика по државните интереси
На денешната седница за пратенички прашања, пратеникот од Левица Амар Мециновиќ даде критички осврт на надворешната политика која ја води владата на ВМРО-ДПМНЕ. Мециновиќ на почетокот се осврна на тоа зошто министерот Муцунски не е присутен на пратеничките прашања и праша дали можеби неговото отсуство е поврзано со градењето на новиот објект на покривот на Министерството за надворешни работи.
„Јас и претходно реагирав за едно многу контроверзно гласање во Генералното собрание на Обединетите Нации. Тоа е гласањето против обидот за носење на резолуција за прекин на огнот во Газа. Тогаш вие гласавте против, надвор од очекувањата на македонското општество и надвор од традицијата дипломатска која Македонија ја има”, истакна Мециновиќ.
Пратеникот од Левица дополни дека ова е првиот владин кабинет за надворешна политика кој гласал против кревањето на ембаргото на Куба. Ваквиот чекор според Мециновиќ претставува најгруб дисконтинуитет во традицијата на македонската дипломатија.
Тој се осврна и на односите со Кина, безвизниот режим и прашањето за Тајван, како и на поширокиот геополитички контекст на продлабочена криза во трансатлантските односи. Ја обвини Владата дека во момент кога САД стануваат сè понепредвидлив партнер, таа ја врзува Македонија исклучиво за американската линија, занемарувајќи ја европската траекторија.
„Албанија воведе безвизен режим со Кина и се приближува кон Европската Унија. Вие не воведувате безвизен режим и се оддалечувате од Европската унија. Моето пратеничко прашање е: каде оди овој брод?” – праша пратеникот од Левица.
Македонија
Министерство за правда: Собранието ја изгласа потребата од носење на Предлог законот за Судски совет
Со мнозинство гласови пратениците ја изгласаа потребата од носење на Предлог законот за Судски совет. Законот се проследува на второ читање, информираат од Министерството за правда.
Министерот за правда Игор Филков во своето обраќање рече дека со овој закон во министерството е започната нова ера на работа и функционирање, во којашто секој битен и суштински закон за граѓаните на Република Македонија ќе се изготвува низ отворен, јавен и транспарентен процес.
,, Клучни новини кои се предвидени со Законот се:
Јавност во постапката за разрешување на претседател на Судскиот совет,
За прв пат прецизирање на критериумите за избор на „истакнат правник“.
Воведување јавна расправа при избор на кандидатите за не-судски членови со цел поголема транспарентност и одговорност,
Зајакнување на критериумите за избор, одговорност и разрешување на членови на Советот од редот на судиите,
Јасно прецизирање на постапката за дисциплинска одговорност на судиите, но и на членовите на судскиот совет,
Воспоставување обврска Судскиот совет да ги прецизира, индивидуализира и образложи одлуките за избор и утврдување одговорност на судиите,
Утврдување на рокови за преземање дејствија за дисциплинска одговорност на судиите, како и прецизирање на основите и постапката за жалба против одлуката на Судскиот совет, како и
бројни други решенија за унапредување на целокупната правна рамка согласно препораките на ЕУ”, рече Филков.
Тој изрази жалење што дел од опозицијата не беше присутна на седницата за носење на, како што оценува, исклучително важен закон кој е дел од Реформската агенда.
Македонија
Утре, во утринските часови наместа со појава на магла, во текот на денот сончево со умерена облачност
Утре во утринските часови наместа ќе има појава на магла, а во текот на денот сончево со умерена облачност и претежно тивко. Во северозападните делови повремено ќе има зголемена облачност со услови за слаб дожд.
Минималната температура ќе биде во интервал од -4 до 1, а максималната ќе достигне од 8 до 13 степени.
Во Скопје, претпладне во делови од котлината ќе има појава на магла. Во текот на денот времето ќе биде умерено до значително облачно и претежно тивко.
Минималната температура ќе се спушти до -4, а максималната ќе достигне до 8 степени.
Во наредните денови продолжува периодот на стабилно и претежно тивко време. Во утринските и ноќните часови по одделни котлини ќе има појава на магла.

