Македонија
Крстосницата кај Собранието затворена за сообраќај во наредните три дена

Град Скопје известува дека, почнувајќи од утре (10 октомври) во 6 часот, па сè до понеделник (12 октомври) во попладневните часови, целосно затворена за сообраќај ќе биде крстосницата кај македонското Собрание, односно крстосницата меѓу улиците 11 Октомври и Даме Груев поради изведување градежни работи.
За сообраќај ќе бидат слободни само десното вртење од улицата Даме Груев кон улицата 11 Октомври и десното вртење од улицата Филип Втори Македонски кон улицата Димитрие Чуповски.
Автобускиот превоз ќе се движи по улиците Даме Груев и Филип Втори Македонски.
Градските власти апелираат до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат воведениот режим на сообраќај и поставената патна сигнализација.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Андоновски: Уверенија од судовите сега со неколку клика, без редици и чекање

Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, на денешната прес-конференција пред претставниците на медиумите, ги соопшти новите услуги од Основните судови, кои од сега за граѓаните се достапни на националниот портал за електронски услуги – uslugi.gov.mk.
„Денеска имам чест да означам заокружување на еден значаен чекор кон дигитализирањето на најважните услуги за граѓаните. На Националниот портал за електронски услуги – uslugi.gov.mk – од денес се достапни две нови, долго очекувани услуги од Основните судови, тоа се, Уверение од кривична евиденција за физички лица и Уверение од кривична евиденција за правни лица“, изјави Андоновски
Министерот дополни дека станува збор за најкористените тековни услуги од основните судови, кои заедно со комплетирањето на пакетот на судски потврди што секојдневно им се потребни на граѓаните и компаниите го сочинуваат пакетот за неосудуваност.
Во овој пакет, веќе дигитализирани се и Потврдата од казнена евиденција и Потврдата за изречена забрана на вршење професија, дејност или должност, станува збор за документи кои се често потребни во секојдневниот живот – за вработување, аплицирање за јавни повици, образовни постапки и многу други правни и административни процедури.
Андоновски истакна дека намерата е граѓаните повеќе да не чекаат со часови пред судските шалтери и архиви. Во таа насока истакна дека целта на Министерството е едноставна, но ефикасна: „Граѓаните да поминуваат повеќе време со своите семејства, со своите пријатели, и да придонесуваат кон економијата, а помалку пред административни шалтери.“
Македонија
СДСМ бара оставка од Тошковски, ВМРО-ДПМНЕ им враќа со скандалозни факти

По вооружената пресметка кај Бит Пазар во која животот го загуби 31-годишен маж, СДСМ обвини за распад на безбедносниот систем и побара оставка од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски. Од друга страна, владејачката ВМРО-ДПМНЕ возврати дека токму во времето на СДСМ безбедносниот систем бил најмногу нарушен, а дека денес институциите конечно функционираат и се расчистува со криминалот.
Опозициската СДСМ вели дека безбедноста е сериозно нарушена и побара Панче Тошковски да си поднесе оставка.
„Хаос владее на улиците, безбедноста на граѓаните е сериозно нарушена“, обвинија денеска од СДСМ, реагирајќи на вчерашната престрелка кај Бит Пазар.
„Додека Панче Тошковски се изживува врз граѓаните и поднесува кривични пријави за објави на Фејсбук, криминалните банди му праќаат порака дека тој не ја контролира безбедноста и не му се плашат. МВР, под негово водство, е паднато на колена. Вчера сред бел ден, пред полициска станица, се случи мафијашка престрелка со загинати и повредени. Тоа е тотален распад на безбедносниот апарат“, наведуваат од партијата.
Од СДСМ бараат оставка од министерот Тошковски како прв чекор за, како што велат, враќање на безбедноста на улиците.
„Доста беше Тошковски. Време е за оставка, време е за одговорност. Потребни се промени и итни реформи во безбедносниот систем, за да им се врати мирот и сигурноста на граѓаните“, истакнаа од СДСМ.
Од ВМРО-ДПМНЕ остро возвратија дека токму за време на владеењето на СДСМ државата била претворена во „оаза за белосветски криминалци и наркобосови“.
„Во мандатот на нивниот долгогодишен министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски, се доделуваа македонски пасоши на светски криминалци, наркобосови, па дури и на припадници на ИСИС. За време на нивното владеење пробивани беа акции за меѓународен шверц на дрога, а мафијата си доби своја држава“, реагираа од ВМРО-ДПМНЕ.
Партијата обвини дека нападите на СДСМ се затоа што денес конечно се расчистува со криминалците.
„Системот почнува да функционира, криминалците се апсат, а секој што се огрешил пред законот ќе одговара. СДС се плаши токму затоа што законот сега важи за сите, без исклучоци“, велат од владејачката партија.
Скопје
Обвинителството собира докази и видео-снимки за расчистување на убиството кај Бит-пазар

По вчерашната вооружена престрелка во близина на Полициската станица во Бит Пазар, во која животот го загуби 31-годишниот А.С. од Скопје, дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје изврши увид на лице место и ги презеде првичните истражни дејствија.
Од обвинителството информираат дека на лице место се прибрани траги кои ќе бидат предмет на понатамошно вештачење, со цел да се расветлат сите околности околу настанот.
„По наредба на јавен обвинител, се обезбедуваат снимки од видео надзор од околните објекти, а издадени се сите потребни наредби и насоки за идентификација на инволвираните лица и целосно расчистување на настанот“, информираат од Основното јавно обвинителство Скопје.
Врз телото на починатиот ќе биде извршена обдукција, со цел прецизно да се утврдат причините за смртта.
Инаку, според досега познатите информации, пукањето се случило попладне на само неколку метри од Полициската станица во Бит Пазар. А.С. бил итно пренесен во Клиничкиот центар во Скопје со тешки прострелни рани на главата, градите и други делови од телото, но, и покрај лекарските напори, им подлегнал на повредите во операционата сала.
Основното јавно обвинителство Скопје најавува дека интензивно ќе продолжи со сите неопходни активности за целосно расчистување на случајот.