Македонија
Кузеска: Пецаков доделил пари на ракометен клуб во кој самиот тој е основач
На повидок е нов скандал во општините под капата на ДПМНЕ. Градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков, доделил пари на ракометен клуб во кој самиот тој е основач, објави на прес-конференција портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.
Кузеска рече дека над 250 илјади евра се исплатени на ГРК Охрид од Општина Охрид како директна поддршка.
„Овие суми ги потврдува и ‘Службениот гласник’ на Општина Охрид број 14 од 28.12.2023 година. Сопственик на ГРК Охрид АД Охрид е РК Охрид 2013, каде што основач на ракометниот клуб е токму градоначалникот Кирил Пецаков. Значи, Пецаков преку Општината индиректно си префрла пари на самиот себе!? Директор на ГРК Охрид е Славчо Ристески, десна рака на градоначалникот Пецаков, воедно вработен во ЈП ‘Охридски комуналец’. Дали е ова случај на судир на интереси треба да утврди Државната комисија за спречување корупција“, рече Кузеска.
Како што додаде, надлежно обинителство треба да утврди дали е прекршен Кривичниот законик бидејќи градоначалникот доделил средства на клуб на кој токму тој е основач.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Нестабилно време со дожд и грмежи до среда
По врнежите и невремето по кое во текот на ноќта полавени беа подруми во Охрид, од УХМР најавуваат дека до среда ќе се задржи нестабилно време, претежно во попладневните часови со локален пороен дожд и грмежи.
Во четврток ќе има услови за краткотраен дожд, претежно во планинските подрачја, а преодно стабилизирање на времето се очекува во петок.
Температурите ќе бидат без значителна промена.
Македонија
Делови од Аеродром, Карпош и Ѓорче Петров утре без струја
Без електрична енергија утре ќе останат делови од општините Аеродром, Карпош и Ѓорче Петров.
Како што соопшти РЦУК – Скопје, без струја во периодот од 09:00 до 15:00 часот ќе останат корисниците на дел од село Долно Лисиче, реонот околу чаталот, ул.10 во општина Аеродром, од 10:30 до 14:30 часот дел од улица 16, на патот кон Визбеговово општина Карпош, а од 13:00 до 14:30 часот објектите на градинката Росица, на ул.„Мечкин Камен“, бр.45А. во општина Ѓорче Петров.
Македонија
Скопските и тетовските пожарникари гасеа три огнови на отворено, соопшти ЦУК
Во изминатото деноноќие Центарот за управување со кризи информира дека биле евидентирани три пожари на отворено.
Регионалниот ЦУК Скопје соопштил дека БППЗ на Град Скопје во изминатото деноноќие имала две помали интервенции поради запалено ѓубре и тоа на ул. „Ферид Заири“ во Општина Чаир и кај Езерото Треска во Општина Сарај.
Регионалниот ЦУК Тетово известил дека ТППЕ Тетово имала една помала интервенција поради запалена ниска вегетација кај село Чифлик во Општина Желино.
Центарот за управување со кризи соопшти дека изминатите 24 часа имало вкупно 1.491 повици на Единствениот повикувачки број за итни случаи 112. Од нив „реални“ повици биле 62,84 отсто, а 37,16 отсто биле за други потреби на граѓаните што не биле итни.
Кон полиција биле упатени 63,18 отсто, кон итната медицинска помош 29,09 проценти, кон пожарникарите 2,73 отсто, a кон АМСМ 1,36 отсто од повиците кон бројот 112.