Македонија
Културните работници го кренаа гласот: бараат повисоки плати и еднаков третман по теркот на вработените во финансии
Пред Министерството за финансии денеска на протести излегоа вработените од Министерството за култура, Управата за заштита на културното наследство и Агенцијата за филм изразувајќи незадоволство поради своите месечни примања.
Според претседателот на синдикалната организација при Министерството за култура на УПОЗ, Бранко Костовски, платите на речиси 70 отсто од вработените во овие три институции се под просечната плата во државата, а разликата со платите на вработените на исти позиции во установите од областа на културата е и по 10 илјади денари.
Тој додаде дека синдикалната организација при Министерството за култура веќе има изготвено предлог-текст на колективниот договор, кој предвидува објективно и коректно покачување на платите на вработените за кој минатата година Министерството за финансии даде негативно мислење. Но, по само неколку дена, како што напомена, со Законот за буџетите се утврди зголемување на платите од 30 отсто за вработените во Министерството за финансии.
„Ние го поздравуваме зголемувањето на платите на нашите колеги од Министерството за финансии, но истовремено бараме од министерот за финансии, Владата и од премиерот да не дозволат нерамноправен третман на вработените во државните органи. Ги охрабруваме и нашите колеги во другите министерства да ни се придружат и заеднички да се избориме за она што ни следува. Ние имаме поддршка од раководството, од одговорните лица во Министерството за култура и ќе продолжиме по институционален пат да бараме покачување на платите“, рече Костовски.
Додаде дека државната администрација не смее и не треба да се потценува со никакви квалификации, туку нејзината работа треба да биде признаена и вреднувана.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Кисела Вода, Сопиште и Ѓорче Петров денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 08:00-13:00 часот дел од улицата Архитект Сотир Томовски, општина Кисела Вода;
· од 09:00-11:00 часот корисниците од село Гврлево, општина Сопиште;
· од 09:00-15:00 часот корисниците на ул. 101 во населба Волково, општина Ѓорче Петров.
Македонија
Без вода денеска дел од Бутел
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради изведување на водоводен приклучок ф-225мм на Радишанска Лево бб (Бел Камен), општина Бутел, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од истата улица.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 10:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Променливо облачно, во утринските часови повремен локален дожд, а во текот на денот кратки сончеви периоди
Времето денеска ќе биде променливо облачно, во утринските часови со повремен локален дожд, а во текот на денот со кратки сончеви периоди. Кон крајот на денот и во текот на ноќта повторно ќе има локални врнежи од дожд, а на повисоките планини од дожд и снег. Ќе дува умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 6, а максималната ќе достигне од 9 до 14 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремени врнежи од дожд, особено во утринските часови и кон крајот на денот. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 5, а максималната ќе достигне до 12 степени.
Времето во наредните денови
Продолжува периодот на променливо облачно време со повремени врнежи од дожд, кои локално ќе бидат пообилни. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег. Поради продор на постуден воздух и засилен северен ветер во почетокот на новата седмица врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег и на некои од повисоките места.

