Македонија
Лазаревска: Обезбедуваме вклученост на децата со попреченост во редовната настава со вработување на 500 образовни асистенти

СДСМ гради фер и правично општество со високо развиена свест за почитување и прифаќање на различностите, обезбедуваме вклученост на децата со попреченост во редовната настава. Завршија јавните огласи за вработување на 500 образовни асистенти кои од почетокот на новата учебна година ќе бидат поддршка на децата со попреченост вклучени во редовната настава, информираше денеска пратеничката од редовите на СДСМ, Жаклина Лазаревска.
За таа цел, додаде Лазаревска, се издвоени 59 милиони денари, со што за првпат системски се решаваат како што вели вработувањата на образовните асистенти.
„Образовните асистенти ќе имаат 24.000 денари месечна нето-плата и ќе бидат вработени во петте основни училишта со ресурсен центар ‘Златан Сремец’ и ‘Иднина’ од Скопје, Завод за рехабилитација на деца со оштетен слух, говор, глас и други проблеми во развојот ‘Кочо Рацин’ од Битола, ‘Климент Охридски’ од Ново Село и ОУРЦ ‘Маца Ѓоргиева Овчарова’ од Велес“. Учебниците согласно новата Концепција за основно образование, за прво и четврто одделение ќе бидат адаптирани на потребите на учениците со попреченост, а развиен е и аудиочитач кој ќе може да ги чита наставните материјали на македонски и на албански јазик“, нагласи Лазаревска.
Според неа, власта обезбедува инклузивно образование достапно за секое дете, сите лица со попреченост да имаат еднакви шанси за развој и придонес во општеството.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Сиљановска-Давкова го прими Ристо Дурловски, претседател на организацијата „Обединети Македонци во Канада“

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска го прими Ристо Дурловски, претседател на организацијата „Обединети Македонци во Канада“.
На средбата, таа уште еднаш ја потврди својата определба за формирање на Совет за дијаспора, како политички исчекор во соработката меѓу државата и дијаспората. Во Советот, претседателката гледа институционален одговор на потребата од засилена и продлабочена комуникација со нашите иселеници во сите области.
Дурловски истакна дека примарна цел на Организацијата останува да биде промоцијата и заштитата на правата на Македонците во Канада, како и нивната интеграција во канадското демократско општество. За него, македонските корени се силна мотивација за поддршка на македонските национални интереси.
Соговорниците се согласија дека бројната македонска дијаспора може да биде фактор на зајакнување на канадско-македонските политички, економски, културни и други односи.
Македонија
Од утре авионско и терестрично прскање против комарци во Скопје

Градот Скопје ги известува граѓаните дека утре ќе започне авионска дезинсекција на подрачјето на градот Скопје, против возрасни форми на комарци, а на 16 септември терестрична дезинсекција против возрасни форми на комарци и ларви од комарци, односно:
1. Авионската дезинсекција на подрачјето на градот Скопје, против возрасни форми на комарци, ќе се одвива на 12.09.2025 (петок) и на 13.09.2025 (сабота), во раните утрински часови.
2. Терестричната дезинсекција на подрачјето на градот Скопје, против возрасни форми на комарци и ларви од комарци ќе се одвива од 16.09.2025 (вторник) до 19.06.2025 (петок), во период од 22.00 до 03.00 часот, наредниот ден
Доколку временските услови не го дозволуваат вршењето на дезинсекцијата, истата ќе се изврши во истиот термин првиот нареден ден, кога временските услови ќе бидат поволни, додаваат од Градот Скопје.
Исто така се известуваат пчеларите навремено да ги преземат потребните мерки за заштита на пчелите.
Македонија
Зголемена фреквенција на возила на Табановце за излез од државата

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На ГП Табановце за излез од државата се бележи зголемена фреквенција на возила, времето на чекање е околу 30 минути.
На останатите гранични премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата, додаваат од АМСМ.