Македонија
Лазаревска: СДСМ го обезбеди признанието на македонскиот јазик и македонскиот идентитет, го штити и унапредува
Денес кога оддаваме почит и го славиме делото на Свети Климент, создавачот на првиот универзитет на Балканот, со гордост може да кажеме дека СДСМ го обезбеди признанието на македонскиот јазик и македонскиот идентитет, го штити и унапредува, изјави на прес-конференција, пратеничката од СДСМ, Жаклина Лазаревска.
Македонскиот јазик, рече таа, денес е признат во Обединетите нации, а со потпишување на Договорот со Фронтекс е дел и од Европската унија.
„Целото европско законодавство се преведува на македонски јазик. Подготвивме и нов Закон за употреба на македонски јазик. Со овој закон се прошируваат областите во кои задолжително се употребуваат македонскиот стандарден јазик и неговото кирилско писмо. Се проширува опсегот на задолжително лекторирање на текстови што се објавуваат: општите и поединечните акти на законодавната, на извршната и на судската власт и на единиците на локалната самоуправа, како и на јавните установи и институции од областа на културата, образованието и науката.
Согласно Законот се предвидува основање Инспекторат за употребата на македонскиот стандарден јазик, орган во состав на Министерството за култура со својство на правно лице.
Грижата за македонскиот јазик не завршува тука.
После 24 години, обезбедивме можност за 16 вработувања, од кои 13 научници, магистри и доктори на науки во Институтот за македонски јаик.
Со буџетски средства ја поддржавме дигитализацијата на сите картотеки во Институтот за македонски јазик, за трајна заштита на околу 5 милиони вредни записи на македонски текстови, некои од нив дури од 14-от век.
Во тек е проектот за реконструкција и ревитализација на старото училиште „Димитар Влахов” во село Љубојно, односно негова адаптација во Центар за промоција на македонскиот јазик.
Го поддржавме и проектот за дигитализираниот „Толковен речник на македонскиот јазик“. Дигитализиран е и Правописот на македонски јазик. И е воведен Ден на македонскиот јазик, во чест на 5 мај 1945 година, кога тогашната Влада го официјализира современото македонско писмо.
Со сето ова покажуваме цврста определеност да осигуриме ефективна заштита, негување, промоција и афирмација на македонскиот стандарден јазик!
Македонскиот јазик денес е научна, книжевна и политичка реалност во Европа и светот!“, рече Лазаревска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Филипче најави тужба за Жан Митрев: Нема да дозволам лаги и бандитски напади врз мојата чест и углед
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче одговарајќи на новинарско прашање, денеска изјави дека случајот со Жан Митрев се темели на една голема лага и најави дека приватно ќе го тужи поради нарушување на честа и угледот.
„Ова сѐ се темели на една голема лага. Зошто? Ако Жан Митрев бил жртва на таков рекет како што кажува, што правел досега? Второ, зошто тој не поднесува тужба, туку обвинителство по допрен глас? Но, како и да е, нека ја завршат анализата итн., согласно одлуката, а после тоа откако ќе се утврди дека тоа не постои, јас немам никаква вина, ќе го тужам приватно за нарушување на честа и угледот“, рече Филипче.
Тој потенцираше дека за неговата чест и углед работел напорно и чесно, и нема да дозволи “бандитски работи да му ги нарушуваат честа и угледот“, што за него се најважни во животот.
Македонија
Брисел ги прифати барањата, возачите се признаени како професионалци, го решаваме проблемот со превозниците, објави Николоски
Вицепремиерот и министер за транспорт и врски Александар Николоски соопшти дека од Брисел пристигнале, како што вели, „одлични вести“ во врска со проблемите на македонските превозници.
„Само што добив одлични вести од Брисел во врска со огромниот проблем на превозниците од Македонија! Нашите ставови се прифатени. Возачите се прифатени како професионалци. Тоа е тоа што го баравме“, објави Николоски.
После протестите и силната офанзива изминатиот период, Брисе, додава тој, ќе донесе нова Стратегија за визи која ќе значи решавање на проблемот со кој се соочија професионалните возачи.
Благодарам до сите пријатели на Македонија кои помогнаа со цел да се реши овој проблем!
Македонија
(Видео) Филипче: 600 евра минимална плата е минимум за достоинствен живот
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на денешната прес-конференција истакна дека СДСМ и понатаму цврсто стои на страната на работниците и нивните реални барања за достоинствен живот.
Филипче потсети дека СДСМ уште на крајот на 2024 година поднесе предлог-закон за зголемување на минималната плата, кој тогаш беше одбиен од власта, и покрај очигледно влошената економска состојба и драстично намалениот животен стандард на граѓаните, велат од СДСМ.
„Денес, кога растат цените, расте цената на струјата, растат сите трошоци кои ја сочинуваат синдикалната потрошувачка кошничка, подготвивме нови законски решенија кои ќе ги поднесеме во Собранието. Предлагаме зголемување на минималната плата на 600 евра во нето износ и замрзнување на платите на функционерите“, изјави Филипче.
Тој нагласи дека овие мерки се логично продолжение на политиките на СДСМ од периодот кога партијата ја водеше Владата, време во кое, како што истакна, минималната и просечната плата растеа континуирано, дури и во услови на сериозни економски и здравствени кризи. Воедно, со овие решенија СДСМ, додаваат од таму, директно ги поддржува и барањата на работниците и на Сојузот на синдикатите, изнесени во јавноста.
Филипче упати јавен повик до Сојузот на синдикатите за соработка и вклучување во процесот, со можност за увид и поднесување сугестии за предложениот закон.
„Како одговорна политичка партија, наша обврска е да покажеме грижа и солидарност и да излеземе во пресрет на вистинските потреби на работниците. Не може да има пари за тендери и непотребни трошоци, а да нема пари за стандардот на граѓаните“, истакна Филипче.
Тој предупреди дека инфлацијата сериозно го јаде животниот стандард и дека Македонија денес има практично најниска минимална плата во регионот, за разлика од Албанија, Србија, Косово и Црна Гора, каде платите веќе се зголемени.
„Ова е уште еден силен аргумент зошто младите ја гледаат својата иднина надвор од државата. Тоа мора да се запре“, рече Филипче, потсетувајќи дека за време на владеењето на СДСМ минималната плата се зголеми од 8.000 на 22.000 денари, а просечната од 22.000 на 42.000 денари.
Филипче изрази очекување дека овој пат Владата ќе покаже одговорност и ќе го прифати предлог-законот, бидејќи тој се темели на реални економски параметри и реални потреби на работниците.
„Ние не се бориме само за повисоки плати, туку за достоинствен живот – она што нашите граѓани и нашите работници навистина го заслужуваат“, порача Филипче.

