Македонија
Ласовска: Ако СДС не ги прифати понудите од ВМРО-ДПМНЕ, значи дека има скриени намери да преговара на сметка на идентитетот
Една недела по лидерската средба, а СДС уште нема став кој од двата предлога на ВМРО-ДПМНЕ го прифаќа, истакна на денешната прес-конференција пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Благица Ласовска.
„Помина една недела, а балонот на СДС дека ВМРО-ДПМНЕ прифатило уставни измени под бугарски диктат издиша. Јасно се гледа безидејноста на кираџиите на ДУИ. Наместо да ги препознаат шансата и подадената рака од страна на ВМРО-ДПМНЕ, тие се однесуваат крајно недораснато во клучни моменти за државата. СДС и Ковачевски мора да одговорат кој од двата предлога на ВМРО-ДПМНЕ го прифаќаат“, вели Ласовска.
Потсетува дека првиот предлог значи преодна влада без ДУИ и одложена примена на уставните измени или вториот, кој значи брзи избори, а потоа барање гаранции од Европската Унија, финансиска поддршка за државата и барање Бугарија да имплементира барем 3 пресуди на Европскиот суд за човекови права за правата на Македонците.
„Кој од овие два предлога за СДС и Ковачевски е прифатлив?
Ако СДС не ги прифати двете понуди од ВМРО-ДПМНЕ, значи дека има скриени намери да преговара на сметка на идентитетот и ќе прифати нешто во тек на преговорите, кое ќе го доуништи македонскиот идентитет.
СДС сега треба да ги покаже своите вистински намери.
Дали е заложник на ДУИ поради меѓусебни корупциски зделки?
Дали планира да го уништи македонскиот идентитет менувајќи го Уставот сега и оставајќи простор во текот на преговорите со Европската Унија, Бугарија да нѐ блокира секогаш кога ќе посака и со тоа да ја принудува Македонија целосно да си го уништи сопствениот идентитет?“, прашува Ласовска.
Според неа, СДС и Ковачевски не може вечно да се кријат и да купуваат време.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Гаши на Националниот молитвен појадок во САД
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, учествуваше на Националниот молитвен појадок (National Prayer Breakfast) во Вашингтон.
Се работи за традиционален и значаен настан што ги обединува политичките, верските и општествените претставници, истакнувајќи ги вредностите на дијалогот, взаемното почитување и моралната одговорност во лидерството.
На оваа церемонија се обрати и претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп.
Од Собранието велат дека учеството на Гаши претставува можност за зајакнување на пријателските односи и за афирмирање на улогата на Република Северна Македонија како активен, присутен и почитуван партнер во меѓународната соработка.
Македонија
Се оддалечуваме од Европа поради политиките на власта, му рекол Филипче на известувачот Томас Вајц
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска одржал состанок со постојаниот известувач на Европскиот парламент за Северна Македонија, Томас Вајц. На состанокот, како што информираа од партијата, станало збор за актуелната политичка состојба и за евроинтеграцискиот процес на државата.
Филипче изразил благодарност за ангажманот на ивестувачот на ЕП, Вајц, во следењето на процесот, како и за поддршката на Европската Унија и Европскиот Парламент за европската перспектива на нашата држава.
„На средбата, Филипче посочи дека статусот во кој се наоѓа евроинтеграцискиот процес на Македонија е сериозно загрижувачки, реформската агенда е закочена, реформите не се спроведуваат, а власта не покажува волја за продолжување на европскиот пат. Тој додаде дека наместо напредок кон европскиот пат, државата поради политиките на власта се соочува со стагнација, блокирани реформи и политики кои ја оддалечуваат државата од европските стандарди“, велат од СДСМ.
Филипче нагласил и дека европската интеграција за Македонија значи процес што го зајакнува владеењето на правото, гради функционални институции и обезбедува подобар живот за граѓаните, а Македонија заслужува да се движи напред, а не да губи време и да остане изолирана.
Воедно, Филипче порачал дека СДСМ останува цврсто посветена на европските вредности и реформи, бидејќи иднината на Македонија во Европската Унија, тоа е клучот за подобра, праведна, просперитетна и напредна држава, за подобра иднина за сите граѓани.
Македонија
За возачка дозвола доволно е завршено основно образование, рече Јаневска по протестите
Министерката за образование и наука Весна Јаневска изјави дека за полагање возачки испит е потребно најмалку завршено основно образование, нагласувајќи дека државата обезбедува можности.
„Образованието е бесплатно и за оние што ја надминале возраста, така што до 29 години тие преку Центарот за образование добиваат едукација. Сме имале и проекти со наши странски партнери преку кои Ромите што биле заинтересирани да го дополнат своето образование добиле некаква едукација соодветна на барањата на пазарот на трудот, нивните лични потреби итн“ рече Јаневска одговарајќи на новинарско прашање. Додаде и дека Министерството финансира околу 40 ромски медијатори со цел зголемување на опфатот и редовното присуство на ромските деца во училиштата.
Изјавата доаѓа по протестите на граѓани кои побараа ослободување од обврската за полагање возачки испит бидејќи немаат неопходен степен на образование, а автомобилите им се неопходни.

