Македонија
Ласовска од Свети Николе: Хазардерството на Заев го понижи македонскиот народ, оставка веднаш
Темелите на државноста на Република Македонија се илинденците и народноослободителната борба на партизанското движење АСНОМ. Никој нема право да ги негира овие историски факти, а најмалку оној што треба да го води македонскиот народ кон подобра иднина, рече вечерва Благица Ласовска од протестот за оставка на Заев, слобода на народот, во Свети Николе.
„Скандалозните изјави на Зоран Заев во она срамно и понижувачко интервју ја доотворија Пандорината кутија што се отвори со преспанскиот договор. Неговото срамно хазардерство ги понижи македонскиот народ и храброста на загинатите борци од народноослободителната борба. Нивната крв и солзи сè уште течат во жилите на родната грутка за која не жалеа да загинат со аманет за нас, што сè уште како ехо одѕвонува при секој шум, при секој здив на ветерот, со секоја воздишка што се откинува при секое сеќавање за нив. И, вели, Македонци, чувајте ја Македонија, никој не ти даде мандат да се коцкаш со најсветото. Нема да трпиме компромиси, затекнатост, неспособност и дволичност. Во сегашноста, без иднина, вие и историјата ја закопавте и ја погазивте. Никаде во светот нема да најдете пример каде што граѓаните се бранат и се срамат од својот премиер во неговите антидржавни постапки. Секој граѓанин очекува одбрана на националната чест и достоинство.
Се вклучија неговите блиски во одбрана на неодбранливото. Никаква придобивка не е зачувување на нашето самоопределување, тоа треба да се подразбира. Има работи за кои не се ни помислува да се стават на маса. Згрозени сме како граѓани да се преговара за историско-политичката генеза и континуитет на македонскиот народ. Навистина неочекувано, но, за жал, срамно е ова однесување на премиерот и неговата екипа.
Прифаќањето на негационизмот и ревизија дека Бугарија од 1941 до 1945 година била окупатор, сојузник на Оската, протерувач на македонските Евреи, е ужасен, трагичен, целосно извртувачки момент на светската историја, а се нашол Заев да ја менува.
Оваа Влада на чело со Заев ја прелеа чашата, затоа оваа борба мора да продолжи, заедно сите, целиот народ, не е време за партиски престрелки, време е за национално обединување.
Нашите барања се јасни и прецизни. Веднаш неотповиклива оставка на оваа Влада на чело со Зоран Заев. Формирање влада на национален спас, составена од експерти, како и обединување на целиот макеодонски народ и сите граѓани што живеат во Македонија – Албанци, Турци, Власи, Срби, Бошњаци, Роми и други. Зачувување и одбрана на македонската држаност.
Апелирам до меѓународната заедница за поддршка и почитување на европските основни и елементарни вредности. Апел до источниот сосед, европска вредност е да се извините за тој дел од историјата, како пто тоа го направи германскиот канцелар Вили Бранд.
Тука не станува збор за идеолошка заслепеност, како што релативизаторите сакаат да го прикажат, туку порив за почитување на историската вистина, историскиот континуитет и колективната меморија. Да ги почитуваме предците, кои го дале својот живот за слободна и независна и суверена Република Македонија. Да сте живи и здрави, да живее Македонија!“, порача Ласовска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Наредена ексхумација на уште една жена, можна жртва на 25- годишникот од Малотино осомничен за сериски убиства
Во наредните денови ќе биде направена уште една ексхумација на жена за која постојат сомневања дека е жртва на 25-годишниот овчар Трајко Бојковски од селото малотино, Старо Нагоричане, осомничен дека е серириски убиец. Обвинителството ја прошири истрагата за уште едно кривично дело – убиство, за кое е предвидена казна доживотен затвор, извести денес обвинителот Љубомир Лапе.
Обвинителството веќе обезбеди докази за две убиства и еден обид за убиство со ДНК анализи кои посочуваат кон 25-годишникот, кој е во притвор. Сите жртви се од истиот регион и според Обвинителството, нема докази за сексуално насилство. Дадени се наредби за психијатриско вештачење на осомничениот и сè уште не е утврден мотивот за убиствата.
За расчистување на случајот дадени се наредби на МВР да ги извади сите можни пријави, поплаки, телефонски јавувања, очевидци за настаните поврзани со осомничениот кој од СВР Куманово веќе има кривична пријава за две тешки кражби.
Кумановската обвинителка Теута Рамдани потсети дека истрагата за Бојковски почна по пријава од 83- годишна жена која успеала да преживее напад од осомничениот.
Македонија
Сиљановска-Давкова: Во минатото, географијата ги одредуваше можностите, а денес знаењето и храброста ги надминуваат границите
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова се обрати на отворањето на 24-часовната виртуелна конференција на Women in Tech, глобална организација насочена кон поттикнување на инклузија, разновидност и еднаквост на жените во STEM професиите (наука, технологија, инженерство и математика).
Во обраќањето, Сиљановска-Давкова ја опиша конференцијата како „невидлива линија што го поврзува светот од една временска зона до друга, од еден континент до друг“, нагласувајќи дека ако некогаш географијата ги одредувала можностите, денес знаењето и храброста ги надминуваат границите.
Според неа, жените повеќе не се исклучок во технолошките процеси, туку нивни креаторки: истражувачки умови, основачки на стартапи, инженерки и визионерки, кои ја градат инфраструктурата на иднината.
Таа потсети дека секој напредок е плод на споделено знаење и солидарност и дека кога една жена успева, отвора простор за другите, а кога создава, ги проширува нивните хоризонти.
Обраќајќи им се на младите девојки, претседателката порача дека „иднината не е однапред напишан код“, туку се гради со љубопитност, креативност и визија.
На крајот, таа укажа дека технологијата мора да биде водена од етика, емоционална интелигенција и човечко достоинство, додавајќи дека вистинскиот напредок се мери не само со иновации, туку и со вредности.
Конференцијата, во траење од 24 часа, се одржа во текот на вчерашниот ден, поврзувајќи илјадници жени од различни континенти, кои преку знаење, искуство и солидарност испишуваат заедничка женска глобална приказна.
Македонија
Македонско-француското партнерство и ЕУ-перспективата во фокус на средбата Карапејовски – Ле Риголер
Координаторот на пратеничката група на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, Бобан Карапејовски, оствари средба со амбасадорот на Француската Република, Кристоф ле Риголер и првиот советник Филип Маршето.
Амбасадорот Ле Риголер и советникот Маршето со Карапејовски разговараа за долгогодишното македонско-француско пријателство и соработка, особено на планот на културата.
Карапејовски го истакна придонесот на македонските образовни институции во промоцијата на францускиот јазик и култура и му се заблагодари на амбасадорот за поддршката што ја дава Франција во различните области на меѓудржавната соработка. Тој ги истакна приоритетите на ЗНАМ во Собранието, програмските заложби и специфичната функција на партијата и на пратеничката група како дел од владејачкото мнозинство, каде што функционира и како коректив на власта.
Во врска со евроинтеграциите, беше реафирмирана поддршката на Франција на патот на Македонија кон Европската Унија. Координаторот на ПГ на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија го истакна ставот на пратеничката група и силната заложба за исполнување на обврските од реформската агенда во процесот, како клучен чекор во пристапувањето.

