Македонија
Ласовска со писмо до Заев: Нападот врз Тамара е ваш срам и пример за односот што го имате кон жените
Претседателката на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ, Благица Ласовска, упати отворено писмо до лидерот на СДСМ, Зоран Заев, во кое го обвинува дека е инспиратор на нападите врз Тамара Михајловска, која учествуваше во видеото од аеродромот, кое е дел од кампањата на ВМРО-ДПМНЕ.
Писмото го пренесуваме во целост.
„Ова отворено писмо го пишувам првенствено како жена, мајка, слободен граѓанин на нашата Македонија.
Ова писмо го пишувам по згрозувачкиот атак врз Тамара, која учествуваше во видеото што е дел од кампањата на ВМРО-ДПМНЕ, а кое доаѓа од еден ист центар, чиј ракопис лесно се познава.
Посипаа мизогинија, сексизам, шовинизам врз Тамара и око не им трепнува, во исто време кога устите им се полни со Европа, вредности, магии.
И затоа вам Ви се обраќам г. Заев, затоа што инспиратор на ваквите напади врз интегритетот врз жената сте токму Вие, и за се’ понатаму ќе Ве сметам лично одговорен за ваквото варварство.
И не само затоа што веројатно со воодушевување ја гледате таа драма со која се гази по женските слободи, туку и поради тоа што не преземате ништо за да го осудите истото.
Да не заборавиме дека во Ваше време полицајка се самоповредуваше со „пајак”, затоа што беше немоќна поради хибридниот режим да се спротивстави. Да го споменувам ли антисемтизмот посипан во 21 век врз Рашела Мизрахи, чии перјаници денес се блиску до вас во оваа кампања.
Тргнавте во атак врз дваесетина години возрасна девојка, затоа што немате што друго да понудите.
Атакот врз Тамара е Ваш срам и пример за тоа каков однос имате кон жените во Македонија. И иако тие закани, навреди и сексизам изгледаат многу бучни по социјалните мрежи, тие се израз на немоќ, доказ за паника и чувството на страв од пораз. И колку погласно се обидувате да атакувате врз жените толку поголем ќе Ви биде поразот.
Билбордите на кои сте сликани со женски кандидати не Ве прави почитувачи на правата на жените туку секојдневниот однос кон нив.
И да, очекувам да се извините, поради срамот и атакот на социјалните мрежи од Вашите активисти врз млад човек, жена. Тоа е и Ваш срам.
А Тамара и сличните како неа ќе останат во Македонија и ќе продолжат со бунтовноста, затоа што за правата на жената постојано се бори, во секој час, во секој ден и насекаде.
Иво Андриќ ќе напише „жената стои како капија на излезот како и на влезот на овој свет”, очигледно со овој атак врз жените Вие излегувате и се пензионирате од светот на политиката“, се наведува во отвореното писмо.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Почна седницата на Советот за безбедност во Вила Водно
Почна седницата на Советот за безбедност што ја закажа претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на која на дневен ред е безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.
Претседател на Советот за безбедност е претседателката Гордана Сиљановска Давкова, а на седницата присуствуваат членовите на Советот за безбедност: претседателот на Собранието Африм Гаши, претседателот на Владата Христијан Мицкоски, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, министерот за одбрана Владо Мисајловски и Тимчо Муцунски, министер за надворешни работи и надворешна трговија, како и Џевдет Хајредини, Малинка Ристевска Јорданова, и Владо Спиридонов.
Советот за безбедност е највисокото советодавно тело во државата, коешто ги разгледува прашањата сврзани со безбедноста и одбраната на Републиката и дава предлози на Собранието и на Владата.
Начинот на работа на Советот за безбедност на Република Северна Македонија, начинот на остварување на правата и исполнувањето на должностите на членовите на Советот, свикување и одржување на седниците, спроведувањето на заземените ставови, поведените иницијативи и дадените мислења и предлози, информирањето за својата работа, како и други прашања во врска со организирањето и начинот на работа на Советот, се определени со Деловник за работа на Советот за безбедност на Република Северна Македонија.
Седниците на Советот се затворени. Во одредени случаи седниците можат да бидат и јавни за што одлучува претседателот на Советот.
Македонија
Муцунски разговарал со шеикот Бин Зајед и дал целосната поддршка кон Обединетите Арапски Емирати
Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски денеска телефонски се слушнал со заменик-премиерот и министер за надворешни работи на Обединетите Арапски Емирати, шеикот Абдула бин Зајед Ал Нахјан.
Муцунски ја истакнал целосната поддршка кон Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) и изразил сочувство за жртвите од нападите.
„Министерот остро ги осуди нападите извршени од Иран врз Обединетите Арапски Емирати, оценувајќи ги како сериозна повреда на принципите на меѓународното право, вклучително и почитувањето на државниот суверенитет и територијалниот интегритет. Тој нагласи дека во услови на зголемени регионални тензии, неопходни се воздржаност, одговорност и дипломатски ангажман, со цел спречување понатамошна ескалација и зачувување на стабилноста и мирот во регионот“, се вели во соопштението на МНР.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ до Филипче: Ако Македонија е како Иран, дали Заев е ајатолахот?
ВМРО-ДПМНЕ реагира на денешната изјава на лидерот на СДСМ, Венко Филипче, кој Македонија ја спореди со Иран и Венецуела.
По ваквата изјава од владејачката партија велат дека СДСМ е потоната во свој микро свет, во кој сите се лоши, а само тие се добри.
„Кој мисли дека му верува на Филипче кога кажува дека Македонија е како Иран? Ако Филипче вели Македонија е како Иран, дали со оглед на тоа што СДС беше на власт 7 години, а во влада скоро 9 со техничката, ова значи дека Заев е Ајатолахот, а Филипче неговиот прв проповедник?“, прашуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
На новинарско прашање во врска со отворената поддршка на Македонија кон САД за нападите кон Иран, лидерот на опозицијата кажа оти Соединетите Американски Држави, како наш стратешки партнер треба да знаат дека во нашата земја има власт со многу слични карактеристики на тие авторитарни режими со кои тие се справуваат.
Елаборирајќи го својот став, тој ги повтори критиките дека Владата на чело со ВМРО-ДПМНЕ ја турка земјата кон изолација, дека преку вицепремиер во извршната власт има контакти со рускиот претседател Владимир Путин, како и дека целосно го партизира правосудството.
„Имаме власт и премиер којшто ја бутка земјата во изолација, притоа знаејќи дека во стратешки интерес на Соединетите Американски Држави е интергацијата во ЕУ и на нашата земја и на целиот регион“, рече Филипче.

