Македонија
ЛДП бара враќање на стариот член 353: Без лимити на казните и без застарување на корупцијата
На денешната амандманска расправа на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците наменета за новиот Кривичен законик, претседателката на Либерално-демократската партија (ЛДП) и пратеничка, Моника Зајкова, поднесе амандман со кој се бара воспоставување на поефикасна правна рамка за борба против корупцијата во јавниот сектор.
Претседателката на ЛДП бара со амандманите да се врати стариот член 353 од Кривичниот законик, кој Зајкова лично не го гласала. Таа истакна дека вреди да се врати старата одредба затоа што со истата кога со делото настанала значителна штета не се дава лимит на горната казна, туку оди најмалку три години, што значи дека може максималната казна може да биде 20 години и тоа да ја отежни можноста делото да застари. Исто така, во новата предложена измена на законот во членот 353-в се брише ставот 5, што е во најмала рака, безобразно, затоа што во тој став се регулирани службените или одговорни лица во органите на државната управа: министри, директори именувани од владата и со ова, власта го декриминализира криминалното поведение.
„Не знам зошто е важно кој кога бил на власт, ако сега веќе поднесувате ваков закон, тогаш поправете ги слабостите што се направиле. Која европска регулатива е таа што дава лимити на кривичните дела? Многу едноставно – ако е значителна штетата, не може да се постави лимит од-до. Значи ќе се оди на најгорната граница на казнивост за кривичното дело и на тој начин ќе се избегне застарување, кое што често го сведочиме во праксата“, изјави Зајкова на седницата на комисијата.
Во реплика на пратеникот Бојан Стојаноски, Зајкова изјави дека со претходните измени на Кривичниот законик практично се ослободија многу лица, но доколку го прифатеа предлогот на ЛДП, во кој што имаше преодна одредба да се зголеми рокот на апсолутна застареност за делата за кои што веќе има првостепена пресуда и чекаат пред апелација, тогаш немаше да паднат многу дела на негови сопартијци.
Во реплика на пратеникот Љупчо Пренџов, Зајкова му посочи дека секогаш кога ќе им се презентираат факти, тие „глумат“ синдром на жртва.
„Во делот на јавните набавки, сите експерти укажуваат дека го стеснувате описот на делот, дека декриминализирате одредени поведенија. Не се овие две поведенија кои се опфатени во членот, тие по кој се казнуваат јавните набавки. Каде е фаворизирањето на тендери, каде е местењето на технички спецификации, изборот на понудувач? Каде се јавните фондови, други средства од државата. Дајте ако веќе правиме нешто, да го направиме како што треба“, завршува Зајкова.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Касами: Собранието го разреши раководството на партијата, важен чекор кон спојување на ВЛЕН во еден субјект
Централното собрание на Движењето Беса со мнозинство гласови ја одобри одлуката за распуштање на Централното претседателство на Движењето Беса, во продолжение на процесот започнат за спојување на ВЛЕН во еден субјект, објави на социјалните мрежи лидерот на движењето Беса, Билал Касами.
„Собранието на Движењето оцени дека треба да се отвори патот за структурирање на ВЛЕН и ја донесе оваа одлука врз основа на мораториумот за партиски активности од страна на субјектите што го сочинуваат ВЛЕН.
Во оваа прилика, Собранието ме овласти мене како претседател да продолжам со разговорите за иднината на ВЛЕН, давајќи поддршка на спојувањето во еден субјект, со решение што го почитува принципот на правда и го слуша гласот и волјата на гласачите на ВЛЕН и сите Албанци“, соопшти Касами.
На состанокот на Собранието, како што вели, била дискутирана и работата на функционерите на Движењето Беса во Владата.
„Членовите на собранието ја поддржаа мојата изјава дека Беса има капацитет за многу повеќе работа отколку што е сработено досега.
Анализата на работата на функсионерите ќе продолжи во наредните денови, додека наодите ќе бидат одразени во идната реконструкција на Владата.
Движењето Беса верува дека позициите во Владата се средство за наша најдобра и најефикасна служба на сите граѓани, а особено на Албанците, и сите идни одлуки ќе бидат засновани на овој принцип“, додава Касами.
Македонија
Од утре Мицкоски во Минхен на безбедносната конференција: во фокусот, геополитичката стабилност и улогата на Македонија како столб на стабилност во Западен Балкан
Oд утре (петок) премиерот Христијан Мицкоски заедно со министерот за одбрана Владо Мисајловски, министерот за надворешна политика и надворешна трговија Тимчо Муцунски и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски ќе биде во неколкудневна посета на Сојузна Република Германија, каде ќе присуствува на 62-та Минхенска безбедносна конференција.
Во рамки на конференцијата, Мицкоски ќе оствари серија билатерални средби со европски лидери, високи претставници како и челни луѓе на меѓународните безбедносни организации.
Во фокусот на разговорите ќе бидат геополитичката стабилност на регионот, нагласувајќи ја улогата на Македонија како столб на стабилноста во Западен Балкан и активен придонесувач во НАТО алијансата.
Исто така премиерот Мицкоски на средбите и состаноците ќе ја реафирмира позицијата на државата за неопходноста од предвидлив и фер пат кон полноправно членство во ЕУ, без наметнати билатерални пречки.
На маргините на конференцијата, предвидени се средби со високи претставници на Европската Унија како и со шефови на влади и држави.
Македонија
Филипче да каже зошто со Заев дозволиле одгледување на канабис на отворено спротивно на закон, кои им биле мотивите и кој и колку профитирал, велат од ВМРО-ДПМНЕ
Филипче жестоко се обидува да го одбрани својот ментор Заев и поврзаноста на луѓето блиски до СДС во последниот скандал со запленетата марихуана, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Филипче и кланот Заеви, Македонија ја претворија во Балкански „нарко-центар“, каде наместо медицинска се произведувала марихуана за црниот пазар. Запленетите 40 тони марихуана, директно водат до фирми блиски до Заев и Филипче.
Венко Филипче е без кредибилитет. Нема афера и скандал, а тој и Заев да не се вплеткани. Филипче и Заев се синоним за криминал, корупција, импровизации, нетранспарентни одлуки и контроверзи. Филипче е човекот кој го уништи здравствениот систем во државата“.
Македонија во време на владеењето на СДС, додаваат од владејачката партија, Зоран Заев и Венко Филипче, наместо строго контролирано производство на канабис за медицински цели, беше претворена во балкански нарко центар за шверц на марихуана на црниот пазар.
Според нив, факт е дека темелите на бизнисот за марихуана ги постави владата на Зоран Заев во 2020 година, додека Филипче беше министер за здравство.
„Владата на СДС делела лиценци на фирми поврзани со Зоран и Вице Заев, а резултат на тоа, денес се тони дрога и сериозни безбедносни последици за државата.
Факт е и дека околу 70 проценти од запленетата дрога деновиве е на фирма во сопственост на луѓе на Заев.
Медицинската марухуана била параван за организиран криминал во огромни размери“.
Прашуваат, зошто Заев лично се интересирал за случајот со петте тони марихуана запленети во Србија?
„Зошто Заев и Филипче дозволиле одгледување на канабис на отворено спротивно на закон, кои им биле мотивите и колку профитирале?
Дали измените на правилникот се донесени по конкретна насока од Заев, и дали со нив се отворил простор за можни злоупотреби и незаконска трговија?
Одговорност мора да има“.

