Македонија
ЛДП: Да се прекине со остварување огромни профити на грбот на граѓаните
Предлог-закон за платни системи, што го поднесоа пратениците на Либерално-демократксата партија, Левицата и на ДОМ се разгледува во рамки на 120-тата седница во Собранието.
– Граѓаните кои секојдневно ги користат услугите на банките, сведоци се на високите трошоци и провизии како на пример за одобрување кредити, одржување на сметки, провизиите за проверка на трансакциска сметка, па дури и повлекувањето пари од друга банка, доколку е различна од банката депонент на граѓаните, посочуваат од ЛДП.
Од партијата велат дека овој предлог закон предвидува значително намалување или укинување на банкарските трошоци и провизии. На тој начин се намалуваат и месечните издатоци на граѓаните со што се чекори поблиску кон поправедна финансиска иднина за сите.
– Секој од нас како пратеник е свесен дека иако овие прашања се дел од интерната политика на банките, сепак потребно е законска регулираност бидејќи станува збор за остварување на огромен профит. Кога ќе ги погледнеме неверојатните профитни маржи во банкарскиот сектор, што беше особено очигледно за време на ковид пандемијата, јасно е дека овие институции тоа го прават и на товар на граѓаните. Со предложениот закон не се обезбедува само финансиска праведност, туку и поправедно и урамнотежено општество во целост. Во нашиот стремеж за правична финансиска иднина за сите граѓани, ги повикуваме и останатите пратеници и партии да ја дадат својата поддршка на овој предлог-закон, порачуваат од ЛДП.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре променливо облачно и релативно топло
Времето утре ќе биде променливо облачно и релативно топло.
Претпладне ќе има слаб локален дожд, а по одделни котлини ќе има појава на магла. Кон крајот на денот и во текот на ноќта во западните делови ќе има врнежи од дожд. На повисоките планини во северозападните делови врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува слаб до умерен, а во западните делови наместа повремено засилен ветер од западен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 5, а максималната ќе достигне од 11 до 18 степени.
Во Скопје, времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Претпладне во делови од котлината ќе има појава на магла. Ќе дува слаб променлив ветер. Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 15 степени.
Во наредните денови следува период на променливо време. Во недела претпладне ќе има локални врнежи од дожд, а на планините во северозападните делови од снег. Врнежи од дожд ќе има и во понеделник кои ќе бидат поинтензивни во југоисточните делови, а на планините ќе бидат од снег. Поради продор на постуден воздух врнежите од дожд ќе преминуваат во снег и на некои од повисоките места. Потоа во следните два дена ќе се задржи претежно стабилно време, а нови врнежи повторно се очекуваат од четврток.
Македонија
Трипуновски: Работиме на стабилен откуп и цена на суровото млеко
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски оствари средба со претставниците на поголемите млекарници во државата, на која се разговараше за стабилен откуп и цена на суровото млеко, покрај тоа што европскиот пазар и регионот се соочуваат со вишок на млеко.
На средбата се договори дека откупната цена на суровото млекото ќе биде стабилна, како и дека нема да има неоткупено млеко од страна на млекарниците.
Ќе се засилат контролите на пазарот со фокус на безбедноста и квалитетот на млекото и млечните производи, како и на добиточната храна.
Министерството останува посветено на унапредување на млекопроизводниот сектор и обезбедување на одржливи услови за фармерите и млекарниците, велат од таму.
Македонија
ЗНАМ до СДСМ: Димитриевски нема „златни визи“, не е вмешан во скандали и не оди на журки во Дубаи
Движењето ЗНАМ – За Наша Македонија обвини дека СДСМ со нападите врз Максим Димитриевски и партијата се обидува да ја дефокусира јавноста од сопствената политичка и економска катастрофа. Во соопштението, ЗНАМ ги нарекува обвинувањата на СДСМ „политичка манипулација и замајување“, оценувајќи ги како „неосновани, тенденциозни и без докази“.
Од партијата велат дека Димитриевски има лична и професионална кариера надвор од политиката и дека не бил поврзан со корупциски скандали.
„За разлика од двоецот Заев-Филипче кој ги троши народните пари по луксузни јахти низ светот, тој не поседува ‘златни визи’ и не оди на журки во Дубаи“, се наведува во соопштението.
Според ЗНАМ, сите јавни набавки и финансиски постапки се спроведуваат законски и под надзор, а партијата останува доследна на принципите на отчетност и јавна одговорност. „Политиката за нас не е приватен бизнис, туку јавна одговорност во интерес на граѓаните“, велат од движењето.

