Македонија
ЛДП: Забрана на „Тик-ток“ за малолетници по примерот на Албанија и регулирање на работата на другите социјални мрежи
По последните случувања во Република Албанија, убиството на 14-годишното момче и следствено на тоа, воведената рестрикција на Тик Ток, Либерално-демократската партија потсетува на предлогот за забрана на содржини кои поттикнуваат насилство на мрежата Тик Ток и регулирање на содржините на другите социјалните мрежи кои ги користат малолетници.
ЛДП уште еднаш потсетува на предлогот кој минатата година го достави до МОН непосредно по немилите настани во соседна Србија, со кој се бара контрола на содржината која се емитува на социјалните мрежи, како и забрана на содржини кои поттикнуваат насилство.
„Апелираме до сите вклучени страни за започнување на итна постапка за регулација и контрола на содржината на социјалните мрежи, со цел спречување и избегнување на идни вакви немили настани и несакани состојби, особено кога се работи за здравјето и добросостојбата на нашите деца. Не смееме да дозволиме уште деца да бидат жртви на злоупотребата на Тик Ток и останатите социјални мрежи. Република Албанија е првата земја во регионот која го забранува Тик Ток, откако премиерот Еди Рама директно ги обвини социјалните мрежи за споделување и поттикнување на насилство меѓу децата во и надвор од училиштата, а кулминираше со смртта на 14-годишно момче во ноември. Франција, Германија, Белгија и други земји веќе имаат воведено рестриктивни мерки на сила за регулирање на употребата на социјалните мрежи од страна на малолетниците“, дополнуваат од ЛДП и додаваат:
„Кај нас, Тик Ток беше актуелен неодамна, откако повеќе деца беа повредени додека го изведуваа предизвикот „Супермен“, каде најмладиот од повредените има само 10 години, а најстариот 17 години. Децата стануваат жртви на опасни игри кои се пласираат преку социјалните мрежи. Тие содржини, под маската на „забава“, претставуваат сериозна закана за нивното физичко и ментално здравје, а ние како општество мора да преземеме одговорност и да ги спречиме ваквите несреќи. Немањето соодветна контрола врз содржините кои се достапни на социјалните мрежи овозможува ваквите „игри“ да стигнат до најранливите корисници. Како општество имаме обврска да направиме сѐ што е во наша моќ за да ги заштитиме од штетните влијанија на социјалните мрежи и да им овозможиме среќно и безгрижно детство“,
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Уапсени возачи од Скопје и Куманово, возеле без возачка, одземени им се возилата
Полицијата уапси двајца возачи од Скопје и Куманово, возеле без положен возачки испит, одземени им се возилата.
Попладнево во 12:40 часот на патот Куманово-с. Липково, полициски службеници го лишија од слобода Ш.А.(31) од Куманово. При сообраќајна контрола, полициските службеници сопреле патничко возило „голф“ со кумановски регистарски ознаки, при што било констатирано дека возилото го управувал без положен возачки испит за управување на возило од Б категорија. Ш.А. е задржан во полициска станица, а возилото е одземено.
На 03.02.2026 во 13:00 часот на улица „Јустинијан први“ во Скопје, полициски службеници го лишија од слобода И.Џ.(20) од Скопје. При сообраќајна контрола, полициските службеници сопреле патничко возило „опел“ со скопски регистарски ознаки, при што било констатирано дека возилото го управувал без положен возачки испит за управување на возило од Б категорија. И.Џ. е задржан во полициска станица, а возилото е одземено.
По документирање на случаите, ќе бидат поднесени соодветни пријави по член 297-а од КЗ.
Македонија
Партиите со осуда за нападот врз новинарот Видиновски
Политичките партии го осудија нападот врз новинарот Александар Видиновски.
„Ги осудуваме нападите врз новинарот Александар Видиновски, кои се последица на бугарскиот национализам и шовинизам. Нападот врз новинарот Видиновски е напад врз слободата на говор и врз медиумите, од страна на структури кои разгоруваат омраза, а се мотивирани од бугарскиот национализам. Сите напади како овој врз новинарот Видиновски го разјадуваат општеството и ја подгреваат омразата, и мора веднаш да престанат“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Осуда стигна и од ЛДП.
„Либерално-демократската партија (ЛДП) најостро го осудува однесувањето на онлајн насилниците со коментари исполнети со говор на омраза кон новинарот на Канал 5, Александар Видиновски. Ваквиот начин на изразување и на воспоставување дијалог не е воопшто соодветен за било кое демократско општество. Ја изразуваме нашата поддршка за Видиновски, бараме независното новинарство да остане независно од секакви влијанија и бараме брза реакција на институциите за расчистување на случајот“, велат од ЛДП.
Македонија
Македонија и ОАЕ потпишаа Меморандум за размена на искуства во областа на развојот и модернизацијата на владата
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска во Дубаи оствари билатерална средба со вицепремиерот и министер за надворешни работи на Обединетите Арапски Емирати, шеикот Абдула бин Зајед Ал Нахјан, во чии рамки беше потпишан Меморандум за разбирање меѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Обединетите Арапски Емирати за размена на искуства во областа на развојот и модернизацијата на владата.

„Со Меморандумот се воспоставува институционална рамка за систематска соработка насочена кон унапредување на јавните политики, јакнење на административните капацитети, дигитална трансформација и примена на иновативни модели на управување“, соопштија од МНР.
Од таму додаваат дека потпишувањето на документот отвора нови можности за размена на знаења, експертиза и добри практики, како и за реализација на заеднички активности и проекти во области од заемен интерес, со цел зголемување на ефикасноста и квалитетот на владините услуги.
На средбата станало збор и за можноста за воспоставување директна авиолинија меѓу Скопје и Обединетите Арапски Емирати. Воедно бил направен сеопфатен преглед на билатералните односи, при што биле разгледани можностите за нивно натамошно продлабочување. Посебен акцент бил ставен на унапредувањето на политичката соработка, јакнењето на економските врски и интензивирањето на трговската размена меѓу двете земји.
Двете страни ја потврдиле заедничката определба за натамошно зајакнување на партнерските односи и развој на конкретни иницијативи кои ќе придонесат за одржлив економски раст, институционална ефикасност и продлабочена соработка меѓу Република Северна Македонија и Обединетите Арапски Емирати.

