Македонија
ЛДП избра нови потпретседатели, промовираше и партиски слоган
Моника Зајкова, Зоран Шапуриќ, Игор Вељаноски и Јулиана Николова се новите потпретседатели изгласани на четвртата седница на централниот одбор на Либерално демократската партија (ЛДП). Партијата ја утврди агендата за дејствување во наредниот период и го промовираше слоганот под кој ќе настапува, „Размислувај различно, либерално кон Европа“.
Потпретседателите, кои беа едногласно избрани, пред членовите ги презентираа нивните планови и целокупни залагања за партијата и државата. На седницата беа присутни петстотини делегати во партијата кои гласаа и дискутираа за понатамошните активности на ЛДП.

Моника Зајкова
„Сите размислуваме различно, сакаме со граѓаните да сме искрени, да ги потенцираме либералните вредности и исто така активно да ги чуеме нивните мислења преку директните средби и трибините кои ќе ги организираме во 30 градови низ републиката со цел заеднички да го трасираме патот на државата кон Европа“, вели Зајкова.
Од ЛДП за неа велат дека е млада, одговорна и комуникативна. Таа е магистер на правни науки од областа на граѓанско право со просек 10. Во моментот е посебен советник за прашања од областа на регионалниот развој во кабинетот на Министерот за локална самоуправа, а во својата биографија не треба да се изостави и искуството како соработник во Собранието на Македонија , потоа надворешен советник во Собранието во рамки на Комисија за европски прашања, Законодавно-правна Комисија, Комисија за надворешна политика, Комисија за економски прашања и Национален Совет за европски интеграции. Таа претходно има искуство и како демонстратор по предметите соцологија на право, уставно право и облигационо право на Правниот факултет при ФОН Универзитетот. Зајкова е учесник и во бројни проекти и здруженија како што е Европската женска академија за политичко лидерство и кампања (ЕЊА) во организација на Европскиот либерален форум, учесник на првата и втората генерација на АЛУМНИ членови во рамки на Либералната политичка академија за млади.

Зоран Шапуриќ
„Секое семејство треба да размислува поинаку, да создава и негува европски вредности. Институциите и компаниите да ја продлабочат соработката од која корист ќе имаат сите граѓани“, додаде Зоран Шапуриќ, старо-новиот потпретседател на партијата.
Тој дипломирал на Правниот факултет, магистрирал и докторирал на УКИМ, стекнувајќи звање доктор по политичко–правни науки. Има положено правосуден и нотарски испит, доцент е, вонреден и редовен професор на Универзитет Американ колеџ во Скопје. Објавил 40 научно истражувачки меѓународни трудови, индексирани во респектабилни меѓународни научни бази, од областа на животна средина и одржлив развој, Европската унија и локалната самоуправа, од кои седум во ”Web of science”, 12 во “Thomson Reuters” и во други меѓународни научни бази.
Во досегашната кариера Шапуриќ бил министер за животна средина и просторно планирање, пратеник во Собранието на Република Македонија, претседател на собраниска комисија за политички систем и односи меѓу заедниците и член на други собраниски комисии, член на собраниска делегација во Собранието на Западно европска унија и НАТО.
Работел и во Уставниот суд на Македонија како виш стручен соработник, бил помошник генерален директор во МЗТ комерц и заменик на генералниот директор во ЈП „Паркови и зеленило Скопје“.
Добитник на награда за постигања во областа на екологијата и одржлив развој во регионот од една од најголемите еколошки научни организации во Европа, „БЕНА“, професор на годината на Универзитетот Американ колеџ, Скопје и на многу други награди.
Активен член на ЛДП од нејзинот оосновање без било каков активен или пасивен прекин на членствот од 1997 година; член на Централниот одбор и на Извршниот одбор потпретседател на ЛДП. Од 2008 до 2011 претседател на одбор за национална безбедност на ЛДП и член на други партиски одбори, комисии и совети. Едукатор во областа на либералната демократија на преку 30 семинари и работилници организирани од ЛДП.

Игор Вељаноски
„На земјата ѝ се потребни млади кои ќе бидат активни и бизнис ориентирани, млади кои ќе размислуваат поинаку, своето знаење и претприемачки дух ќе го претопат во бизнис. Со такви млади ќе се отворат европските пазари и ќе покажеме дека ние сме подготвени да бидеме дел од Европа. За сето ова потребна и поддршка од државата, вели Игор Вељаноски“, потпреседател на ЛДП.
Тој работи како помошник директор за оперативни работи во ЈП “Паркови и зеленило”, магистрант по деловно право, а претходно своето искуство го стекнал во приватниот бизнис сектор. Вељановски е дипломиран социјален работник, бил член на Совет на општина Кисела Вода, а сега е член на Советот на град Скопје.

Јулиана Николова
„Нам ни е потребна сигурна, правична и европска држава во која граѓаните ќе веруваат дека сите заедно функционираме и креаираме транспарентни политики, во духот на либералната демократија“, се изјасни потпреседателката Јулиана Николова.
Таа е пратеник, дипломиран професор по информатика, член на Комисија за европски прашања, Комисија за образование, наука и спорт, заменик – член во Комисија за надворешна политика, Комисија за прашања на изборите и именувањата, претседател на Пратеничка група на Собранието на Република Северна Македонија за соработка со парламентите на балтичките земји Република Естонија, Република Латвија и Република Литванија, член на Пратеничка група на Собранието на Република Македонија за соработка со Парламентот на Италија, Пратеничка група на Собранието на Република Северна Македонија за соработка со Парламентот на Република Полска, како и заемник – претседавач со Интерпартиска парламентарна група за правата на лицата со посебни способности (ИППГ).
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сиљановска-Давкова: Состојбата е стабилна и нема опасност по безбедноста
Не сме изложени на нестабилност и нема опасност по безбедноста внатре и во регионот. Систем за предупредување постои, институциите ја следат состојбата, се координираат и оттаму е оваа оценка за стабилност и безбедност, изјави претседателката Гордана Сиљановска-Давкова по седницата на Советот за безбедност на која на дневен ред беше безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.

Таа додаде дека институциите ќе продолжат да ја следат состојбата.
-Координирани сме и со органите во регионот и ќе споделиме информации, најави претседателката Сиљановска – Давкова.
Претседателката Сиљановска Давкова е претседател на Советот за безбедност, а на седницата присуствуваа и членовите на Советот за безбедност: претседателот на Собранието Африм Гаши, претседателот на Владата Христијан Мицкоски, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, министерот за одбрана Владо Мисајловски како и експертите Џевдет Хајредини, Малинка Ристевска Јорданова, и Владо Спиридонов. Министерот за надворешни работи и надворешна трговија,Тимчо Муцунски, кој е на пат за САД, на седницата беше вклучен преку видеоврска.

На седницата присутни беа и директорката на Агенцијата за разузнавање, Габриела Јаковлева, директорот на Агенцијата за национална безбедност, Бојан Христовски и началникот на Генералштабот, генерал – мајор Сашко Лафчиски.
Македонија
Повеќе од 150 македонски државјани побарале помош од амбасадите во Тел Авив, Доха и Абу Даби за евакуација
Расте бројот на македонски државјани кои пријавуваат дека се затечени во загрозените подрачја на Блискиот Исток. Од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информираат дека досега повеќе од 150 македонски државјани, ги контактирале амбасадите во Тел Авив, Доха и Абу Даби, околу можностите за евакуација.
Со сите нив се одржува постојан контакт и доколку се пријават за евакуација ќе се преземаат подготвителни активности за евентуална асистенција за нивно безбедно враќање, наведуваат од МНР.
– Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, преку дежурниот телефонски број и преку дипломатско-конзуларните претставништва, и понатаму останува целосно на располагање на граѓаните. Уште еднаш ги повикуваме сите наши државјани кои се наоѓаат во земјите од регионот доследно да ги почитуваат упатствата и насоките на локалните надлежни безбедносни органи, велат од Министерството.
Поради ситуацијата на Блискиот Исток, во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија од вчера функционира кризен штаб кој е на 24 часовно располагање на граѓаните за сите информации.
За дополнителни информации и помош, на располагање се:
СОС дежурен телефон (МНРНТ):
075/273-732
Амбасада на Република Северна Македонија во Доха
Тел: +974 50 173 111
Амбасада на Република Северна Македонија во Абу Даби
Тел: +971 56 441 7532
Амбасада на Република Северна Македонија во Тел Авив
Тел: +972 54 500 8566
Тел: +972 54 967 0546.
Македонија
Малолетник сакал да се самоубие, МВР го спречи постапувајќи по објава оставена на социјалните мрежи
Секторот за компјутерски криминал при Министерството за внатрешни работи интервенираше навремено откако беше забележана објава на социјалните мрежи што укажуваше на можност за самоубиство од страна на малолетен корисник.
Полицијата веднаш ги презеде сите неопходни мерки за утврдување на идентитетот и локацијата на лицето, кое за кратко време беше пронајдено. Малолетникот е во добра состојба, а родителите се известени и запознаени со понатамошните чекори за негово ментално здравје.
Овој настан уште еднаш ја нагласува важноста од внимателно следење на однесувањето на младите во дигиталниот простор. Родителите треба редовно да комуницираат со своите деца, да се интересираат за нивните активности на социјалните мрежи и да реагираат веднаш при забележување загрижувачки објави или несвојствено однесување – апелираат од Секторот за компјутерски криминал.
Апел е упатен и до пријателите, соучениците и сите корисници на социјалните мрежи: доколку забележат објави што упатуваат на самоповредување, безнадежност или најави за самоубиство, веднаш да ги искористат механизмите за пријавување на платформата или да известат родител, наставник или најблиска полициска станица.
-Навремената реакција може да спаси човечки живот. Секторот за компјутерски криминал ќе продолжи со засилени активности за рано откривање и превенција на ризични појави во дигиталниот простор, велат од МВР.

