Македонија
ЛДП: Мерката на Мицкоски за реорганизација на здравството и намалување на бројот на пратеници е уште една од нашите позајмени програмски определби
Либерално-демократската партија „ја поздравува“ најавата на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и мандатар во наредната влада, Христијан Мицкоски, да остане на Одлуката за укинување на економските директори во клиниките и еден Клинички центар.
Потсетуваат дека за истото ЛДП се залагаше и во претходната Влада, а истата веќе има донесено Одлука за имплементација.
„Имено, се работи за позајмица на една од програмските определби на ЛДП, која е дел од мноштвото партиски програми за која партијата активно се залага, истакната на голем број настапи на партиските функционери и претставници во Собранието.
ЛДП уште во 2011-та година посочи на придобивките од воведувањето на радикална реформа во гломазните, неефикасни и скапи државни институции, што значи намалување на бројот на пратеници, кратење на министерства и спојување на институциите од слични сфери“, велат од партијата.
Потсетуваат дека со ваквата реорганизација и рационализација на државниот апарат се добива оптимизиран и ефикасен државен систем, од кој бенефит ќе имаат граѓаните.
„Недозволиво е граѓаните да штедат, а политичарите и институциите да живеат во благосостојба. Во Собранието, остануваме да се бориме за Македонија да стане една изборна едница со отворени листи за избор на советници за поквалитетни претставници на граѓаните, намалување на паушалите на членовите во управните и надзорните одбори во кои истите се екстремно високи и укинување на функцијата заменик директор. Го потсетуваме Мицкоски покрај мерките за намалување на бројката на пратеници, директори, укинување на заменици директори и членови на управни одбори, да размислува и на темата за воведување на една изборна единица на територија на целата држава. Со воведување на една изборна единица и отворени листи значително ќе се подобри и ќе се рационализира изборниот систем“, се истакнува во реакцијата на ЛДП.
Додаваат дека ЛДП, како современа и отворена партија на идеи, нема да бара благодарност туку доследност доколку се позајмат квалитетни решенија од нашите програми од страна на ВМРО-ДПМНЕ, затоа што кога се работи за доброто на граѓаните, сите цели и напори стануваат заеднички.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Да не се потпаѓа на шпекулации, Македонија продолжува со дијалог, велат од Транспорт за проблемот со превозниците
Министерството за транспорт апелира да не се потпаѓа на шпекулации и секаков вид непроверени информации кои може да наштетат на дијалогот, а особено не на шпекулации од соседните држави. Секоја држава одлучува за себе, Македонија продолжува со дијалог за трајно решение, соопштија од Министерството по најавата на балканските превозници за нови блокади на границите.
„Во врска со престојот на превозниците во Шенген зоната би сакале да информираме дека во координација со Европската Комосија се работи на трајно решение. Ресорните министерства изминатиот период се во интензивна комуникација со ЕК со цел да се изнајде трајно решение. Министерството за транпсорт е во постојана комуникација со превозниците, како и со Европската комисија со цел изнаоѓање решение во рамки на новата визна стратегија која ја промовираше Европската Унија каде што се отвора можноста возачите да бидат третирани како професионалци како и можностите за друг вид визи“, соопштија од Министерството.
Од таму потенцираат дека е најавено одложување на примената на ЕЕС системот и дека активно сите чинители работат на решавање на овој проблем.
„Дијалогот со Европската Комисија е активен и сите можности се разгледуваат од страна на техничка работна група составена од сите ресорни министерства и претставници на Европската Комисија. Во следниот период разговорите продолжуваат со засилена динамика со цел наоѓање трајно решение кое е прифатливо за сите страни“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos
Македонија
Законот за пушење следната недела пред Владата – фазната имплементација не значи одложување, појаснува Министерството за здравство
Министерството за здравство соопшти дека останува целосно посветено на донесување и имплементација на Законот за заштита од пушење, согласно законските рокови.
Во моментот, како што велат од Министерството, се финализира анализата на пристигнатите коментари од јавната расправа на ЕНЕР, како и ставовите доставени од засегнатите страни, институциите и бизнис заедницата, по што следната недела финалната верзија ќе биде доставена до Владата.
„Потенцираме дека овие усогласувања не ја менуваат суштината на законот. Целите остануваат јасни и непроменети: спречување на започнување со пушење кај младите и создавање генерации без никотинска зависност, заштита на работниците и граѓаните од пасивно пушење во затворени јавни и работни простории.
Во однос на наводите за „фазна имплементација“, појаснуваме дека тоа не значи одложување на неговата имплементација по усвојувањето во Собранието. Законот ќе стапи на сила по неговото донесување согласно законските рокови. Фазноста се однесува на начинот на примена во почетниот период, при што првата фаза ќе биде со засилен надзор, информирање и опомени. Целта е институциите, угостителите, и граѓаните да се адаптираат, да добијат јасни упатства и поддршка, а културата на почитување на правилата да се изгради одржливо на долг рок“, велат од Министерството.
Се додава дека остануваат отворени за комуникација и навремено информирање на јавноста за секој следен чекор од процесот.
Македонија
Герасимовски: Го чуваме редот и јавниот простор во Центар, 86 казни за непрописно паркирање за три дена
Комуналните инспектори и комуналните редари на општина Центар претходната недела изрекоа вкупно 86 казни за непрописно паркирање на јавни и зелени површини, од кои досега 24 се платени.
Контролите се фокусирани на подрачјата на Дебар Маало и Градски ѕид, каде најчесто се евидентираат вакви прекршоци. Засилените контроли ќе продолжат и во наредниот период, известуваат од општина Центар.

На секое непрописно паркирано возило се остава известување за сторен прекршок, а казната изнесува 50 евра, согласно Законот за комунални дејности и Одлуката за комунален ред на Општина Центар. Доколку прекршочниот платен налог се подигне и се плати во рок од осум дена, сторителот има можност да плати половина од износот на изречената казна.
„Редот мора да се почитува, а безбедноста на пешаците и заштитата на јавниот простор се наши приоритети. Апелирам до сите граѓани да ги почитуваат законите и прописите за сообраќај и комунален ред, за да имаме уредна, безбедна и хумана средина за сите,“ рече градоначалникот Горан Герасимовски.
Општина Центар ги повикува граѓаните да ги почитуваат законите и прописите за сообраќај и комунален ред, со цел заштита на пешаците и јавниот простор.

