Македонија
ЛДП: Преку измени на Законот за основното образование до вработување на неопределено време за сите образовни асистенти
Либерално-демократската партија (ЛДП) во наредниот период ќе предложи измени на Законот за основно образование со цел вработување на образовните асистенти за децата со попреченост на неопределено работно време.
Околу 1300 ученици со попреченост во земјата наставата во основното образование ја следат со поддршка од образовна асистенција. Затоа, Министерството за образование и наука секоја година, преку петте основни училишта со ресурсен центар, вработува околу 1000 образовни асистенити кои имаат завршено високо образовани од областа на педагошките науки. Овие образовни асистенти се вработуваат на определено време до крајот на училишната година, а пред почетокот на наредната училишна година се објавуваат нови огласи.
„Ваквиот начин на ангажирање на овој многу потребен кадар во училиштата предизвикува низа проблеми, како што се случи и оваа учебна година, кога децата со попреченост не беа во можност да ја започнат навремено училишната година поради прекинатите договори на образовните асистенти. Понатаму, во текот на училишната година често се случува некои од образовните асистенти да ја напуштат работата поради нерешен статус, што влијае негативно на децата, кои веќе се навикнале на својот асистент“, велат од ЛДП.
За трајно решавање на овој проблем, партијата најави дека ќе предложи амандман за измени на Членот 10 од Предлог-Законот за изменување и дополнување на Законот за основно образование, со кој се дефинираат измените на член 19 став 7, кој ќе гласи „Образовните асистенти се вработуваат на определено или неопределене време во основните училишта со ресурсен центар. Средствата за образовните асистенти се обезбедуваат од Буџетот на Министерството“.
На овој начин, како што додаваат од партијата, ќе се овозможи образовните асистенти кои се истакнале во својата работа да се вработат на неопределено време, со што ќе се зголеми мотивацијата на истите и ќе се подобри квалитетот на услугите кои ги даваат, истовремено намалувајќи го оптоварувањето на основните училишта со ресурсен центар, кои секоја година во летниот период објавуваат огласи за вработување на повеќе од 200 образовни асистенти.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Јаневска во МАНУ: Квалитетот на високото образование драстично опадна, тоа мора да го промениме
Она што најмногу се коментира за Предлог законот за високото образование се условите за напредување во звања. Ако направиме споредба, не се високи како во други европски земји. Но, мора да ги поткренеме, затоа што откако беа укинати со законот од 2018 година, квалитетот на високото образование драстично опадна и тоа мора да го промениме. Го разбирам стравот на академската заедница, разбирам дека од една фаза треба да поминеме во друга, но критериумите кои ги предлагаме се достижни.
Ова го истакна министерката за образование и наука Весна Јаневска на дебата во МАНУ посветена на новиот Предлог закон за високото образование.
„Улогата на високото образование е да создава јавно добро, да создаде интелигенција која понатаму ќе ја развива државата. Да создава стручни, компетентни, но и емпатични и морални личности кои во иднина ќе обезбедат општествен просперитет. Од друга страна државата ги финансира високообразовните установи и оттука, треба да бара отчетност за трошењето на средствата и одговорност за постигнатите резултати“, рече Јаневска.
Законот, потенцираше министерката, нуди меритократија, интернационализација и мотивација за соработка која недостасува кај академскиот кадар, вклучително и научноистражувачка работа која е неделива од образовната. Рече дека предлог законот има можност за доработка, односно некои одредби ќе се променат по сугестиите на академската заедница.
Според неа, треба да се довршат сите јавни расправи, и потоа, кога ќе биде сé што треба коригирано, законот повторно ќе биде објавен на ЕНЕР неколку дена, по што ќе влезе во владина процедура. Јаневска информираше и дека во текот на вчерашниот ден е објавен и Предлог законот за научно-истражувачка дејност. Членовите на МАНУ се согласни дека се потребни промени во високото образование, напоменувајќи дека сите забелешки кои ги имаат за законот, неделава ќе бидат доставени до Министерството за образование и наука.
Македонија
Стоилковиќ – Мацура: акцентот на родовата еднаквост, заштитата на жените од насилство и унапредувањето на нивното економско и политичко учество
Потпретседателот на Владата на РС Македонија и министер за односи меѓу заедниците, Иван Стоилковиќ, денес оствари работна средба со Татјана Мацура, министерка без ресор задолжена за родова еднаквост, спречување на насилството врз жените и економско и политичко зајакнување на жените во Владата на Република Србија.
На средбата беше изразена заедничката определба за продлабочување на соработката меѓу двете земји, со посебен акцент на точките кои нè спојуваат во областа на родовата еднаквост, заштитата на жените од насилство и унапредувањето на економското и политичкото учество на жените, како и за зајакнување на институционалниот дијалог по овие прашања.
Соговорниците разговараа за значењето на интегрирањето на родовата перспектива во политиките што се однесуваат на заедниците, имајќи ја предвид потребата од еднаков пристап до права, услуги и можности за сите граѓани, вклучително и жените од различни етнички и социјални средини. Посебно внимание беше посветено на економското јакнење на жените како предуслов за нивна поголема општествена вклученост и намалување на ранливоста.
Во таа насока беа разгледани можностите за понатамошна соработка преку размена на искуства и добри практики, експертска комуникација меѓу надлежните институции и иницирање заеднички активности во рамки на регионалните иницијативи.
Средбата беше оценета како конструктивна со изразена подготвеност за редовна комуникација и конкретни чекори во насока на зајакнување на билатералната соработка меѓу земјите во областите од заемен интерес.
Македонија
Општина Бутел започна изградба на 40 пешачки и пристапни патеки во Скопје Север
Општина Бутел денеска (23 февруари 2026) започна активности за изградба на 40 пешачки и пристапни патеки до станбените згради во населбата Скопје Север.
Градежните работи опфаќаат реконструкција на пристапните влезови до станбените објекти на улиците „Боро Менков“, „Лазо Москов“, „Гоце Стојчевски“ и „Костурска“.
Од општината информираат дека новите пешачки патеки ќе го олеснат движењето на граѓаните и ќе придонесат за спречување на поплавување на влезовите на зградите.
Реализацијата на проектот, како што наведуваат, претставува исполнување на предизборните ветувања на градоначалникот за еднаков и рамномерен развој на сите населени места во општината.

