Македонија
ЛДП со иницијатива за украинските топоними, Киев е Киив
Иницијатива за донесување на Одлука на Владата за употреба на локалните топоними за населените места во Украина на украински јазик, со нивна транслитерација на македонски јазик, поднесоа ЛДП под водство на Емил Кирјас и потпретседателката Моника Зајкова.
Тие иницираат наместо Киев треба да се употребува Киив, наместо Запорожје треба да се употребува Запорижија, наместо Луганск треба да се употребува Луханск, наместо Мариупол треба да се употребува Мариупиљ, наместо реката Дњепар треба да се употреби Днипро, и други примери.
„Воедно, предлагаме Владата да донесе одлука конечно да престане да се употребува неприфатливото именување на Република Беларус на македонски јазик како „Република Белорусија“ за што белaрускиот народ, како што самите се нарекуваат (а не белорускиот!) и државата веќе се имаат изјаснето со соодветни јазични, законски и уставни измени. Препорачуваме, во македонскиот јазик исто така да се употребува и уставното име „Република Латвија“ наместо досегашното име преземено од руското наименување „Република Летонија“, се вели во соопштението на партијата.
Во иницијативата има и предлог до Министерството за надворешни работи, во најкус можен рок, а во соработка со Амбасадата на Украина во Скопје, да и предложи на Владата соодветна одлука во оваа насока, со која ќе им се наложи на сите институции во државата да ги користат украинските топоними во македонскиот јазик. Императив според Зајкова и Кирјас е сите овие одлуки да се донесат пред преземањето на претседателството на ОБСЕ од страна на Р.С. Македонија на 01 јануари 2023 година.
„По посетата на Украина на крајот на август оваа година, во екот на руската агресија, ни беше предочено дека реализацијата на руската експанзионистичка и империјалистичка политика во доктрината на непризнавањето на украинскиот јазичен и етнички идентитет се манифестира и преку употребата на руските топоними за украинските населени и географски места, наместо на соодветните украински топоними. Таа практика може да се забележи во официјалната употреба за топонимите за населените места во Украина и на македонски јазик“, велат од партијата.
Владата на Македонија, додаваат од оваа партија, ја осуди руската агресија врз Украина, а Собранието речиси едногласно донесе Декларација со осуда на руската инвазија и поддршка на Украина, а Генералното Собрание на ОН во два наврати ја осуди руската воена интервенција, а воедно ги прогласи таканаречените референдуми и последователната еднострана анексија на суверена украинска територија од страна на Русија како неприфатлива и нелегална, и побара напуштање на руските воени сили на Украина.
„Македонскиот народ и македонските граѓани имаат морална обврска да застанат во целосна одбрана на украинскиот национален и етнички идентитет и самобитност. Тоа е врвен македонски национален интерес. Со одбрана на украинскиот идентитет и самобитност, се брани воедно и македонскиот идентитет и самобитност, како и вековното опстојување на двата идентитети“, додаваат од партијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Владата на Мицкоски да најде пари за 600 евра минимална плата за работниците, бара СДСМ
„Не може да има пари за криминални тендери, а да нема за работниците. Наместо изговори за да не ги покачи платите, Владата на Мицкоски да обезбеди пари за зголемување на минималната плата за 600 евра“, велат од СДСМ.
„Македонија денес има најниска минимална плата во регионот и во Европа. Последиците веќе се гледаат. Квалификувани работници од Македонија на големо заминуваат во странство, младите се иселуваат, а кај нас се увезуваат „економски работници“.
За време на владеењето СДСМ парите завршуваа кај граѓаните, ја зголемивме минималната плата од 8.000 денари на над 20.000 денари а просечната плата од 22.000 денари на над 42.000 денари.
Имајќи ја предвид сè потешката економска положба на работниците и барањата на Сојузот на синдикатите, СДСМ подготви нови законски решенија за: зголемување на минималната плата на 600 евра и замрзнување на платите на функционерите.
Еве законско решение на маса, сега ќе се види кои партии ќе бидат на страната на работниците, а кои ќе останат на страна на тендерите“, соопшти СДСМ.
Македонија
ЛДП: Европските либерали ја поддржуваат Македонија, ја поддржуваат демократијата и ја поддржуваат Либерално-демократската партија
Групата на либерали и демократи од Европа (АЛДЕ) во Парламентарното собрание на Советот на Европа во Стразбур јасно и недвосмислено говореа и ја поддржаа одлуката за затворање на пост-мониторинг дијалогот со Северна Македонија, оценувајќи дека земјата направила значителен демократски и институционален напредок, извести ЛДП.
„Ја поздравуваме одлуката за затворање на пост-мониторингот за Северна Македонија, тоа е резултат на долгорочни реформи и јасна европска ориентација, при што либералната политика и ЛДП имаат значајна улога во тој процес”, истакнаа од АЛДЕ.
„Оваа одлука претставува силно европско признание за патот по кој треба да се движи државата и јасен сигнал дека проевропските и либерални политики се исправниот избор за иднината на Северна Македонија.
Во своето обраќање, европските либерали нагласија дека Северна Македонија денес функционира како демократија во која, во најголем дел, се почитуваат основните човекови права и слободи, а соработката со Советот на Европа е стабилна и конструктивна.
Пратениците од АЛДЕ посебно истакнаа дека затворањето на пост-мониторингот не значи затворање на надзорот, туку почеток на нова фаза на демократска зрелост, отчетност и одговорност, во која владеењето на правото, независното судство и борбата против корупцијата остануваат клучни приоритети.
Во овој контекст, европските либерали уште еднаш ја потврдија својата долгогодишна и принципиелна поддршка за Либерално-демократската партија (ЛДП) и за либералните вредности во Северна Македонија, кои континуирано претставуваат двигател на европските реформи, заштитата на човековите права и развојот на отворено и демократско општество.
Либералите во Европа потенцираа дека ЛДП останува нивен кредибилен партнер во Македонија и важен носител на либералната визија за слободно општество, силни институции, еднаквост и почитување на човечкото достоинство.
Посебно внимание беше посветено на заштитата на правата на малцинствата, вклучително и правата на маргинализираните групи, како и на обврската за целосна примена на пресудите на Европскиот суд за човекови права, при што беше нагласено дека овие прашања се суштински дел од европската интеграција“, се наведува во соопштението на ЛДП.
Македонија
Делови од Шуто Оризари и Карпош денеска без струја
Од ЕВН Македонија известуваат дека денеска без електрична енегија ќе останат:
– во периодот од 09.00 до 15.00 часот, дел од корисниците од улицата Македонско Косовска Бригада лоцирани спрема подвозникот кај Визбегово, како и дел од корисниците од улицата Индира Ганди, лоцирани покрај пруга кај подвозникот, општина Шуто Оризари;
– во периодот од 09.00 до 15.30 часот, дел од корисниците од улицата Фјодор Достоевски, општина Карпош.

